Над една третина жители ќе бидат над 65 години во 2055-та – ќе снема половина милион работници – ДЗР за трендот на стареењето на нацијата

Не само што нацијата забрзано старее, туку државата тоа како да не го гледа. Услугите за старите лица се ограничени, услугата помош во домот е достапна за помалку од 1% од лицата над 65 години, а воопшто не е воспоставена во 31 општина. Доминантен дел од грижата и натаму припаѓа на неформалниот сектор и на семејствата. Демографските проекции за нашата држава се негативни односно учеството на лицата над 65 години ќе се искачи на над 34% до 2055 година , бројот на лица над 80 години ќе се зголеми повеќе од шест пати во однос на состојбата во 2024 година, додека работоспособното население ќе се намали за речиси половина милион лица, што дополнително ќе ги засили притисоците врз јавните финансии. Ова се загрижувачките трендови што ги бележи денеска објавениот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗР).  

Просечната старост на населението е зголемена од 32,3 години во 2000 на 41,8 години во 2024 година, учеството на лицата над 65 години расте, додека уделот на помладите генерации опаѓа. Како што констатира извештајот на ДЗР, главната причина за демографскиот пад не е само нискиот наталитет, туку и емиграцијата на населението.

„Во последните години се регистрирани драстични намалувања: кај децата во прво одделение во однос на родените 6 години претходно бројот на запишани во основно училиште е понизок за 2.774 ученици, а кај матурантите оваа разлика е повисока и изнесува 34,6% (од 22.585 живородени/14.771 матуранти). Според проекциите на Државниот завод за статистика, уделот на лицата над 65 години ќе се искачи од 19,1% во 2025 на 32,6% во 2050 и 34,2% во 2055 година. Бројот на лица над 80 години ќе се зголеми од околу 22.000 во 2024 на над 144.000 во 2055 година, додека работоспособното население (15–64 години) ќе се намали за приближно 470.000 лица. Во отсуството на навремени и ефективни реформи, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7,4% од БДП во 2057 година што ќе доведе до сериозно оптоварување на Централниот буџет. Системот за грижа за стари лица е недоволно развиен. По истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата веќе седум години нема донесено активен сеопфатен стратешки документ за грижа за лицата над 65 години“, пишува ДЗР.

Дневните центри имаат капацитет од само 200 лица, а домовите за стари лица располагаат со 2.378 кревети (7 легла на 1.000 жители над 65 години). Притоа постојат листи на чекање и нерамномерна географска распределеност (претежно во Скопскиот регион) што е уште еден показател за недоволниот капацитет на овие услуги.

Според извршени проекции заклучно со 2024 година околу 63.000 лица над 65 години имаат потреба од долготрајна нега додека до 2050 година овој број ќе порасне на 108.000 лица (за 70%). Поради ова без значително зголемување на капацитетите, товарот ќе падне врз семејствата и неформалниот сектор.

Македонија се наоѓа во еден од најбрзите процеси на демографско стареење во Европа. ДЗР предлага мерки, меѓу кои и зголемување на границата за пензионирање, прилагодување на стапките на придонеси, ревизија на моделот за усогласување на пензиите, диверзификација на инвестициите во вториот столб, како и зголемување на капацитетите за услуги кон старите лица.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ