Ново „Кочани“ во Тајланд – во пожар во паб загинаа 27 луѓе, а 63 се повредени (Видео)

По пожар во паб во Бангкок, главниот град на Тајланд, спасителите пронајдоа 27 тела, додека 63 се повредени, од кои 22 потешко, соопштија денес официјални лица. Се претпоставува дека жртвите се задушиле од чад, со оглед на тоа дека со избивањето на пожарот, евакуацијата била отежната од блокираните излези за итни случаи. Еден од излезите бил блокиран со гајби пиво. Дел од настраданите биле пронајдени во тоалетот, во обид да се спасат преку прозорецот.

Едно видео од инцидентот, објавено на социјалните медиуми и потврдено од Ројтерс, покажува густ чад како се издига од пабот, проследен со силен, хоризонтален млаз оган што излегува од вратата, додека посетителите врескајќи бегаат од објектот околу полноќ во недела по локално време.

„Пронајдовме 27 тела, додека другите беа пренесени во болница“, изјави премиерот Анутин Чарнвиракул, кој го посети местото на несреќата рано утрово.

Пожарот избувнал во близина на сцената

Пабот се наоѓа во прометниот дел од северен Бангкок, поврзан со градската железница, веднаш до два трговски центри и на пешачко растојание од кината, големи паркови и викенд пазарот Чатучак, популарен кај странските туристи.

Според првичната проценка, пожарот е предизвикан од краток спој во клима уредот што се наоѓа на таванот, соопшти управата за вонредни ситуации.

Според сведочењето на преживеаните, службените лица претпоставуваат дека избувнал во предниот дел од пабот, во близина на сцената, и брзо се проширил, поради што многумина истрчале кон задниот дел од зградата, каде што се наоѓаат кујната и тоалетите.

„Има два излеза за итни случаи, а едниот е во близина на кујната. Имаше гајби пиво на пат. Мораме да почекаме форензичарот да го испита местото на настанот подетално“, изјави гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт, за новинарите, додавајќи дека има маса пред вториот излез, што ја отежнува евакуацијата.

Пожарникарот Чакрит Конгком (45) изјави дека пристигнал со првото противпожарно возило и го нашол пабот во пламен, додека голем број гости биле заробени внатре. Неколку од нив се обиделе да избегаат низ задниот дел од зградата. Малкумината што излегле низ предниот влез имале изгореници.

„Имаше чадот насекаде. Повеќето од преживеаните се задушиле од чадот“, рече тој.

Тела пред и во тоалетот

Снимките од личните камери на пожарникарите , спорд Ројтерс, покажаа снимки на темни, изгорени остатоци од пабот и спасистели во потрага на преживеани и жртви.

Неколку жртви се гледаат како лежат неподвижни на подот во близина на тоалетот додека спасувачите внесуваат носилки.

Видеото ја прикажува и главната просторија на објектот оштетена од пожар, каде што масите и барските столчиња сè уште се препознатливи.

„Испративме спасувачка екипа и откривме дека голем број луѓе се во тоалетот. Повеќето од нив се обидуваа да избегаат кон задниот дел, бидејќи видоа дека пожарот е напред“, рече Чакрит.

Во раните утрински часови, припадниците на службите за итни случаи сè уште беа на местото на несреќата, додека телата се подготвуваа за транспорт, а форензичките екипи собираа докази што би можеле да помогнат во идентификацијата на жртвите.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ