Услугите на „Мајкрософт“, меѓу кои „Аутлук“ и „Тимс“, вчера беа околу десет часа во прекин, а технолошкиот гигант се соочуваше со проблеми при отстранувањето на дефектите на одделни сервери. Со прекинот беа засегнати компании и државни институции ширум светот кои ги користат односните популарни платформи.
Според последните информации, „Мајкрософт“ соопшти дека отстранувањето на проблемите не напредува со очекуваното темпо.
Со проблеми беа засегнати функциите на пакетот „Мајкрософт 365“ кои зависат од платформата „Ексчејнџ онлајн“, додека другите услуги продолжија да работат. „Ексчејнџ онлајн“ е платформа на „Мајкрософт“ што овозможува користење електронска пошта, календар, контакти и управување со задачи.
Според податоците на интернет-страницата „Даундетектор“ што ги следи прекините во работата на интернет-услугите, вчера попладнето во САД кога проблемите беа најизразени, биле регистрирани повеќе од 130 илјади пријави за проблеми со „Аутлук“.
Прекини во работата на неколку услуги на „Мајкрософт“ биле забележани рано изутринава по локално време и во азиско-тихоокеанскиот регион, вклучително и во Индија, Австралија и Јапонија.
Австралискиот министер за внатрешни работи и кибер-безбедност, Тони Берк, изјави дека според проценката на „Мајкрософт“, не станува збор за кибер-напад.
„Тие веруваат дека ситуацијата на некој начин е слична на она што го видовме во случајот со компанијата ‘Краудстрајк’, кога дошло до проблем со ажурирање на софтверот“, рече Берк на прес-конференција.
Дефектот во системите на „Краудстрајк“ во 2024 година предизвика еден од најголемите прекини во работата на интернет-услугите. Тој онеспособи технолошки системи во болници, банки и аеродроми и ја покажа ранливоста на глобално поврзаните технолошки системи.
Меѓу организациите погодени од последниот прекин во работата на услугите на „Мајкрософт“ биле и австралиската разузнавачка служба и федералната полиција.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес соопшти дека прекинот ги погодил и неговите корисници и дека соработува со „Мајкрософт“ за отстранување на проблемите. МИА
„Мајкрософт“ претходно соопшти дека повеќе сервери неочекувано станале недостапни, но дека причината не е зголемениот интернет-сообраќај. Компанијата постепено ја обновувала нивната работа и го пренасочувала сообраќајот кон алтернативни сервери.
Прекинот влијаел и врз други технолошки компании, меѓу кои „ОпенАИ“ и „Антропик“, кои имале проблеми со поврзувањето на своите услуги со системите на „Мајкрософт“.






