Горивата поевтинуваат

Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 7 денари за литар, а цената на дизелот се намалува за 5,5 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката  се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 7,51 отсто.

Новата малопродажна цена на „евросупер БС-95“ ќе изнесува 86 денари за литар, „евросупер БС-98“ ќе се продава за 88, а „евродизел БС (Д-Е V)“ за 94,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 6,5 денари и ќе изнесува 103,5 денари за литар, а цената на „мазутот М-1 НС“ се намалува за 6,261 денари за килограм и ќе изнесува 49,312 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување, и тоа кај бензините во просек за 12,340 отсто, кај дизелот за 6,785, кај екстра-лесното масло за 7,834 и кај мазутот за 13,816 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5247 отсто.

Во одлуката на РКЕ е применета владината одлука за намалениот износ на ДДВ за нафтениот дериват „евродизел (Д-Е V)“ во износ од 10 отсто и е применет намалениот износ на акцизата од 2 денари за литар кај бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и од 4 денари кај „евродизелот (Д-Е V)“.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА