Со гала концерт на Националната опера и балет закажан за в петок, во 20 часот во Домот на културата „Ацо Шопов“, во Штип ќе биде одбележана стогодишнината од изведбата на првата опера во Македонија. Операта „Палјачи“ беше изведена на 29 август 1925 година во Штип.
Под диригентската палка на Бисера Чадловска како солисти со оперски арии ќе настапат штипјанката со интернационална кариера Елена Голомеова, Павлина Новакова – Ѓеоргиев, Ристе Велков, Дешира Ахмети Крлиу, Александар Стефаноски, Зоран Сотиров и Ана Ројдева Талевска.

Гала концертот доаѓа една недела по денот на јубилејот. Пред сто години во Штип, на скалилата на влезот на тогашниот Офицерски дом (денешен Дом на млади), затоа што старата театарска зграда од 1870 година веќе била неупотреблива, била изведена операта „Палјачи“ од Руѓеро Леонкавало, Во нејзината изведба учествувале драматургот Душан Будимировиќ како режисер, професорот Сергеј Михајлов како диригент, пеачкото друштво „Единство“ со раководителот Драго Комарчиќ и солистичкиот ансамбал: Андреј Шчербаков како Канио, Благородна Бурева (Неда), Ристо Ѓорѓичков (Тонио), Славко Нетков (Силвио) и Глигорие Ќурчиски (Арлекин). Освен Андреј Шчербаков сите учесници во првата опера во Македонија е штипјани.







