Деновиве се наврши една година откако заврши 18-дневната граѓанска блокада на градската депонија над Кочани, кога деноноќно насобрани граѓани ги спречуваа камионите да го истураат ѓубрето. Блокадата беше знак на граѓански отпор по денови, недели и месеци на интензивен чад од депонијата, која од високите делови кај село Бели, каде се наоѓа, буквално ја обвиткуваше целата Кочанска котлина, од границите на Виница па се’ до Штип.
Одборот на граѓанската иницијатива ѝ даде шанса на Општината Кочани да го реши проблемот, како што вети – повеќе да не се одложува отпадот од соседните општини и надзорно тело да врши постојан мониторинг на депонијата. И тогаш и сега граѓаните го имаат истото стравување – последиците по здравјето.
Граѓаните изнесоа податоци за постојаниот пораст на бројот на заболени од рак на белите дробови поради постојаното загадување на воздухот и честите респираторни заболувања кај децата како последица.
Што се смени по една година?
Една година подоцна продолжи да се носи отпадот од околните општини, вклучително и од најголемата депонија од околината – таа од Виница, која сега е конзервирана по сите стандарди. Разликата од протестите до сега е што Општина Кочани почна да наплаќа од помалите општини за депонирањето на отпадот. Дали вредеше граѓанскиот отпор? Од овој аспект, еден од активните граѓани на тој отпор, Благица Сабовљевиќ вели дека останува горкото чувство дека се изиграни, затоа што затворањето на локалните градски депонии е дел од европски проект за изградба на регионална депонија кај Мечкуевци, која одамна требаше да биде готова. Но, додека локалните депонии се затвораат, регионалната фабрика за преработка на отпад не е ни почната да се гради.

-Жал ми е што тој проект не може да добие завршница во Мечкуевци и сочувствувам и со тој народ што дава отпор. Овој наш народ ја изгуби довербата во институциите. Знаеме дека тие фабрики се напредни, дека се добри за обработување на отпад, меѓутоа секогаш кај нас во такви проекти има некоја затворена врата што не допира до граѓанинот и секогаш се плашиме дека сме злоупотребени. Како што бевме злоупотребени во европскиот проект, од таа експертиза што ја дадоа за депонијата, за кочанската депонија дека е од низок ризик. Тоа е ноторна лага. Тоа е срам за стручњаците што дале таква квалификација „од низок ризик“ за да биде регионална. За некој да си заврши работа амбициозно, знаејќи дека нема тој проект да добие завршница, изјави Благица Сабовљевиќ.
Најавената регионална депонија кај Мечкуевци е проект од 2012 година и според плановите, овој преработувачки капацитет требаше да биде завршен и предаден во употреба оваа година. Меѓутоа, објектот не е ни почнат. Минатиот месец пропадна првиот меѓународен тендер за изградба на фабриката за преработка на отпад, додека од Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање најавуваат нов, до крајот на годината. Во меѓувреме, се’ е по старо.
За регионалната депонија која е најавена дека ќе работи според европските стандарди, обезбедени се 40 милиони евра, грант од Европската унија од Програмата за акција за животна средина и клима (2014-2020). Оваа регионална депонија е планирано да опслужува 370.000 жители од 18 општини од Источниот и од Североисточниот регион со капацитети за селектирање и преработка на речиси 100.000 тони отпад годишно. Постројката ќе има посебни погони за рециклирање на метален отпад, отпад од хартија, пластика, стакло, додека градинарски отпад ќе се компостира и потоа ќе се користи како ѓубриво. Од целиот процес ќе се изолира и биогас како енергенс.

Екологистите од регионот, како и вљубениците од планината стравуваат дека последиците од несоодветното депонирање на отпад се многу поголеми од тоа што е видливо за човековото око и поради влијанието на климатските промени следени со големи горештини. На пример, јавно не се зборува за последиците од депонирањето на никел кадмиум батериите или слични на нив елементи, односно уреди кои што содржат елементи со долг полупериод на распаѓање. Научен факт е дека овие елементи имаат штетно влијание под почвените води, површинските води, површинските слоеви од земјата и мора да бидат безбедно одложени. Но, наместо одлагање, завршуваат на депониите.
Како под вршник со климатските промени
Поради тоа, граѓаните прашуваат што е со остатоците што се таложат во почвата, особено што кочанската депонија, како и неколку други во регионот се многу блиску до водоснабдителните системи, од каде вода пијат граѓаните на повеќе општини. Особено што со секое лето источниот регион од Македонија е како под вршник.
Климатските промени, следени со суша и температури над 40 степени Целзиусови за депониите значат често чадење поради запалливоста на метанот што се издвојува од органскиот отпад. Земјоделскиот инженер м-р Васко Златковски го објаснува овој процес на влијание на високите температури врз депонираниот отпад.
-Органската материја при своето распаѓање одвојува два значајни елементи, тоа се течности и гасови. При распаѓањето на органската материја, со одделувањето на течноста, доколку не е соодветно направено местото каде што треба да се врши компостирањето, се врши загадување на подпочвените води, бидејќи водата понира во подземните слоеви, каде што непречено се движи. Од друга страна, распаѓањето на органската материја ослободува гас – метан, кој што има двојна негативна улога. Прво е отровен гас, второ е експлозивен гас кој што може да се самозапали и трето може да експлодира, вели Златковски.

Ова е објаснувањето за палењето и чадењето на депониите. Најопасниот дел доаѓа од метанот што се ослободува. Метанот кој се задржува во оние набиени веќе слоеви и до педесетина метри длабочина на ѓубре коешто е со децении набивано на одложиштето, е заробен во почвените слоеви. Како што објаснува Златковски, при услови на зголемена температура, како последица на климатските процеси, ако порано површината која се загревала од директната сончева изолација, сега веќе благодарение на жешките ветришта, по зголемените температурни вредности, директна сончева изолација, веќе се спушта подолу и ја достига благодарение на распагањето на органската материја, која што е присутна внатре, доаѓа до постигнување на температура на самозапалување. Златковски пластично го објаснува ефектот на метанот и последиците по животната средина.
-При услови на намалено присуство на кислород тогаш гори, ама не гори со отворен пламен, бидејќи за да гори со отворен пламен треба кислород, туку излегува чад, којшто е директна последица на согорување при намалено количини на кислород и доаѓа до директно загадување на воздухот, со непријатна миризба, зголемено присуство на јаглерод диоксид (CO2) и сите други оние материи кои се создаваат при процесот на согорување, како азот, амин оксид и така натаму. Значи, тоа е директното влијание на неодговорното постапување со отпадот кој се создава од човечката активност, објаснува Златковски.
Опасниот метан
Оттука стравувањето на граѓаните, вљубениците во планината и екологистите дека остатоците од отпадот се многу поштетни по природата и здравјето на луѓето. Во Извештај за стратегиска оцена за регионалната депонија, се укажува дека со климатските промени, депониите се значајни извори на метан (CH4), што се смета за моќен стакленички гас.
„Метанот се создава при анаеробно распаѓање на органски отпадни материи. Во услови на неправилно постапување со отпадот и депониските гасови (каде метанот доминира), активностите за постапување со отпад претставуваат значаен извор на метан. Инвентарот на стакленички гасови во секторот Отпад вклучува четири категории на извори на стакленички гасови: Депонии за цврст отпад, биолошки третман на цврст отпад, согорување и отворено горење на отпад и третман и испуштање на отпадни води. Депониите за цврст отпад се наоѓа во првите пет категории со најголеми вредности на извори и понори на емисии“, се вели во овој документ.
Резултатите покажуваат дека највисоко намалување на емисијата на стакленички гасови ќе се постигне со покривање на постојните диви депонии и отворање на регионалните депонии во периодот 2023-2029 година. Меѓутоа, на крајот на 2025 година, овие планови правени пред десетина година, се покажаа нефункционални. Од планираните пет плански стандардни депонии, вклучително и таа за источниот и североисточниот регион, ниту една не е почната да се гради.
Граѓаните со кои разговаравме стравуваат дека носењето отпад од една во друга општина може да ги влоши меѓуопштинските односи. Случајот со 18-дневната блокада на кочанската депонија, кога граѓаните физички не дозволија депонирање на отпад од другите општини го покажа тоа.
„Нивните депонии се затворени, а отпадот се префрли кај нас и се проценува дека количините на отпадот се зголемени за околу 50 отсто. Како трајно решение се гледа дислокација на оваа депонија и отворање на регионалната фабрика која треба да се отвори во Мечкуевци кај Свети Николе. Сепак, се наидува на отпор од страна на градоначалникот на Свети Николе Дејан Владев кој се изјасни против локацијата, а има незадоволство и од жителите на Мечкуевци кои не сакаат регионалната депонија, односно фабрика да биде таму, со што процесите се пролонгирани и тендерот веќе неколку пати е одложен поради тие причини“, изјави Ана Симонова, екологистка од здружението „Грин Орг“.

Конзервирана и затворена депонијата кај Виница
Сепак, недоволната информираност не е проблем само за граѓаните, туку и за општините и јавните претпријатија кои се вклучени во процесот на изградбата на депонијата. Претставници на 17 општини и јавно-комуналните претпријатија се дел од редовните состаноци на заедничкото претпријатие кое ќе управува со депонијата. Ѓорѓи Пејовски, кој е раководител на Одделението за локален економски развој во Општина Берово вели дека предолго се чека на изградбата на регионалната депонија.
-Делови од овој проект нецелосно се дефинирани. Во Берово е во фаза на затворање дивата депонија, има ангажирано компанија за тоа, но од друга страна се’ уште не го носиме отпадот во друга општина, како што е дефинирано. Но, огромен е застојот. 10 години е преголем период да чекаме, 10 години значи дека некој се родил и пораснал за тоа време, вели Пејовски.
Отпор од јавноста
Носечкото Министерство за заштита на животна средина и просторно планирање има објаснување за доцнењето. Одлагањето на процесот и забавувањето на проектот, раководителката на секторот отпад, Ана Каранфилова Мазневска го објаснува со опсежниот процес на мониторирање од Европската унија, со чии пари се реализира.
„Ова се долги и макотрпни процедури кои се строго мониторирани од Европската банка, бидејќи финансирањето е преку кредит, а постапките мора да се водат според нивните правила. Дополнителна пречка е отпорот од јавноста, не затоа што е целосно неоправдан, туку затоа што граѓаните не се доволно информирани. Затоа ќе продолжиме со активности за информирање и едукација, бидејќи ова е систем кој е нов за нашата земја, но неопходен за иднината,“ вели Каранфилова Мазневска.
Отпадот е третиот најголем извор на стакленички гасови во Македонија
Сите споменати процеси одамна требаше да бидат започнати. Ова го нотира и најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија каде без заобиколување се оценува: „Не е постигнат опиплив напредок во североисточниот и источниот регион, и покрај обезбедената значителна финансиска помош. Процесот сè уште е засегнат од недостаток на посветеност од локалните власти, како и од слабите меѓу институционални односи и донесување одлуки“, пишува во Извештајот.
Уште поостри се забелешките во делот за климатските промени, каде се забележува дека не се преземени никакви чекори за да се обезбеди целосно усогласување со Директивата на ЕУ за еколошка одговорност.
„Северна Македонија не започна истраги за кривични дела поврзани со животната средина (на пр., незаконско отстранување на опасен отпад), и покрај тоа што новиот Кривичен законик е во сила повеќе од една година. Мониторингот на животната средина не ги исполнува стандардите на ЕУ, стои во Извештајот.
Случај Никшиќ – Црна Гора
Ова што се случува со депонирањето на отпадот во Македонија, не е ништо поразлично и во земјите од регионот. Во Црна Гора во регионот на Никшиќ дојде до сериозна комунална криза со запалената депонија, по што следеше одлука за депонирање на отпадот во Подгорица и затворање на никшикчката депонија. Општинското собрание на Никшиќ донесе одлука за начинот на одделно собирање на комуналниот отпад за преработка, за што надлежното министерство даде согласност. За непочитување, предвидени се и глоби во износ и до 10.000 евра. Одлучено е и со обезбедените средства од Светска банка да се изгради Центарот за отпад во Никшиќ.
Депониите ќе се затворат, но метанот може да има сериозни последици врз нашето здравје, додека никој не анализира што останало во почвата под напластениот отпад, е ставот на Ивана Чогуриќ, една од основачите на „Екопатриотизам“, движење кое се бори против загадувањето на природните простори во Црна Гора. Особено што во непосредна околина течат реки со питка вода. Чогуриќ смета дека на граѓаните треба да им овозможат услови да покажат грижа за отпадот.
-Кога месните заедници ги претовириме во културно – едукативни единици какви што некогаш беа, се’ додека не станаа партиски клетки, кога ќе ги уважиме проблемите на граѓаните, кои ќе се пожалат на својата месна заедница па на повисоко ниво тргнеме да ги решаваме тие исти граѓански проблеми со некои иновативни методи, позитивни примери од регионот или пошироко, можеби и кај самите граѓани ќе се развие воља да ја погодат кантата за ѓубре и контејнерот, но таа канта и тој контејнер за сортирање на отпадот. Бидејќи, се’ додека сите видови на отпад ги ставаме во ист кош, едноставно сакаме живот со бројни незгоди. Имаме големи шанси болниците да ни станат сместувачки капацитети во кои нема да има место не само за нас туку и за најмладите членови на нашето општество, кои го жнејат тоа што ние повозрасните колективно го посеавме, изјави Чогуриќ.
Жителите на источниот регион од Македонија се пред реална шанса да добијат современ капацитет, кој ќе гради еколошки навики за постапување на отпадот. А со тоа и помалку отпад кој ќе прави штета и по природата и по здравјето на граѓаните. Но, паралелно и бараат одговори, кои засега ги нема – какви штети доживуваме последните години со горечкиот отпад во комбинација со силно изразените климатски промени.

Македонија има преземено формална обврска на кон UNFCCC конвенцијата (Рамковна конвенција на Обединетите нации за климатски промени). Оваа конференција бара редовно ажурирање на податоците за стакленички емисии кои меѓу другото ги вршат и депониите со метанот, врши оцена на ранливоста и адаптацијата кон климатските промени и анализа на можностите за ублажување на климатските промени. Засега, граѓаните добиваат само генерални препораки, но не и бараните одговори.
Весна Коловска
Фотографии: Кире Андонов
Произведено со поддршка на MEMO 98 и УНЕСКО во рамките на проектот „Дигитални алатки и вештачка интелигенција за известување за клима и катастрофи“, во соработка со Vijesti (Црна Гора)





