- Имало голема синергија во општеството за поддршка на референдумот, дури и црквата се вклучила активно за референдиумот за самостојност
- За првиот претседател Киро Глигоров најважното прашање било да не се загрози или прекине правниот континуитет на македонската државност кој се темелел на историските одлуки на АСНОМ од 1944 година.
Зборувајќи во емисијата „Стадион“ на Канал 77, Крстевски сподели сведоштва од седницата на Собранието на која беше поднесена резолуција за отцепување од Југославија кога за првпат се спомнала потребата според меѓународното право да се оди на референдум. Крстевски се потсетува дека се направила собраниска пауза на која се одржала координација кај претседателот Киро Глигоров во неговиот кабинет во присуство на Стојан Андов, Бранко Црвенковски, Киро Поповски, Емил Ханџиски и Никола Поповски.
„На таа средба јас го предложив референдумот. Во првиот момент кај Глигоров имаше недоумица. Тој коментираше дали со нов референдум би имало негативно влијание на одлуките на АСНОМ и на државно-правниот континуитет, кој за него беше најважен. Ставот на Бранко Црвенковски тогаш беше дека референдум воопшто не е потребен. По моето објаснување како се одвиваа референдумите во Словенија и Хрватска и зошто тоа е клучно за меѓународно признавање, се донесе заклучок да се направи предлог-одлука за референдум. Тоа беше и начин да се деблокира парламентот. Таа задача да го напишеме текстот ја добивме Никола Поповски и јас“, се присетува Крстевски.
Слушајте радио во живо
Кога почнале консултациите со партиите за референдум, Доста Димовска била единствениот висок функционер од ВМРО ДПМНЕ, кој се согласил на референдум под услов да се дефинира соодветно референдумското прашање, што било прифатено. Што се однесува до високиот одѕив на граѓаните и огромниот процент на одговори за независност на Македонија, Крстевски вели дека на граѓаните им станало јасно дека „нема назад“.
„Тогаш веќе беше созреана јавната свест дека назад кон Југославија нема пат. Односите во Југославија толку многу се закрвавија што беше неприродно да се размислува за враќање во некаква федерација. Никој веќе не можеше да помогне. Васил Тупурковски се обидуваше да изнајде некои решенија, но тој негов ангажман на крајот заврши политички лошо. Се направи голема синергија во општеството за поддршка на референдумот, дури и црквата се вклучи активно во таа работа. Резултатот беше импресивен: излезноста беше над 80%, а позитивно се изјаснаа над 90% од гласачите. Затоа сметам дека се тешки глупости тврдењата на некои луѓе кои денес сакаат да го намалат значењето на референдумот со приказни за наводно полнење на кутии“, кажа Крстевски во Стадион.
Прочитајте и за ова:
Уште не темата:
Филипче: Глигоров ја обезбеди независноста без војна, жртви и разорувања
Преку призмата на историските премрежија од 1991 година, воениот конфликт во 2001 година и современите предизвици, Крстевски јасно ги дефинира темелите врз кои мора да почива македонскиот државен суверенитет и напредок.
Зачувување на државниот и правниот континуитет: При подготовката на референдумот во 1991 година, за претседателот Киро Глигоров најважното прашање било да не се загрози или прекине правниот континуитет на македонската државност кој се темелел на историските одлуки на АСНОМ од 1944 година. Овој континуитет претставува првата и најважна црвена линија која не смее да се доведува во прашање со дневни политички калкулации.
Унитарниот карактер и правото на сопствена држава: Крстевски нагласува дека во услови кога македонскиот народ со векови бил негиран од соседите и бил последниот на Балканот што формирал своја независна држава, зачувувањето на карактерот на унитарна држава било од егзистенцијално значење. Иако Уставот од 1991 година во нормативниот дел е врвен граѓански устав кој ги гарантира индивидуалните права и ја почитува заедницата на сите етнички групи, Преамбулата морала цврсто да го артикулира историското право на македонскиот народ за своја национална држава.
Недопирливост на територијалниот суверенитет: Крстевски цврсто се спротивставува на какви било идеи за увоз на туѓи воени сили за решавање на внатрешните кризи. Коментирајќи ги историските предлози за влез на бугарската армија во 2001 година за осигурување на границите, тој децидно истакнува: „Штом еднаш туѓа војска ќе ви влезе, тешко да ја исфрлите од таму. Си имаме своја легитимна армија и полиција и не смееме да си играме со суверенитетот на државата“
Во емисијата Зоран Крстевски, истакнат член на Либералната партија, кој се осврнува на клучните политички и економски процеси во независна Македонија. Тој ги анализира предизвиците на коалициското владеење, улогата на стопанствениците во политиката и причините за неуспешното решавање на спорот со името во минатото. Крстевски споделува сведоштва за почетокот на конфликтот во 2001 година, информираноста на државниот врв и контроверзиите околу спроведувањето на пописот на населението. Низ разговорот се испитуваат и односите со соседите, како и влијанието на Рамковниот договор врз државното уредување. Смета дека за напредок на државата е неопходно воспоставување на мерит-систем и заеднички национални стратегии.
Погледнете го целото интервју:





