„Македонските тинејџери почнуваат да пушат на само 13 години“ – Со Мијовиќ Спасова за цигарите

Во земја во која речиси секоја третa возрасна личност пуши, алармантен е податокот дека сè повеќе млади во Македонија го прифаќаат чадот како дел од секојдневието уште од најрана возраст. Истражувањата на „Аналитика Тинк Тенк“ откриваат дека просечната возраст на започнување со пушење е околу 13 години – што ја става нашата држава меѓу земјите со најран почеток на оваа навика во Европа.

Во интервју за Канал77, Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика Тинк Тенк зборува за причините зад овој тренд, системските слабости во борбата против пушењето и ризиците што ги носат новите никотински производи.

Вашите анализи покажуваат дека младите во Македонија почнуваат да пушат уште на 13 години. Кои се главните фактори што придонесуваат за толку рано започнување со оваа штетна навика?

Почетокот на пушењето во адолесценцијата не е случаен. Тоа е комбинација на достапност, социјален притисок и перцепција дека пушењето е „нормално“ или дел од зрелоста. Кога цигарите се ефтино достапни, кога контролата на продажбата на малолетни е слаба, а општеството толерантно кон пушењето, резултатот е предвидлив – младите почнуваат рано.

Дополнително, недостасуваат доследни образовни и превентивни програми во училиштата, што создава простор за индустријата преку маркетинг и „нови производи“ да влијае врз младите.

Северна Македонија е меѓу земјите со највисоки стапки на пушење во регионот. Кои системски слабости најмногу придонесуваат за ваквите бројки?

Главните слабости се ниските цени на тутунските производи, недоволната примена на законот за забрана на пушење во јавни простори и отсуството на континуирани едукативни кампањи.

Дополнително, длабоко е вкоренетата општествена перцепција дека пушењето е „нормална“ и дури прифатлива навика – дел од традицијата и секојдневието. Тоа создава толеранција кон една штетна практика што во многу други земји одамна е недозволива.

Исто така, направивме чекор наназад со законската регулатива: во 2010 година за првпат беше воведена целосна забрана за пушење во затворени простори, која функционираше одлично, но во 2017 година Собранието ги измени одредбите на Законот за заштита од пушењето и повторно дозволи пушење на терасите на угостителските објекти. Тоа испрати погрешна порака и ја ослаби конзистентноста на политиката за јавно здравје.

Во јавноста често се промовираат електронските цигари како „побезбедна алтернатива“. Колку овие пораки влијаат врз младите и колку тие навистина се опасни според најновите истражувања?

Овие пораки се крајно опасни, бидејќи создаваат лажна перцепција на „побезбеден избор“. Научните студии јасно покажуваат дека и електронските цигари и загреаниот тутун ослободуваат штетни и канцерогени материи кои предизвикуваат сериозни оштетувања на белите дробови, кардиоваскуларни заболувања и зависност еднаква – а често и посилна – од онаа кај традиционалните цигари.

Дополнително, во Македонија овие производи се дозволени за употреба во затворени простори, агресивно се рекламираат и достапни се на секој чекор, што дополнително ја засилува заблудата дека се „здрав избор“. Тоа ја прави државата исклучок во регионот, со регулатива која не само што не ги ограничува, туку индиректно ги промовира.

Законот забранува продажба на тутунски производи на лица под 18 години, но во пракса ова правило често се крши. Кои механизми недостигаат за оваа регулатива да биде ефикасна?

Недостига систематски инспекциски надзор и реални санкции. Сè додека нема редовни контроли и казни што навистина се спроведуваат, оваа одредба останува само на хартија. Потребно е воведување на континуирани теренски проверки, транспарентно известување за прекршителите, за да се воспостави чувство на јавна одговорност.

Но, санкциите не се доволни без промена на свеста. Продавачите мора да разберат дека не се работи само за законска обврска, туку за заштита на здравјето на младите. Потребни се едукативни кампањи насочени и кон нив, и кон јавноста, за да се смени перцепцијата дека продажбата на малолетници е „безначаен прекршок“.

Дополнително, законската рамка мора да се осовремени: новите никотински производи (загреан тутун, е-цигари, никотински вреќички) сè уште не се доволно опфатени во законите. Овие правни празнини им овозможуваат на индустријата да ги пласира производите кај младите без реални ограничувања.

Кои конкретни препораки би ги дале до институциите за зајакнување на превенцијата и намалување на бројот на млади пушачи?

Потребно е да се зголемат акцизите на сите тутунски производи со цел да се намали пристапноста, особено кај младите. Истовремено, дел од приходите од акцизи треба да се пренаменат за програми за превенција и јавна едукација.

Неопходна е и измена на Законот за заштита од пушењето, со цел повторно да се воведе целосна забрана за пушење во сите затворени јавни простори, како што беше предвидено со првичниот закон од 2010 година. Ова е клучен чекор за враќање на јавниот интерес и здравјето во фокусот на политиките. Треба да се применуваат постојните закони, преку редовни инспекции, тајни купувања и транспарентно известување за прекршителите, со јасно дефинирани санкции и јавна одговорност.

Од големо значење и креирање на Национална програма за превенција во училиштата, која ќе ги вклучи наставниците, психолозите и родителите. Едукацијата мора да биде континуирана и интегрирана во наставата, а не само кампањска.

Исто така, мораме да имаме и програми за откажување од пушење, достапни и бесплатни – телефонски линии, советувалишта, психолошка и медицинска поддршка, со активно вклучување на матичните лекари и училиштата, ограничување на рекламирањето, промоцијата и видливоста на сите никотински производи, особено во близина на училишта и на интернет, како и мулти секторска координација – здравство, образование, финансии, царина и медиуми кои треба заеднички да креираат и спроведуваат политики. Превенцијата не е само здравствено, туку и економско и општествено прашање.

Колку овие трендови влијаат врз јавните политики и дали има политичка волја за справување со проблемот?

Во последниве години се забележува поголемо препознавање на проблемот, но реалната политичка волја сè уште е ограничена. Иако повеќето институции се согласуваат дека пушењето е и здравствено и економско прашање, практичните чекори често се одложуваат или остануваат на декларативно ниво.

Нашите анализи покажуваат дека државата губи значителни буџетски приходи поради неусогласеност на акцизните стапки за новите производи со ЕУ стандардите и поради слабата примена на законите. Истовремено, здравствените трошоци поврзани со пушењето растат — што ја прави оваа тема не само прашање на здравје, туку и на фискална одржливост.

Како гледате на пушењето во угостителски објекти?

Кога се дозволува пушење во кафулиња, ресторани или други објекти, тоа не е само прекршување на правилата – тоа е погрешна порака до младите дека законот не важи за сите и дека пушењето е „нормално“ и прифатливо.

За да постигнеме реален напредок, потребно е враќање на целосната забрана за пушење во сите угостителски објекти, јасни инспекциски контроли и санкции за непочитување на законот и јавна поддршка од граѓаните и бизнисите кои ја препознаваат вредноста на здравата средина.

Пушењето во затворени простори не е прашање на „слобода на избор“, туку на јавен интерес и заштита на здравјето. Само со конзистентни правила и општествена одговорност може да се создаде средина во која младите ќе растат со поинаков пример – дека почитувањето на законот и здравјето секогаш одат заедно.

Кристијан Трајчов

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА