За билет од Тетово до Скопје месечно се плаќа повеќе од државната стипендија – поскапиот превоз е нов товар за студентите

Студентите кои секојдневно патуваат од другите градови до местото на студирање се соочуваат со сè повисоки трошоци за превоз.
  • Поскап меѓуградскиот превоз: Тетово–Скопје сега чини 250 денари во еден правец, а месечниот билет достигна 6.500 денари – повеќе од државната студентска стипендија од 6.050 денари
  • Возот е поевтин, но недостапен: Повратниот билет Куманово–Скопје со воз е 140 денари, наспроти 400 денари со автобус, но има само два воза дневно, а во недела нема сообраќај. За Тетово воопшто нема патнички возови.
  • Студентарија“ бара субвенциониран меѓуградски превоз, повеќе железнички линии и повторно воведување финансиска поддршка за студентите кои патуваат до местото на студирање.

Од 1 септември поскапеа билетите на дел од меѓуградските автобуски линии кон Скопје, токму пред почетокот на новата академска година. На ова укажуба платформата „Студентарија“, која добила бројни реакции од студентите, дека поскапувањето на превозот е нов товар по нивниот буџет.

Од Тетово до Скопје билетот во еден правец сега чини 250 денари, наместо досегашните 200, додека повратниот билет е 500 денари. На релацијата Куманово – Скопје, билетот во еден правец поскапе од 170 на 200 денари, а повратниот чини 400 денари.

Слушајте радио во живо

Уште поголем е товарот за студентите кои користат месечни билети. Месечниот билет Тетово – Скопје сега чини 6.500 денари, Куманово – Скопје 6.000, а Гостивар – Скопје 8.000 денари.

Месечниот билет од Тетово поскап од студентската стипендија

Од „Студентарија“ велат дека за студентите ситуацијата е особено тешка, бидејќи најголем дел од нив не работат или работат со скратено работно време.

Според податоците наведени во нивното соопштение, државната студентска стипендија за 2025/2026 година изнесува 6.050 денари месечно. Тоа значи дека месечниот автобуски билет од Тетово до Скопје е поскап за 450 денари од целата стипендија.

Прочитајте и за ова:

„Се печеш по нивите а не можеш да заработиш за леб“ – Кои се Никола и Јана од Доброшинци од „Приказната за Силјан“

Студентите од Куманово за превоз месечно плаќаат речиси колку што изнесува државната стипендија, додека оние кои патуваат од Гостивар плаќаат значително повеќе.

Истовремено, редовните студенти на прв циклус на државните факултети во Скопје имаат право на бесплатен годишен билет за градскиот превоз.

Од „Студентарија“ ја поддржуваат оваа мерка, но предупредуваат дека таа создава разлика меѓу студентите зависно од местото од кое доаѓаат.

Возот е поевтин, но нема доволно линии

Како една од можните алтернативи се посочува железничкиот превоз. Според официјалниот ценовник на ЖРСМ Транспорт, младите до 26 години имаат 30 проценти попуст на патничките возови.

Според доставените податоци, повратниот билет со воз од Куманово до Скопје чини 140 денари, наспроти 400 денари со автобус. Но проблемот е во редовноста на железничкиот сообраќај.

Според возниот ред што важи до 12 декември 2026 година, меѓу Скопје и Куманово сообраќаат само два воза дневно во секој правец, а во недела нема возови.

За релацијата Скопје – Тетово, пак, во актуелниот возен ред воопшто нема патнички возови.

Државата претходно субвенционираше дел од превозот

„Студентарија“ потсетува и дека во академската 2023/2024 година Министерството за образование и наука имаше мерка за финансиска поддршка на студентите кои живеат надвор од местото на студирање.

Поддршката изнесуваше колку месечниот билет за меѓуградски превоз, но не помалку од 600 и не повеќе од 1.200 денари месечно, во период од седум месеци. Мерката ја користеле околу 15.000 студенти, со вкупен буџет од околу два милиони евра.

Мерката не продолжила и во следната академска година.

Од организацијата потсетуваат и на Националната стратегија за млади 2023–2027, во која е предвидено намалување на цените на меѓуградскиот автобуски превоз за средношколци и студенти, како и зголемување на редовноста на линиите.

Прочитајте и за ова:

Функционално неписмени ученици покажа новото ПИСА тестирање – ако е за утеха пад има во повеќе ЕУ земји

Студентите бараат трајно решение

„Студентарија“ предлага зголемување на бројот на возови на релацијата Скопје – Куманово, воведување сообраќај и во недела и повторно воспоставување на патничкиот железнички сообраќај на релацијата Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево.

Меѓу предлозите се и студентски месечни железнички карти по субвенционирана цена или бесплатен превоз со воз во текот на целата академска година.

Од организацијата бараат и повторно воведување финансиска поддршка за студентите кои живеат надвор од местото на студирање, но усогласена со актуелните цени, или воспоставување траен систем на субвенциониран меѓуградски студентски превоз.

Според „Студентарија“, пристапот до високото образование не завршува со уписот на факултет, туку подразбира и можност студентот да стигне до него.

„За илјадници студенти, до факултет треба и да се стигне“, порачуваат од организацијата.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ