- Преседан во судската пракса: Апелациониот суд Скопје ја прифати жалбата на ОЈО Кавадарци и за прв пат изрече 6-месечна затворска казна (наместо парична од 2.000 евра) за 35-годишен возач кој предизвикал сообраќајна незгода со 3,21 промили алкохол во крвта.
- Строги законски мерки: Покрај затворската казна, судот ја потврди и задолжителната забрана за управување со моторно возило од Б категорија во времетраење од две години, која започнува по издржувањето на затворската казна.
- Масовна појава на сообраќајни прекршоци: Од почетокот на годината до крајот на октомври, само на подрачјето на СВР Велес и надлежните обвинителства се евидентирани стотици кривични дела и пријави за „безобѕирно управување“, при што најчести се возовите без положен возачки испит и под дејство на алкохол.
Повисокиот суд одлучуваше по пресуда на Основен суд Кавадарци, на која се жалеше кавадаречкото обвинителство, и донесе одлука според која осудениот триесет и пет годишен А.М од Кавадарци за кривичното дело што му се става на товар наместо да плати парична казна во висина од 2 илјади евра ќе издржува затворска казна во времетраење од шест месеци.
Барањето за преиначување на казната изречена од првостепениот суд, за овој обвинет кавадарчанец, обвинителството ја поткрепило со повеќе докази од кои секако најзначајни се возење автомобил со 3,21 промили алкохол во крвта и предизвикување на сообраќајна незгода со материјална штета.

Кавадарци
Поточно осуденото лице со вака висок процент на алкохол во крвта, седело зад воланот на патничкото возило „форд“, со велешки регистарски ознаки, на 17 декември 2025 година и возело низ кавадаречките улици за на крстосницата „Народен фронт“ и „Коле Подлешки“, околу 20:05 часот, да удри во паркирано возило „сузуки“ при тоа предизвикувајќи материјална штета.
Слушајте радио во живо
Освен преиначената парична во затворска казна, исто така, за ова осудено лице, скопска Апелација ја потврди првостепената пресуда на Основен суд Кавадарци со која што е изречена забрана за управување на возило од Б категорија, во времетраење од две години, што ќе започне да се извршува откако ќе заврши издржувањето на затворската казна.
При соопштување на преиначената пресуда, кавадаречкото јавно обвинителството информираше дека бројот на кривичните дела по член 297-а од Кривичниот законик е многу голем како и дека од месец февруари, годинава, кога започна примената на овој дополнет член, ова е прва изречена затворска казна на територијата под негова надлежност.

Основно јавно обвинителство – Кавадарци
Овој е само еден од вкупно 180 оформени предмети за сторени кривични дела „Безобѕирно управување со моторно возило“ на ОЈО Кавадарци, кое е надлежно за подрачјето на општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија, од почетокот на годинава до 26 октомври.
- Најголем дел од предметите, поточно околу половина, се поради присуство на алкохол над 1,5 промили па се до 4 промили. Дел од оформените предмети се пресудени со изречени парични казни до 2.000 евра,“ додаде Елизабета Мишева Јорданова – Јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Кавадарци.
Јавната обвинителка исто така соопшти дека досега со измените на членот 297-а возилата на обвинетите или осудените привремено се одземаат но се’ уште нема изречена правосилна одлука со одземено возило во корист на државата.
Прочитајте уште на темата:
Со 2,39 промили алкохол во крвта со „ауди“ се возел низ Македонска Каменица
Што точно пропиша законодавецот во кривичното дело „Безобѕирно управување со моторно возило“ во член 297-а кој што стапи на сила во месец февруари, годинава:
- „Учесник во јавниот собраќај кој не се придржува на прописите за безбедност во сообраќајот и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај безобѕирно управувајќи во состојба на неспособност на возење предизвикана со употреба на алкохол во концентрација од најмалку 1,50 г/кг во крвта, дроги, психотропни супстанции или прекурзори, возејќи во забранет правец, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која надминува 50 км на час во населено место или 70 км на час надвор од населено место над дозволената, ќе се казни со парична казна или затвор до три години“.
Со законските измени, исто така, се предвидени и мерките Забрана за управување на моторно возило, како задолжителна мерка за безбедност во траење од 6 месеци до 10 години и Одземање на возилото во корист на државата при екстремни пречекорувања на брзината за претходно осудувани лица.
Полн регистар со пријави
Не е мал бројот ниту на примени кривични пријави за „Безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297 од Кривичниот законик од страна на Основно јавно обвинителство (ОЈО)Велес. До ова обвинителство со надлежност во општините Велес, Градско и Чашка, од почетокот на 2026 година заклучно со 26 октомври, Сектор за внатрешни работи Велес поднел вкупно 146 кривични пријави. Од вкупниот број 131 пријави се за полнолетни граѓани додека 15 се против деца.
Прочитајте и за ова:
Невообичаена сообраќајна незгода – автомобил удрил мечка на автопатот Тетово – Гостивар
„За 52 лица постапката е завршена со судска одлука при што се изречени условни осуди, парични казни и казна забрана за управување со моторно возило“, информира Цветанка Богоевска -Јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Велес.
Двете јавни обвинителства постапуваат по пријави на Сектор за внатрешни работи (СВР) Велес со една Полициска станица и две одделенија за безбедност на патниот сообраќај.
Секојдневното се евидентираат на пријави за ова кривичното дело – во текот на годинава , заклучно со 20 октомври, констатирани се вкупно 378 кривични дела
„Во однос на поднесените кривични пријави, Ве информираме дека од 01.01.2026 заклучно со 20.10.2026 година, СВР Велес има поднесено вкупно 130 кривични пријави, ОВР Неготино има поднесено вкупно 81 кривична пријава и ОВР Кавадарци има поднесено вкупно 85 кривични пријави за „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик,“ соопшти Ана Милевска Георѓиева – портпаролка на СВР Велес.
Според аналитиката на овој Сектор за внатрешни работи на подрачјето на Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај во Велес констатирани се вкупно 167 кривични дела, од кои 30 за управување со моторно возило под дејство на алкохол, 103 за управување со моторно возило без положен возачки испит, 27 за управување со моторно возило за време на активна забрана, 3 за управување со моторно возило со брзина поголема од дозволената, 2 за управување со моторно возило под дејство на дрога и 2 за управување со моторно возило во спротивна насока.

Велес
Во истиот временски период Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај при Одделение за внатрешни работи (ОВР) Неготино констатира вкупно 93 кривични дела, од кои 25 за управување со моторно возило под дејство на алкохол, 45 за управување со моторно возило без положен возачки испит, 7 за управување со моторно возило за време на активна забрана и 16 за управување со моторно возило со брзина поголема од дозволената.
Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при Одделение за внатрешни работи (ОВР) Кавадарци констатира вкупно 118 кривични дела, од кои 32 за управување со моторно возило под дејство на алкохол, 76 за управување со моторно возило без положен возачки испит и 10 за управување со моторно возило за време на активна забрана.
Овие податоци за сторени кривични дела следат и покрај спроведени континуирани превентивни активности на полициските службеници на овој сектор на МВР или во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Построгите казни се потребни, но дали се доволни?
Бројките од трите полициски подрачја покажуваат дека „безобѕирното управување со моторно возило“ не е изолиран проблем, туку сериозен и распространет безбедносен предизвик.
Особено загрижува тоа што меѓу најчестите кривични дела е управувањето без положен возачки испит. Ваквото однесување отвора прашања за контролата на учесниците во сообраќајот, превенцијата и одговорноста на институциите, но и за индивидуалната свест на граѓаните.
Од друга страна, 87-те евидентирани случаи на управување под дејство на алкохол покажуваат дека и покрај законските санкции, ризичното однесување останува присутно на патиштата.
Првата затворска казна изречена по примената на дополнетиот член 297-а е важен преседан во судската практика. Сепак, нејзиниот вистински ефект врз намалувањето на ваквите кривични дела ќе може да се оцени дури преку подолгорочно следење на статистиката и повторувањето на делата.
Потребни се и континуирани превентивни активности, сообраќајна едукација, доследни полициски контроли и навремено судско постапување.
Зашто, зад секоја бројка во полициската статистика постои потенцијална опасност за човечки живот. А целта на законските измени не треба да биде само поголем број казнети возачи, туку помал број неодговорни учесници во сообраќајот и, пред сè, помалку загрозени човечки животи.
Убавка Јаневска








