„Кој го доби, а кој го изгуби Кичево?“- Што вели Александар Јовановски, татко на сите националности

Старо и младо, луѓе од сите националности излегоа во неделата вечер, по вториот круг од локалните избори, да ја прослават победата на д-р Александар Јовановски. Како никогаш досега во Кичево се сплотија сите националности.

Знаејќи го тоа Јовановски уште вечерта на прославата им порача:

„Кичево мудро одбра, проекти и напредок во заедништво, пред поделби и неработливост. Време е за многу работа, време е за заедница, би рекол со живот и соживот. Не гласавте за мене како за Македонец, гласавте за мене како човек кој ќе ви пружи подобра иднина. Нема да правам етничка, политичка и верска разлика. Ние сите сме кичевчани.“

Канал 77 го посети Кичево два дена по изборите и со некои од нив со кои поразговаравме сите се сложуваат и очекуваат докторот, како што велат тие, да го „оправи градот, да не се мачат веќе како годините наназад кога градоначалник бил Фатмир Дехари, а како работел тој виделе во видеа на интернет“.

Во разобиличувањето на работењето на Фатмир Дехари, кадар на ДУИ, кои на овие избори бараше трет мандат од граѓаните, наводно кумуваше кичевски иселеник во САД, кој на социјалните медиуми се претставува под псевдоним Ел Чека. Тој самиот напиша дека дал 20.000 долари, сопствени средства за да купи и потоа постави камера во кабентот на градоначалникот Дехари. Пред изборите беа објавени десетина снимени материјали, по што Дехари јавно беше посочен како човек кој лошо се однесува кон некои од вработените жени во општината, а во одбрана на својата мајка отворено застана и млад кичевчанец. Секако, ова остана само на објави на социјалните мрежи.

Александар Јовановски влегува во градоначалничкиот кабинет со подеднакви очекувања и од Македонците и од Албанците во Кичево. Некои од политичките активисти, споредувајќи бројки од првиот и вториот круг на Локалните избори забележуваат, како што пишуваат дека „над 2000 албански гласови“ заминале кај „македонскиот кандидат“ Јовановски. Новинарот Фуркан Салиу, осврнувајќи се на победата на Јовановски, вели дека најзаслужен за победата е токму Фатмир Дехари.

„Тој и неговото друштво, буквално го претворија Кичево во пашалак каде султанот одлучуваше за сè. На кичевчани им дојде преку глава и тој гнев го изразија на изборните кутии – како што доликува на народ кој ја сака слободата и кој секогаш се борел против репресивни системи. ВМРО-ДПМНЕ не смее да ја прикаже оваа победа како етничка, бидејќи не е таква. Јовановски доби 11.682 гласа во првиот круг, а 14.205 гласа во вториот. Овие 2.500 дополнителни гласови се гласови на револт – гласови на чесни граѓани кои не му должат никому ништо и не ја трпат неправдата. Кичево ќе биде подобро без Фатмир Дехари и неговото друштво, напиша Салиу.

Новиот градоначалник, пак, не сака да се занимава (о)зборувања, туку вели дека најважно е да се среди градот и кичевчани да бидат среќни.

Тој негодува и на прашањето и поделбата „Кој го доби, а кој го изгуби Кичево?“

-Недозовливо е такво нешто да се зборува. Не знам кој го изгубил Кичево, бидејќи Кичево е на кичевчани. Кичево е наш град, град на сите што си го сакаме и на сите што живееме во него. Основна цел или основен мотив да се кандидирам за градоначалник е да им покажам и да им укажам на сите дека Кичево е наш заеднички град. Дека тука нема поделби на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Црногорци, Бошњаци.  Тука живеат разни националности.  Мотивот ми беше да покажеме дека крајно време е да престанеме со национализам и да почнеме со патриотизам. За мене патриотизам претставува љубов спрема ближниот и љубов спрема градот. Да покажеме чесна работа, проекти, да покажеме вредна работа. Да го направиме  Кичево подобро место за живеење, да успееме да донесеме инвеститори, да отвориме нови работни места, да се цени повеќе трудот на работникот, да се покачат платите и со самото тоа да ги привлечеме нашите млади да ни останат тука.  А се надевам некои, кои избегаа во странство, да успееме и да ги вратиме, вели Јовановски, а на прашањето како ќе успее во тоа додава:

-Ќе успееме.  Со подобро услови, со подобра администрација,  со општина како услужен центар за нив а не како партиско дувло во кое не можат да пријдат. И секако повисоки плати, рече тој.

ДУИ владееше 12 години со Кичево, па и тој се сложува со мислењето на граѓаните дека тие години ќе се паметат по лошо.

-Ништо освен сегрегација, неработа, нечесност, лични интереси и само пртиски и национални поделби.  Од тој аспект не сме задоволни. Кичево потона во мрак, замислете 12 години немавме новогодишна елка на плоштад.  Да не беа сестрите од манастирот „Пречиста Богородица“ ќе немавме ни божикна атмосфера. За среќа, поранешниот градоначалник им дозволи да организираат божиќен базар, па така некако се чувствуваме новогодишно. Инаку, ни сијалички немавме по улиците. Освен минатата година,  бидејќи почна да му гори под нозе, сфати дека и самите Албанци, односни сите муслимани немаа ништо против новогодишна атмосфера, рече Јовановски.

И нему како граѓанин, особено како лекар, не како политичар и сегашен градоначалник, најмногу му пречело што не се внимавало на здравјето на граѓаните, особено на децата. Кичево, речиси среде град има депонија.

-Најмногу од се’ дивата депонија што е скоро во срцето на градот.  Не како граѓанин, туку како доктор јас тоа го почувствував, особено врз најмалите пациентчиња. Имаат такви алергии и необјасниви кашлици, што не можевме  да им го фатиме крајот.  Баравме причинители за тие необјасниви појави кај децата, а сето тоа се должеше на загадувањето. Од друга страна несигурност голема. Јас како мал сум одел сам на училиште, со брат ми за рака, кој беше прво одделение. Не сме се  плашеле од кучиња скитници. А денес возрасните се плашат од нив. Им е страв да одат по улица, а не па дете само да пуштиш. Како опшественик, како свесен и како интелектуалец, ми пречеше непотизмот и криминалот, додаде тој.

Затоа тој не само на кичевчани, туку и сам себе си ветил дека она прво со што ќе се зафати кога ќе седне во фотељата е чистење на депонијата.

-Уште денес, иако се’ уште немам добиено уверение од ДИК, ќе се обидам преку општествено одговорни компании да почнеме од магистралниот пат да го средиме. Многу е пропаднат. Има пропаднати шахти, обрастен е во трње, барем да го исчистиме. Патот е важна артерија, не само за Кичево, туку за сите кои одат за Охрид. Од тука да почнеме.  А, кога ќе го добијам уверението, најпрво со што ќе почнам е дислокација на депонијата и решавање на кучињата скитници во исто време. Стационар веќе е во план. За многу кусо време граѓаните ќе видат дека се работи на нивната безбедност и на нивното здравје. Понатаму следи инфраструктурата, дециден е Јовановски.

Тој ветува и дека кичевчани, кои се жалат дека за документи чекаат со месеци и дека има многу партиски послушници, кои земаат плата а не одат на работа, може да здивнат, такво веќе нема да има.

-Јас ќе се потрудам да профункционираат службите за да можат граѓаните да бидат услужени час поскоро. Во моментов не можам да кажам колку чекале, некои велат дека за документ чекале со месеци, додека некои одма си завршувале работа. Ќе се трудам да нема селекција и секој кој ќе дојде  да биде веднаш услужен. Службата максимално да функционира. Оние што не доагале на работа законски треба да бидат остранети. Според Закон за работни односи по три неоправдани работни дена автоматски добива отказ. Тоа е малку поголем проблем. Треба да видиме кој им го дозволил тоа, тука веќе имаме криминал. Кој потпишувал, кој вработувал. Јас колку што слушнав има луѓе кои живеат во Америка, а земаат плата од тука. Тоа веднаш ќе се реши. Ќе донесеме луѓе кои си ја знаат работата, секако ако има простор, ако не станува збор за измислени работни места.  Ако се реални ќе се вработат професионалци, кои се соодветни за работните места, рече на крајот Јовановски.

В.М.-В.К.

Фото: Вангел Тануровски

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ