- Египетскиот кривичен суд на 10 ноември стави 35 организации и 36 лица на листата на терористички субјекти за период од пет години, меѓу кои и организација од Македонија
- МВР соопшти дека во своите регистри нема здружение под тоа име, додека безбедносните служби наведуваат дека субјектот што се проверува не се смета за радикален, но неговите активности се следат
- Исламскиот младински форум од Скопје (Forumi Rinor Islam) категорично демантираше поврзаност со организацијата од египетската листа и најави судски тужби против медиумите што го поврзале со случајот
Кривичниот суд во Каиро на 10 ноември донел одлука, како што објави агенцијата МЕНА, со која 35 организации и 36 лица од повеќе земји од светот, ги вклучил на египетската листа на терористички ентитети за период од пет години. Меѓу организациите е наведена и организација од Македонија, означен како „Таџаму ал-Шабаб ал-Ислами“, што во превод се појавува како „Исламско младинско собрание“, „Исламско младинско здружение“ или „Собир на исламска младина“.
Слушајте радио во живо
Одлуката е објавена во египетскиот Службен весник и предвидува финансиски санкции и замрзнување на имотот на наведените субјекти.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека при извршените проверки во нивните регистри не е евидентирано здружение со такво име. Според информациите од безбедносните служби задолжени за спречување насилен екстремизам, субјектот што е предмет на проверка не се оценува како радикален, но неговите активности се следат.
Случајот предизвика реакции и поради сличноста на називот со името на постојната невладина организација Исламски младински форум – Скопје, позната и како „Forumi Rinor Islam“ (FRI).
Прочитајте и за ова:
Каде се може да се патува со македонски пасош без виза?
Од организацијата категорично ги отфрлија информациите дека се поврзани со субјектот наведен во одлуката на египетскиот суд. Во демантот посочија дека станува збор за неточни тврдења и најавија судски постапки за клевета и барање надомест на штета од медиумите што ја објавиле таквата информација.
Исламскиот младински форум е невладина и непрофитна младинска организација основана во Скопје во 2000 година. Организацијата работи во повеќе градови во земјата, а нејзините активности се насочени кон едукација, културни манифестации, хуманитарни акции и поддршка на млади таленти и научници.
Албанската телевизија Топ ченел дури како претседател на оваа организација го наведе актуелниот претседател на Советот на општина Чаир, Мухамет Муртези, кој исто така демантираше.
-Сакам јасно да нагласам: веста објавена од „Топ ченел“, дека наводно сум раководител на Исламскиот младински форум, е чиста лага. Уште повеќе, денес веќе немам ниту возраст за да бидам член на оваа младинска организација. Исто така, сакам да разјаснам дека не само денес, туку во ниту еден период од мојот живот не сум бил претседател на Исламскиот младински форум, рече во видео изјавата Муртези, кој смета дека споменувањето на неговото име е одмазда поради поддршката на студентските протести во Албанија.
Организацијата која се споменува има сосема други имиња во раководството: Претседател на Исламскиот младински форум (на национално ниво) е Абдулхамид Мустафа, генерален секретар е Амар Муртези, а претседател на огранокот во Скопје е Африм Демири. Мисијата на организацијата е промовирање на универзалните исламски и човечки вредности, заштита на младите од отстапувања, како и нивно воспитување и обука.
Прочитајте:
Засега останува отворено прашањето на кој конкретен субјект се однесува одлуката на египетскиот суд, со оглед на тоа што македонските институции не потврдуваат регистрација на организација под наведениот назив. Разликата во имињата и нивниот превод од арапски јазик дополнително ја наметнува потребата од прецизна идентификација на субјектот пред негово поврзување со која било организација што дејствува во Македонија.
Од регионот на листата на терористички органзиации, Египет стави по еден субјект од Косово и Албанија.






