Бројни реакции и различни толкувања во јавноста предизвика информацијата дека во собраниска процедура се законски измени со кои ќе се оданочат сите пратки до 22 евра. Познато е дека настана вистина треска по онлајн нарачки, особено оние од Тему, што веројатно ги предизвика институциите на реакција.
Владата предложи измени со кои се укинува даночното ослободување за пратки до 22 евра, а со измените на Законот за данок на додадена вредност, ќе се плаќа данок на сите производи што се нарачуваат од странство без оглед на нивната вредност. Тоа ќе ги поскапи сите нарачки за најмалку 18 отсто, додека граѓаните стравуваат од административен застој на нарачките.
Министерството за финансии, кое е предлагач на измените, објаснува дека ова се прави со цел „зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места“.
-Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании. Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените, се вели во соопштението на МФ.
Според ова Министерство, „измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар“.
Измените предвидуваат исклучок од даночењето да останат само „мали пратки од некомерцијална вредност“ испратени од физичко лице до физичко лице до 22 евра, при што забраната за алкохол, парфеми, тутун и слични производи останува.
Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) во првата половина од годинава македонските граѓани во странство направиле онлајн трансакции во вредност од 201 милиони евра односно 55,1 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година.
Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност што го предложила министерката Гордана Димитриевска Кочовска е во Собрание од 26 сепември на прво читање пред Комисија за финанасирање и буџет. Неофицијални најави се дека овој закон би се усволил веднаш по Локалните избори и новото даночење би стапило на сила во ноември.







