Трамп најави мировен договор со Иран викендов, Техеран негира

Фото: Х видео

Американскиот претседател Доналд Трамп изненадувачки најави дека САД и Иран се блиску до постигнување мировен договор, и покрај неодамнешните закани за нови воени напади и ескалација на тензиите на Блискиот Исток, пишува Дојче Веле.

Трамп изјави дека поради напредокот во разговорите одлучил да ги откаже планираните воени акции против Иран. Според него, двете страни се на чекор до договор кој би можел да доведе до продолжување на прекинот на огнот, повторно отворање на Ормутскиот Теснец и почеток на нови преговори за иранската нуклеарна програма.

Сепак, иранските власти брзо ги демантираа ваквите тврдења. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека сè уште не е донесена конечна одлука и дека разговорите продолжуваат. Тој нагласи дека Техеран нема да се откаже од своите „црвени линии“ и оцени дека е прерано да се зборува за потпишување на каков било договор.

Според информациите што ги објавија американските медиуми, предлог-договорот предвидува 60-дневен период на прекин на огнот, отворање на Ормутскиот Теснец за меѓународниот поморски сообраќај и продолжување на разговорите за ограничување на иранската нуклеарна програма. Во исто време, остануваат отворени прашањата за замрзнатите ирански средства и евентуалното олеснување на санкциите.

Трамп изрази уверување дека договорот би можел да биде потпишан веќе во текот на викендот во Европа, додека потпретседателот Џеј Ди Венс би ја предводел американската делегација. Од друга страна, иранските претставници тврдат дека ваквите најави се шпекулации и дека нема официјална потврда за конечен договор.

Неизвесноста околу разговорите доаѓа во период кога конфликтот и натаму предизвикува нестабилност во регионот и силни реакции на светските енергетски пазари. И покрај дипломатските сигнали, двете страни меѓусебно продолжуваат да се обвинуваат за прекршување на претходните договори и прекини на огнот.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ