Во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска беше формализирана соработката меѓу УГД и Фискалниот совет, преку потпишување Меморандум кој отвора нови можности за поврзување на академската заедница со фискалната и економската пракса во државата.
Претседателот на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети, потенцираше дека ова е продолжение на стратегијата за институционално поврзување на Советот со научните и образовни установи во земјата.
„Фискалниот совет веќе има потпишано меморандуми за соработка со Македонската академија на науки и уметности, со Економскиот факултет при УКИМ и со Универзитетот на Југоисточна Европа, а денеска и со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип“, посочи Беџети, нагласувајќи дека соработката ќе придонесе за изработка на истражувања и анализи, како и за проширување на научната дебата во областа на независното утврдување на економските и фискалните состојби.
Покрај ова, имавме можност и подетално да разговараме со академикот Беџети, во однос на состојбата со јавните финансии, буџетските предизвици и економските перспективи на земјата.
Во јавноста периодов се појавија информации и шпекулации за наводен недостаток на пари во државната каса, па дури и дека Трезорот бил затворен. Дали навистина има причина за загриженост?
– Обично крајот на годината, особено месец декември, претставува предизвик за Буџетот и можно е на кратки рокови да се појават одредени проблеми со ликвидноста. Но, јас лично не сум сретнал сериозни или релевантни коментари дека Трезорот се затвора. Сметам дека во јавноста се пласираа погрешни информации, кои создадоа непотребна паника.
Од каде, според вас, произлезе таа паника?
– Дел од причините се поврзани со одлуките на Собранието за реалокација на буџетските трошоци. Станува збор за кратење на нереализираните капитални расходи кај речиси сите буџетски корисници. Ако до 5 декември не се реализирани капиталните инвестиции, реално е да се постави прашањето како тие би се реализирале во преостанатите 25 дена. Прераспределбата значи алокација на средства на други позиции, а тоа кај дел од институциите создаде нервоза.

Се споменуваа и гужви во Трезорот. Како го коментирате ова?
– Се создадоа гужви околу поднесување на документација, односно кој побрзо ќе поднесе налози за исплата со цел да ги реализира буџетските средства пред крајот на годината. Тоа дополнително ја зголеми паниката. Ова апсолутно не смее да се случува. Инаку, затворањето на Трезорот неколку дена пред Нова година е вообичаена пракса, но лошата навика буџетските корисници во последен момент да се натпреваруваат кој повеќе ќе наплати е проблем што постои со години, не е од вчера.
Каква е состојбата со јавниот долг и дали постои ризик од прекумерно задолжување?
– Според законските рамки, дозволеното задолжување е до 0,5 проценти после бројката од 60 проценти од БДП. Од економски аспект, тоа само по себе не е голема трагедија, доколку задолжувањето е насочено кон продуктивна потрошувачка – капитални инвестиции, инфраструктура, инвестиции во човечки ресурси и слично, кои во одреден период ќе се вратат во економијата.
Кога задолжувањето станува проблем?
– Проблем настанува доколку се задолжуваме за тековно финансирање на Буџетот, за покривање на тековна потрошувачка и непродуктивни расходи. Тоа е многу лоша пракса. Пензиите, на пример, се неодложливи исплати и затоа при нивно зголемување мора внимателно да се анализира фискалниот импакт.
Фискалниот совет често предупредува за одржливоста на пензискиот систем. Што е клучната порака?
– Ние како Фискален совет тоа јасно го кажавме. Фондот е неодржлив и токму затоа мора да се биде исклучително внимателен. Не смее да се води трка за зголемување на пензии и плати без јасна анализа – тоа е популизам. Треба да се занимаваме со причините, а не со последиците. Ако однапред знаеме дека системот е под притисок, тогаш мора да ја засилиме фискалната дисциплина и долгорочните реформи.
К.Т.









