Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека на работната вечера во Брисел организирана од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта ќе ја предложи идејата за прифаќање на сите кандидати од Западен Балкан заедно во ЕУ како полноправни членки.
„Ако прифатите еден, или двајца, или тројца од нас, што ќе правиме со останатите? Како ќе се справиме со тоа? Како ќе ги решиме сите отворени прашања?“, рече Вучиќ на панелот насловен „Европска конкурентност во фрагментирана геополитичка средина“, што се одржува на форумот BELTALKS во организација на GLOBSEC.
Меѓутоа, оваа идеја не е прифатлива за Црна Гора, кој според извештајот за напредок, покажа најголем степен на подготвеност за влез во ЕУ од сите земји од Западен Балкан.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, изјави дека Подгорица ќе чека на други кандидати од регионот како полноправна членка на Европската унија (ЕУ) во 2028 година.
„Се согласувам дека ЕУ треба да биде крајната дестинација за целиот Западен Балкан. Сепак, ќе ве чекаме таму веќе во 2028 година и навиваме навистина да побрзате и да ги забрзате другите кандидати од околината“, напиша Спајиќ на мрежата X.










