ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Во услови кога македонското новинарство се труди да ги надмине препреките на цензурата, притисокот па дури и заканите, Радио Мрежа Канал 77 е медиумска куќа која располага со свој кодекс, што го спречува разнишувањето на уредувачката политика.

Уредништвото и организацискиот одбор на Радио Мрежа Канал 77, со овој етички Кодекс, целат кон тоа да создадат концепт кој ќе ја врами информативната програмска шема.
Новинарството во Канал 77 се темели на професионалните новинарски стандарди, како што му доликува на еден медиум кој откако бил формиран како прва приватна национална радио станица во Македонија, во текот на досегашниот 29 – годишен период, повеќепати бил прогласуван за еден од најпрофесионалните медиуми според истражувањата и мониторинзите на разни независни агенции. Овие истражувања на независни агенции, покажаа дека радиото сите овие години има највисока доверба кај публиката, која го смета за свој основен извор на професионална и објективна инфорамција.

Овој Кодекс го врамува известувањето на новинарите во радиото, потсетува на професионалните стандарди и принципи и ги поставува начелата на однесување на новинарската екипа.

Радио Канал 77 работи според својата Визија и мисија
Уредувачката политика на Радио Мрежа Канал 77 темелејќи се на професионалните принципи и стандарди на медиумското работење, изискува балансирана информативна програма и објективен пристап кон настаните. Како што налагаат и масовните комуникациски теории, хронолошко подредување на информациите според нивната важност, Канал 77 во пракса се придржува кон она за кое со години пишувале и се’ уште пишуваат многу комуниколози, философи и медиумски експерти. Од новите случувања, предност имаат оние кои засегаат што поголем број луѓе. При тоа, не се занемаруваат вестите кои се однесуваат на теми за малцински групи. Со ова Канал 77 иако во основа е комерцијален медиум, го стекнува и приматот на медиум на заедниците. Свесни за својата улога во одржувањето и напредокот на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, почитувајќи ги разновидните содржини и ставови, а со тоа ќе дадат и свој придонес во јакнењето на правната држава.

Независност, транспарентност, кредибилитет
Кодексот на Канал 77 е усогласен со светските етички кодекси на новинарството, па токму затоа клучните зборови кои би ја опишале сликата за известување од страна на новинарската фела во овој медиум, би биле независност, транспарентност и кредибилитет.

Независноста и транспарентноста како особини на репортерството одат рака под рака. Тоа значи дека кога новинарското перо твори без да потклекне на надворешните притисоци од елитата, тогаш нема простор за елиминација на ставот на која било од засегнатите страни.

Точност
Медиумот не би можел да ужива кредибилитет кај публиката ако не се точни информациите што ги пласира. Почитувањето на овој Кодекс и на професионалните принципи го отфрлаат правење грешки од невнимание, а ако евентуално тоа се случи, новинарот е должен јавно да се извини преку обновување на веста. Намерното искривување на фактите е апсурдно и во никој случај не смее да биде дел од уредувачката политика. Новинарот, според овој Кодекс е должен да го обезбеди ставот на секоја засегната страна, а ако не успее во тоа, тогаш може да се повика на друг медиум кој ја пренел изјавата на изворот на информации. Ако изворот се согласи да биде цитиран, но да остане анонимен тогаш новинарот е должен да го прифати тоа.

Според ова, новинарот не изнесува свои мислења и ставови. Канал 77 е компанија, должна да и’ служи на публиката и како таква, во својата уредувачка политика не дозволува изјавите на засегнатите страни да бидат пренесувани/монтирани во различен контекст од оној во кој навистина ги кажал соговорникот. Доколку информацијата претставува претпоставка, шпекулација или едноставно, не може да се потврди, тогаш новинарот е должен да го објави тоа.

Чесно и фер известување
Анонимноста, како што и претходно беше споменато, мора да се почитува. Новинарот треба да го објави името на физичко/правно лице, само кога тоа е од јавен интерес. Во услови кога дел од општествената ситуација е некаков скандал во врска со одредена личност, институција, компанија итн., новинарот е должен да направи максимални напори да биде фер при пренесувањето на веста. Тој/таа не смее да обвинува, но може да ги пренесе критиките на другата засегната страна од настанот. При тоа, треба да внимава објавената изјава да не афирмира каков било облик на говор на омраза.

Внатрешен плурализам
Кога зборуваме за плурализам во медиумите, мислиме на разновидност во информациите кои виреат во медиумскиот простор. Надворешниот плурализам подразбира широк спектар на информации на национално ниво, од разни области, но и информации кои вклучуваат мноштво извори. Според ваквиот Кодекс, новинарскиот еснав во Канал 77 води грижа за плуразлимот на содржините кои ги пласира. Тоа значи дека уредувачката политика на медиумот треба да се одржува, но и да се развива, во правец на поголем внатрешен плурализам.

Што подразбира тоа? – Афирмација и промоција на содржини кои би го „буделе“ вниманието на што е можно поголем број луѓе. Содржини од посериозен карактер кои ги дефинираат контурите на општеството во моментот, а во истовреме и содржини со кои публиката би можела да се опушти.
Се’ на се’, според својата уредувачка политика, Канал 77 ја информира, едуцира и забавува публиката.

Приватност
Професионалното известување изискува почитување на приватноста, пред сѐ поради тоа што публиката очекува нејзината приватност да биде почитувана, но и затоа што со почитувањето на човековото достоинство, медиумот би го зацврстил својот кредибилитет.

Исклучително внимание е потребно при известување за малолетници, жртви на некакви несреќи, елементарни непогоди итн., како и за маргинилизирани групи кои се изложени на дискриминација. Новинарот мора да пишува на начин кој нема да предизвика душевна болка кај засегнатата страна и мора да го почитува правото на пресумпција на невиност.

Познавање на македонскиот стандарден јазик
Новинарот исклучително ќе внимава на правописот и правоговорот. Ќе употребува прецизни зборови и логичен збороред. Новинарот нема да го злоупотребува јазикот за да шири говор на омраза, односно да објавува прилози кои целат кон дискриминирачки однос кон некој општествена заедница. Новинарот не смее да манипулира со јазикот и да употребува политички некоректни зборови или изрази и по секоја цена ќе избегнува стереотипизација, предрасуди, етноцентризам итн.

Од овој аспект, екипата на Канал 77 особено ќе внимава на содржините за време на изборни процеси и во врска со настани кои во центарот на вниманието ставаат некаква маргинилизирана група или заедница (етничко малцинство; сексуални работници; лица со посебни потреби итн.)

Промоција на медиумот
Канал 77
како професионален медиум и општествено одговорна компанија поттикнува граѓанско новинарство. Новинарите и водителите го поттикнуваат цивилното општество да споделува информации за настани за кои смета дека се од јавен интерес. Со ова, Канал 77 придонесува за зголемување на јавната свест, но и совесност за општествените случувања како што му доликува на еден национален медиум кој 29 години и’ служи на својата публика, пркосејќи им на цензурата и притисоците.

Забелешка:
Официјална веб страна на Канал 77 за вести е www.mms.mk

0%