Уапсени двајца лекари за смртта на Јоргос Мазонакис, истрагата откри нови детали

Смртта на грчката музичка ѕвезда Ѓоргос Мазонакис добива нов пресврт. Двајца лекари се уапсени под сомнение за смртоносно изложување на опасност, а истрагата открила несогласувања околу времето, медицинската процедура и работата на ординацијата.

Двајца лекари се уапсени во Атина
Во ординацијата биле пронајдени две машини за плазмафереза
Надлежните го испитуваат текот на последните часови пред смртта

Ѓоргос Мазонакис почина на 54-годишна возраст откако доживеал срцев застој во приватна ординација во атинската населба Колонаки, каде што требало да биде подложен на плазмафереза. По повеќечасовната полициска истрага, двајцата лекари поврзани со ординацијата биле уапсени.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

Истрагата за Ѓоргос Мазонакис открива низа несогласувања

Според грчките власти, против двајцата лекари е поднесена пријава за кривично дело поврзано со смртоносно изложување на опасност. Тие треба да бидат изведени пред обвинител, додека истрагата продолжува.

Особено внимание привлекле наводните разлики меѓу нивните искази и другите собрани докази. Според информациите од истрагата, лекарот и лекарката тврделе дека плазмаферезата не започнала пред состојбата на пејачот нагло да се влоши.

Сепак, според искази на припадници на итната медицинска помош, при нивното пристигнување машината била во функција. Полицијата утврдила и дека уредот при последното работење бил вклучен околу 45 минути, што дополнително ја отвора дилемата за тоа што точно се случувало во ординацијата.

Истражителите ја проверуваат и временската линија. Според грчките медиуми, во исказот на лекарката било наведено различно време на пристигнување на Мазонакис, додека повикот до итната медицинска помош бил регистриран порано.

Дополнително, снимките од безбедносните камери и другите собрани материјали треба да помогнат да се утврди колку долго пејачот бил во ординацијата и што се случувало во периодот пред неговиот колапс.

Две машини за плазмафереза во ординацијата

Еден од клучните моменти во истрагата е откривањето на две машини за плазмафереза во ординацијата.

При инспекцијата извршена од полицијата и претставници на Лекарската комора на Атина биле пронајдени двата уреди. Според грчките извештаи, постојат прашања дали за нивното користење биле обезбедени потребните дозволи.

Претседателот на Лекарската комора на Атина, Ѓоргос Патулис, посочил дека плазмаферезата е сложена медицинска процедура која бара соодветно обучен персонал и услови во кои може да се реагира на евентуални компликации.

Од друга страна, адвокатот на лекарите ги отфрла сомнежите и тврди дека ординацијата работела законски и дека машините биле пријавени кај надлежните.

Истовремено, грчкиот министер за здравство Адонис Георгиадис побарал проверка на условите во кои работела ординацијата. Тој претходно изјавил дека објектот бил регистриран како интернистичка ординација, а не како клиника.

Истрагата опфаќа и документација, дигитални уреди, медицински производи и други материјали одземени од ординацијата. Дел од материјалите биле одземени и при претресот на домот на лекарите.

Клучен одговор треба да даде обдукцијата

Случајот сè уште нема конечен медицински одговор за точната причина за смртта на Мазонакис.

Обдукцијата, која првично требало да се изврши во четвртокот, е одложена за петок, откако семејството побарало да биде присутен технички советник. Таа треба да даде дополнителни информации за причината за смртта и да помогне во утврдувањето дали постои врска меѓу медицинската процедура и срцевиот застој.

Семејството на пејачот преку адвокат најави дека ќе ја поддржи постапката за целосно расчистување на околностите под кои починал.

Мазонакис повеќе од три децении беше едно од најпознатите имиња на грчката музичка сцена. Неговата популарност не беше ограничена само на Грција и Кипар, туку тој имаше публика и на Балканот, со настапи во Бугарија и Албанија.

Во последните години беше познат и како член на жирито во „The Voice of Greece”.

Сега, наместо неговата музика, јавноста во Грција со внимание го следи случајот што треба да даде одговор на едно од најважните прашања – што точно се случило во ординацијата непосредно пред неговиот смртоносен срцев застој.

Истрагата продолжува, а конечните одговори треба да ги дадат медицинско-вештачките наоди и судската постапка.

Слушајте го Канал 77 радио во живо [КЛИКНЕТЕ ТУКА]

Извори: ERT News, CNN Greece, Танeа

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ