Амбасадата на Грција во Анкара, по инструкции на грчкиот министер за надворешни работи, упати протестна нота до турското Министерство за надворешни работи поради јавните турски соопштенија поврзани со грчките специјални просторни планови и претседателските декрети на Турција од 15 август за формирање два морски паркови.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, која се повикува на дипломатски извори, при предавањето на грчкиот демарш турското Министерство за надворешни работи доставило вербални ноти во кои ги повторило претходно јавно изнесените ставови.
Атина: Турските тврдења се без правна основа
Од грчка страна категорично ги отфрлаат позициите на Анкара и нагласуваат дека прашањето за суверенитетот во Егејското Море е регулирано со меѓународни договори.
„Грција категорично ги отфрла турските тврдења како неосновани и без каква било правна основа. Статусот на суверенитет во Егејското Море е јасно и конечно утврден со релевантните меѓународни договори“, посочиле грчките дипломатски извори.
Грција, исто така, ја оспорува одлуката за формирање на турските „национални“ морски паркови во деловите каде што, според Атина, тие навлегуваат надвор од турската јурисдикција и во подрачја на грчкиот континентален гребен.
„Грција ќе продолжи пред своите европски и меѓународни партнери да ја истакнува секоја еднострана постапка со која се прекршува меѓународното право и се засегаат нејзиниот суверенитет и нејзините суверени права“, истакнале дипломатските извори.
Мицотакис: Турција не може да бара европски пат и да се заканува
Новата дипломатска расправија се случува во период кога грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис предупредува на, како што вели, засилени турски провокации во Егејското Море.
По средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, Мицотакис порача дека почитувањето на меѓународното право и добрососедските односи се неопходен услов за секоја држава што има европски амбиции.
„Уште еднаш ќе повторам, незамисливо е да постои активна закана за војна и оспорување на грчкиот суверенитет од земја која има амбиција да ги подобри своите односи со Европската Унија. Европскиот пат на Турција, кој сакаме да го зајакнеме, не може, а да не оди паралелно со градењето добрососедски односи со Грција. Ќе повторам: мојата татковина е мирољубива земја, која не претставува закана за никого. Но, нема да прифати сугестии од никого за тоа како ќе ја зајакнува својата одбран“, порача Мицотакис.
Тензиите околу Егејското Море повторно покажуваат дека и покрај периодичните обиди за подобрување на односите меѓу Атина и Анкара, прашањата за морските граници, суверенитетот и јурисдикцијата остануваат меѓу најчувствителните точки во односите меѓу двете соседни земји.
Извор: МИА / АНА-МПА










