Долга колона на возила, комбиња и автобуси затекнавме изминатата сабота на границата меѓу Македонија и Бугарија кај Делчево. Доминираат бугарските возила, во кои можеа да се забележат од најмали до највозрасни. Главната дестинација на бугарските државјани е Делчево, најблискиот град, каде во сабота е и пазарен ден. Се купува зеленчук и овошје како и друга храна, бидејќи е поевтино за нивен џеб. Бугарите од пограничните региони ќе испазарат, одат на заболекар, а на крај пред одење во некој од локалните ресторани на ручек. Во сабота, велат делчевчани нема место ни кафе да се напиеш, а трговците на градскиот пазар држат цени како за странци.
Пазар, ординации, бензински пумпи
Изминатите два викенди е актуелно и точењето на гориво, ама и пред тоа бугарските државјани си доаѓаа редовно и во голем број.
Од спротивна страна, на влезот во Бугарија, одвај автомобил – два, но за разлика од Бугарите, на македонските државјани им треба повеќе време поради новите правила за влез во Шенген зоната за собирање на биометриски податоци, кога и за влез и за излез во Бугарија се земаат отпечатоци од показалецот, процедура која задржува време.
Во соседниот Благоевград, полни со луѓе се големите светски синџири маркети, додека тамошните трговци се жалат дека од јануари со преминот од лев во евро, како што велат, цените отишле до небо, особено на облеката и обувките. Се’ уште ги кажуваат цените во левови, па потоа додаваат податок во евро. Така и се истакнати на продуктите што ги нудат. Како и кај нас, кафулињата се полни. Колку за кафе, има.
„Бензински туризам“
Во пограничниот простор со Грција, особено изминатиот викенд, бугарските медиуми пишуваат за појава на „бензински“ туризам. Жителите на Северна Грција масовно ја преминуваат границата за да ги полнат своите автомобили со поевтино гориво во Бугарија. Во исто време, постои дефинитивно спротивен тренд – сè повеќе Бугари организираат шопинг тури до Грција, привлечени од пониските цени на основните прехранбени производи во грчките супермаркети.
Според извештајот на грчката национална телевизија ЕРТ, емитуван во живо од граничните премини, разликата во цената на бензинот од двете страни на границата достигнува 50 евроценти за литар. Ова стимулира сериозен бензински туризам, при што некои патници дури ризикуваат да наполнат дополнителни канти гориво. Таквата практика е строго забранета, а грчките царински власти редовно ги проверуваат возачите веднаш по преминувањето на границата.
Грците во Бугарија купуваат и месо и месни производи, што кај нас е строго забрането внесување во Македонија поради опасноста од свинска чума. Македонските граничари прво што прашуваат и гледаат по багажот се цигари, па потоа месо и месни производи.
За разлика од Македонија и Бугарија, грчката влада со избувнувањето на конфликтот во Блискиот Исток и драстичниот раст на цените на нафтата, воведе ценовни ограничувања на основните прехранбени продукти. Со тоа, како што пишуваат бугарските медиуми, цените по бугарските маркети речиси се доближија до тие во грчките, а некои продукти се дури и поевтини.
Викендите, како што може да се види на премините, е време за потрага на поевтиното, но и да се излезе од дома – кај соседите преку граница.






