Сирски: Украина се подготвува за можен нов руски напад од север

Првиот човек на украинската војска, генерал Олександр Сирски, вчера изјави дека неговите сили се подготвуваат за можен нов руски напад од север, но дека е малку веројатен секој нов обид за напредување кон Киев.

Во разговор за украинската телевизиска станица ТСН, тој, исто така, рече дека напад од соседна Белорусија е малку веројатен, по неколку недели украински тврдења дека Москва се обидува да го принуди својот сојузник да игра поголема улога во војната.

„Најверојатното сценарио, а ова е потврдено од неколку потврдени извори, е можна офанзивна акција на север од територијата на Русија, од регионот Брјанск. Тоа е реална опција и ние, се разбира, се подготвуваме за тоа“, рече Сирски.

Целта на таквата операција, според него, не е обид за движење кон Киев, како што руските сили се обидоа да направат по инвазијата во февруари 2022 година, пред да се повлечат и да се фокусираат на регионот Донбас на исток. Наместо тоа, тој верува дека Русите ќе се обидат да заземат територија во украинскиот Черниговски регион и да ги одвлечат украинските сили распоредени на други места по должината на фронтот долг 1.250 километри.

„Таквата стратегија би значела проширување на линијата на фронтот и намалување на нашите резерви“, рече Сирски.

Сепак, тој верува дека е малку веројатно дека Белорусија, која му дозволи на рускиот претседател Владимир Путин да ја користи нејзината територија за почетното продирање во Украина, ќе се согласи понатаму да учествува во конфликтот, рече тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со недели ја предупредува Белорусија да не се вклучува во таков потфат, забележуваат британските медиуми.

„Со оглед на неодамнешните настани, не мислам дека белоруското раководство би одлучило да ја користи сопствената територија и да му ја остави на агресорот како почетна точка за офанзивна операција. Во исто време, секако, ја земаме предвид и таа можност“, рече Сирски.

Меѓу другото, Сирски рече дека постојат индикации дека руските војници се исцрпени и дека интензитетот на борбите на фронтот се намалува.

Според него, руската активност на фронтот е намалена за 30 проценти, додека украинските сили продолжуваат со кампањата на напади од далечина врз руски цели, главно поврзани со нафтената индустрија. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ