Сигнализација што не одговара на реалната состојба, институции што не излегуваат на терен и полиција која повеќе казнува отколку што предупредува – тоа, според сообраќајниот инженер Роберт Рогожаров, е сликата на македонскиот сообраќај денес.
Во интервју за Канал77, тој вели дека системот се фокусира на репресија наместо на превенција, а нефункционалните институции создаваат забуна, опасност и недоверба кај возачите. „Имаме патишта со ознаки што важеле додека се уште се граделе. Тоа не е ситница – тоа е рецепт за несреќа“, предупредува Рогожаров.
Господине Рогожаров, велите дека најголем дел од проблемите на патиштата произлегуваат од лоша сигнализација. Што точно се случува во пракса?
– Имаме ситуации каде што сигнализацијата на теренот не одговара на она што го пишува во проектите. На многу патишта, вклучувајќи го автопатот Штип–Миладиновци, сè уште стојат ознаки од времето кога таму се работело. Тоа создава забуни и несигурност кај возачите, а понекогаш и директно доведува до несреќи.
Кој треба да ја следи и корегира оваа состојба?
– Постојат патни инспектори кои врз основа на проектите треба да го регулираат тој дел. Но, тие или не излегуваат на терен или не реагираат навреме. Институциите мораат да вршат редовна контрола и ажурирање на сигнализацијата – тоа е нивна законска обврска.
Често зборувате дека системот се фокусира само на казнување, не на превенција. Како тоа изгледа во пракса?
– Кај нас, се што се прави во делот на сообраќајот е насочено кон тоа возачот да добие казна. Нема предупредување, нема опомена. Прво треба да му укажете на возачот, па дури потоа да го казните ако повторно згреши. Така се гради култура на одговорност, а не страв.
Значи, сметате дека полицијата не ја игра својата улога како што треба?
– Точно. Полицијата треба да биде на терен, не во канцеларија. Да опоменува, да советува, да објаснува. Наместо тоа, тие веднаш казнуваат, често дури и во ситуации кога вината е на страна на институциите.
Во делот на „Safe City“ проектот, дали верувате дека технологијата може да ја подобри ситуацијата?
– Искрено, не многу. Такви системи во Европа функционираат бидејќи таму има дисциплина и култура на одговорност. Кај нас, тоа ќе биде само уште еден инструмент за казнување. Ако нема превенција и редовна контрола, камерите нема да решат ништо.
Го споменавте и хаосот во институциите. На што конкретно мислите?
– Имаме институции кои земаат ингеренции што не им припаѓаат, а не можат да ги решат ни сопствените проблеми. Постојат судири на интереси, непрофесионализам и недостиг на координација. Тоа е суштинскиот проблем.
Имате ли препорака како да се врати редот во сообраќајот?
– Прво, полицијата треба редовно да биде присутна на терен и да опоменува. Второ, треба да се постави исправна и ажурирана сигнализација. Трето, законот да не се менува постојано, туку да се зајакнува. И најважно – системот мора да биде фер, а не селективен. Додека се казнуваат само граѓаните, а не и институциите што грешат, ред нема да има.
Кристијан Трајчов









