Универзитетот „Гоце Делчев“ додели 15 признанија за наука

Со 15 признанија за научници и студенти вклучени во истражувачка работа, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го одбележа Светскиот ден на науката. Највисокото признание, „Научник на годината“, му припадна на Сашко Коцески, декан на Факултетот за информатика.
Одбележување на Денот на науката во УГД | Фото: Каровски Мартин
Одбележување на Денот на науката во УГД | Фото: Каровски Мартин
  • Коцески е прогласен за научник на годината.
  • Научната продукција на УГД во 2025 година е зголемена за 20 проценти во однос на претходната година.
  • 44 проценти од публикациите се објавени во списанија од Q1 и Q2 квартилите.

Ректорот Дејан Мираковски оцени дека меѓународното признавање на научните трудови е потврда за квалитетот на истражувањата што се спроведуваат на универзитетот. Според него, УГД не е само институција што ја пренесува научната мисла, туку активно учествува во нејзиното создавање.

„Чест е кога универзитетот ги поместува вредностите, ги поместува вредностите, во повисок ранг на науката, често кога таа наука ја гледаат, ја признаваат меѓународните системи, односно списанија кои што имаат меѓународни уредувачки одбори, научници од цел свет ја ревидираат вашата научна работа и успевате во тој систем да бидете рамноправен чинител“, вели Мираковски.

Проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на УГД | Фото: Каровски Мартин
Проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на УГД | Фото: Каровски Мартин

Одговарајќи на прашањето дали се зголемени средствата за научно истражувачка работа, Мираковски посочи дека повеќе пари се издвојуваат и од Министерството за образование и наука и од самиот универзитет.

„Едноставно се менува културата, пристапот кон оваа важна тема. Универзитетите не можат да бидат само пренесувачи, туку мора да бидат и генератори на таа научна мисла и тоа научно знаење“, вели Мираковски.

УГД бележи раст на научните публикации и меѓународната соработка

Проректорката за наука Зденка Стојановска информираше дека во 2025 година бројот на научни публикации на УГД е зголемен за 20 проценти во споредба со 2024 година. Растот, како што посочи, не се однесува само на бројот на трудови, туку и на нивниот квалитет.

„Меѓутоа, не само што е зголемена научната продукција, туку е зголемен и бројот на квалитетните публикации, па така 44 отсто од публикациите во 2025 година се во списанија рангирани во Q1 и Q2 квартилите. Би сакала да напоменам дека 50 отсто од публикациите во 2025 година се резултат на меѓународна соработка, што значи дека нашите научни работници и соработници се меѓународно признаени од научната заедница“, рече Стојановска.

Проф. д-р Зденка Стојановска, проректор за наука при УГД | Фото: Каровски Мартин
Проф. д-р Зденка Стојановска, проректор за наука при УГД | Фото: Каровски Мартин

За научник на годината беше прогласен Сашко Коцески, декан на Факултетот за информатика. Тој истакна дека науката има значајна улога во општествено-економскиот напредок и развојот на човештвото, но дека за неа се потребни постојана посветеност, трпение и критичко преиспитување.

„Науката бара љубов, бара посветеност, бара трпеливост, бара искреност, но исто така бара и голема доза на самокритичност. Таа бара од нас научниците честопати да си ги преиспитуваме сопствените ставови и да ги преиспитуваме сопствените тези и тврдења. Науката не е професија што се работи на норма, ниту пак е активност која што треба да ја работиме за награди и признанија. Во тој контекст можам да кажам дека јас навистина својот живот со љубов сум го посветил на науката и никогаш не сум се покајал за тоа, и ден денес работам со истиот елан, волја и посветеност и интензитет како и првиот ден, без оглед на зголемениот број на административни обврски. Науката, особено ако е експериментална како што работам јас, бара определени предуслови, бара опрема, бара лаборатории, бара инфраструктура. Мора да потенцирам, инфраструктурата сама по себе не создава научни резултати. Научната вредност лежи во луѓето, во нивните знаења, вештини, умеења, во нивната креативност, ама пред сè во нивната способност да се здружуваат и да соработуваат со други луѓе и да формираат силни научноистражувачки тимови“, истакна Коцески.

Проф. д-р Сашко Коцески, декан на Факултетот за информатика при УГД | Фото: Каровски Мартин
Проф. д-р Сашко Коцески, декан на Факултетот за информатика при УГД | Фото: Каровски Мартин

Коцески посочи дека на универзитетот се формираат научноистражувачки тимови и дека во нив сè повеќе се вклучуваат млади истражувачи. Тоа, според него, е основа за создавање силно научно јадро и поголема меѓународна препознатливост.

„Во тој поглед можам да кажам дека ова е иднината за создавање на едно силно научноистражувачко јадро. Мојата желба и заложба во иднина ќе биде секако да пробаме овој процес да го интензивираме уште повеќе и се надевам ќе добиеме уште поголема меѓународна видливост и препознатливост. На крајот само ќе ми дозволите да искоментирам за признанието кое што денеска ми го доделуваат. Лично сметам дека тоа признание не е само моја лична награда, затоа би сакал да го посветам на сите научни соработници со кои што соработувам овој период, ама пред сè на младите истражувачи, со кои што секојдневно работиме во лабораторија, со кои што споделуваме иста љубов и визија и желба и верба дека преку науката можеме да направиме нешто вредно и да оставиме траен печат и траен белег“, вели Коцески.

Признанија и за докторанти вклучени во научни истражувања

Меѓу 15-те добитници на признанија се и студенти на трет циклус студии. Меѓу нив се Мишко Милев и Маја Кукушева-Панева, кои работат на истражувања во своите научни области.

Милев, кој е биолог и работи на Факултетот за медицински науки, доби признание за труд објавен во списанието „British Journal of Nutrition“, рангирано во Q1 квартилот. Истражувањето се однесува на поврзаноста меѓу исхраната и генетското здравје, а во неговата изработка биле вклучени и студенти.

„Јас сум биолог кој што работи на Факултетот за медицински науки и трудот беше во насоката на биооксидативните делови, како правилната исхрана може да влијае на нашето генетско здравје, односно како да го подобриме генетското здравје со помош на правилна исхрана. Јас долго време работам веќе со студенти, така да и во овој труд беа вклучени студенти коишто работеа заедно со мене. Пораката е секогаш да бидат храбри и да се занимаваат со наука“, рече Милев.

Признанието по вторпат го доби и Маја Кукушева-Панева, докторанд на Факултетот за информатика, чија област на истражување е математичкото моделирање на заразните болести.

„Првиот дел е моделирањето. Тука ми се покриени поголем дел од заразните болести. Тоа се нови модели кои што апсолутно одговараат на податоците за Македонија. Значи, ги докажуваат нашите параметри, на пример за туберкулоза, ширењето морбили, а предвидувањето мора да се има поголема база на податоци. Предвидувањето го правам само за Ковид-19. Придобивките се многу големи. На пример кога веќе имаме ние заразна болест која што почнува да се шири, ако имаме достапна база на податоци ние можеме целосно да ја предвидиме насоката како ќе тече заразната болест и кој ќе биде исходот од неа“, вели Кукушева-Панева.

Од УГД посочуваат дека доделувањето признанија на научниците и студентите е традиционален начин на одбележување на Светскиот ден на науката, но и поттик за понатамошен развој на научно истражувачката дејност.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ