Во Мултикултурниот центар во Кочани синоќа беше промовирана книгата „Бојот се бие во срцето на јунакот“, посветена на животот, спортската кариера и личноста на Андреј Лазаров, момче кое го загуби животот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Автор на книгата е д-р Марјан Гијовски, кој преку ова дело, на свој начин, настојува да го зачува споменот на Андреј.
Книгата „Бојот се бие во срцето на јункот“ претставува приказна за Андреј испишана на деведесетина страници, преку разговори со нему блиски луѓе, сеќавања и фотографии од неговиот живот и фудбалската кариера.
Андреј Лазаров и авторот Гијовски не се познавале, ниту пак некогаш се сретнале. Нивниот спој го прави ова книжевно, во суштина биографско дело. Збрувајќи на промоцијата, Маријан Гијовски за Андреј Лазаров рече дека според сите сознанија до кои тој дошол, Андреј во својот краток живот бил „лав на фудбалскиот терен, јагне надвор од теренот“.
Дел од сценографијата на промоцијата беше поставката од лични предмети на Андреј – фудбалски дресови, топка, копачки и фотографии, кои потсетуваат на неговиот живот и страста кон фудбалот.
На присутните во МКЦ во Кочани синоќа им се обрати и Бојана Ристова, сестрата на Андреј, при што со доста емоции и одбрани зборови се потсети на својот помал брат, истовремено упатувајќи благодарност до авторот за напишаната книга.
Промотор на „Бојот се бие во срцето на јунакот“, беше Ленче Стоименова, истакната публицистка од Кочани, а разговорот за книгата и нејзината содржина го модерираше Оливера Јовановски, поетеса од Скопје.
Ова е второ дело на Гијовски посветено на личност чиј живот згасна во „Пулс“. Во ноември минатата година, тој ја промовираше книгата „Стојанче Стефанов – You Must Do What Big Boys Do“, посветена на неговиот внук, исто така починат во пожарот во кочанската дискотека.







