„Не е лесно да се каже збогум“ – Емил Павлов стави крај на спортската кариера

Светскиот вицешампион и четирикратен европски шампион во карате, штипјанецот Емил Павлов, стави крај на својата спортска кариера.

Со емотивно видео од најсветлите моменти во неговата спортска кариера, 33-годишниот Емил му кажа збогум на каратето:

„Не е лесно да се каже збогум на нешто што било дел од твојот живот толку многу години. Денес официјално ставам крај на мојата спортска кариера. Пат исполнет со многу труд,жртви,победи,порази,солзи и незаборавни моменти. Имав чест да ја претставувам Македонија на најголеми европски и светски настани и да се пее македонската химна во мое име. Овој пат не го одев сам.Благодарност до моите тренери до мојот Карате клуб Штип, до Карате Федерација на Македонија, претседатели, селектори, судии, спаринг партнери, институции, спонзори и сите кои веруваа во мене. Најголемо благодарам до мојата фамилија-тие беа мојата најголема сила кога беше најтешко и моја радост кога победував. Ќе продолжам во иднина да бидам мотивација и инспирација за младите генерации“ – рече Павлов.

Поддршка и благодарност за придонесот во каратето му искажа и карате репрезентативката на Македонија и европска шампионка, Вероника Костовска:

„Мене ми беше голема чест и задоволство што имав прилика да учам и тренирам со најдобриот. Легенда и голем човек, благодарна сум му за се што даде како придонес во каратето“ – вели Костовска.

Вероника Костовска, македонска карате репрезентативка и европска шампионка

Покрај медалите од светското и европското првенство, Емил Павлов е носител и на еден златен медал од Европските игри и на 6 медали од Карате Премиер лигата.

Кога првпат стана европски првак, штипјани и општината му организираа дочек во општинската зграда, каде беше пречекан од десетици фанови и поддржувачи.

Како светски вицепрвак, пак, беше пречекан на скопскиот аеродром од голема група поддржувачи со македонски знамиња.

Во штипската спортска историја Емил Павлов влегува како едно од најпрепознатливите имиња, рамо до рамо со легендарниот фудбалер Драгослав Шекуларац и олимпиецот Зоран Шоров.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ