Александар Ѓорѓиев, роден 1991 година, доаѓаше од тивкото Облешево.
Мирното и скромно момче кое многу го сакаше спортот, особено фудбалот, велосипедизмот и скијањето, беше миленик во кочанската чаршија, со неговиот дуќан – фотографското студио „Фото Ѓорѓиев“ во центарот на градот.
„Од неговото студио до локалите има 50 метри, но со него тоа растојание се минуваше за 15 минути“ – се сеќаваат неговите другари, кои велат дека речиси и да нема човек со кого Александар немало да застане да помуабети и дека сите сакале да поминат време со него.
Достигна голем успех со своето фото студио, фотографираше насекаде низ државата за разни настани, а имаше и голема и успешна соработка со многу фотографи од Штип, Пробиштип, Струмица и Скопје.
Многу ја сакаше транс музиката, помал постојано беше по настапите на големите светски ѕвезди. Како минуваа годините, се сврте повеќе кон спортот.
Многу го сакаше скијањето, беше многу умешен во тоа, ја имаше комплетната ски опрема и постојано беше на некој терен во зима, а и последната зима не ги пропушти ски стазите во Австрија и Словенија.
На 15 март неговиот другар Тоше Богданов го поканил на прослава за раѓањето на синот, по која заминале во дискотеката Пулс. Утрото по пожарот објавено е дека тројцата другари Александар Ѓорѓиев, Тоше Богданов и Ѓорѓи Величков се починати.
Александар замина на 33 години, но зад себе остави спомени на вреден, чесен и сакан млад човек.
Неговата харизма и грижа за другите остануваат аманет кој никогаш нема да биде заборавен од кочанчани.





