Едно лице загина, а 37 други се повредени, од кои петмина потешко, кога патнички воз „Родалиес“ излета од шините во вторник вечерта кај Барселона, објави Ел Паис. Возот удрил во потпорен ѕид кој се урнал на шините, очигледно поради ерозија предизвикана од обилните дождови во последните денови. Железничкиот сообраќај во Каталонија е прекинат на сите станици и линии. Според официјалната веб-страница, нема да биде обновен се’ додека „не се завршат инспекциските работи на инфраструктурата“. Најмалку тројца членови на каталонската влада отпатувале на местото на настанот.
Итната медицинска помош им пружила помош на 37 повредени патници. Петмина се во сериозна состојба, шест во полесна состојба, а 26 со полесни повреди. Според информациите дадени од противпожарната служба, повеќето од повредените биле во првиот вагон, кој претрпел најголеми последици од ударот во ѕидот.

Останува нејасно дали починатиот бил машиновозачот или еден од двајцата машиновозачи-приправници, кои исто така биле во кабината во времето на несреќата. Единаесет единици од Итната медицинска помош и заедничка единица со Противпожарната служба се испратени на местото на настанот. Услугата на линијата R4 е суспендирана. Првичните хипотези во врска со причината за несреќата, според официјални извори, укажуваат на обилните дождови што ја погодија Каталонија во последните денови како причина за дестабилизацијата на потпорниот ѕид.
Првиот извештај за несреќата беше поднесен до службите за итни случаи (112) во 21:02 часот. Според првичните извештаи, возот R4 што сообраќал помеѓу Сант Висенс де Калдерс и Манреса удрил челно во потпорен ѕид кој очигледно се урнал врз шините. Инспекторот за пожар Клауди Гаљардо објасни дека ѕидот се урна поради лизгање на земјиштето. На местото на несреќата, обилни дождови паѓаа речиси цела измината недела, при што се измерени вкупно 100 литри. Само во вторникот наврнаа 24 литри. Пожарникарите објаснуваат дека насобраната вода одиграла улога во уривањето на ѕидот, покрај евентуалните структурни проблеми што можеби ги имала инфраструктурата.
Противпожарната служба, која распореди 70 лица во областа, објави преку социјалните медиуми дека потпорниот ѕид е зајакнат за да се спречи понатамошно уривање. Тие, исто така, мораа да извлечат еден од повредените, кој беше заробен во внатрешноста на уништениот воз. Повредените се однесени во околните болници.
Два дена порано, на 18 јануари во јужна Шпанија, брз воз кој сообраќал на релација Малага–Мадрид излетал од шините и удри во друг, при што 39 лица загинаа, а 152 се повредени. Шпанија е во тридневна жалост.
Извор: Ел Паис










