Иран започна серија ракетни и беспилотни напади врз американски воени цели во Јордан, Бахреин и Кувајт, како одговор на американските воздушни удари извршени во близина на Ормутскиот Теснец. Одговорноста за нападите ја презеде Иранската револуционерна гарда, која соопшти дека цел на операцијата биле бази што ги користат американските сили во регионот.
Според првичните информации, кон американската база Ал Азрак во Јордан биле лансирани повеќе ракети со долг дострел, додека во Кувајт и Бахреин биле употребени и дронови. Воените власти на трите земји соопштија дека поголем дел од проектилите биле пресретнати од системите за противвоздушна одбрана.
Во Бахреин биле активирани сирени за воздушна опасност, а граѓаните биле повикани да побараат засолниште. Слични предупредувања биле издадени и во Кувајт, каде што армијата потврдила дека дејствувала против непријателски воздушни цели.
Ескалацијата следува само еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД ќе одговорат на соборувањето на американски воен хеликоптер, за што Вашингтон го обвини Техеран. По инцидентот, американската војска изврши напади врз ирански радарски и противвоздушни позиции во близина на Ормутскиот Теснец.
Американски претставници засега соопштуваат дека нема информации за загинати или повредени припадници на американските сили, ниту за поголема материјална штета. Сепак, најновата размена на напади дополнително ги зголеми стравувањата од поширок регионален конфликт на Блискиот Исток и предизвика нов раст на цените на нафтата на светските пазари.







