Само еден ден официјално функционирање беше доволен за да се направи целосен хаос на границите со ЕУ – ЕЕС системот на собирање на биометриски податоци на патниците од трети земји направи редици со чекање меѓу три и седум часа. Идентично беше и на копнените граници, меѓудругите и на македонско – грчката граница, каде македонските граѓани посведочија на не до крај функционален систем, што создаде километарски колони и неколкучасовни чекања.
По лошото искуство, кога многу летови требаше да бидат одложени со цел да ги почекаат патниците, група авиокомпании од групацијата ACI ја повикува Европската комисија да дозволи „целосна и делумна суспензија“ на EES до крајот на летото „доколку е потребно“.
Овој систем кој ги слика ликовите и зема отпечатоци, е во задолжителна примена од 10 април, по серија одложувања и фазни подготовки. Биометрискиот систем за гранична контрола е воведен низ Шенген-зоната и е во сила во 29 европски земји.
Меѓутоа, предлогот на авиокомпаниите, засега не е земен во разгледување. Портпарол на Европската комисија изјави дека системот е оперативен и проблемите се спорадични, во одделни земји.
„Она што можеме да го видиме од првите денови на целосно функционирање е дека системот работи многу добро. Во огромното мнозинство земји-членки нема проблеми. Има „неколку земји-членки каде што се откриени технички проблеми“, но дека тие „се решаваат“. На земјите-членки е да обезбедат правилно спроведување на ЕЕС на терен“, изјави портпаролот.
Европската комисија соопшти дека просечната регистрација на патник била 70 секунди, иако ACI тврди дека може да потрае и до пет минути.
Од друга страна, во заедничкото соопштение од ACI EUROPE и Airlines for Europe (A4E) со недели, двете групи „предупредуваа“ за „предизвиците при оперативното воведување“ на EES и велат дека „главните загрижености“ се „сега реалност“. Тие ја повикаа Европската комисија и земјите-членки на ЕУ „веднаш да воведат дополнителна флексибилност“ во работењето на новиот систем.
Во посебна изјава издадена во понеделник, A4E беше уште поостра, велејќи дека тричасовното чекање во ред на граничната контрола не е „првичен проблем“ на ЕЕС, туку е „системски неуспех“.
„Авиокомпаниите работат неуморно за да ги достават летовите до нивната дестинација на време – што е врвен приоритет за патниците и авиокомпаниите“, рече A4E. „Но, воведувањето на EES овој викенд раскажа поинаква приказна: прекини и прекумерно време на чекање – сè надвор од контролата на авиокомпаниите, што доведе до одложувања и пропуштени летови“, реагира A4E.
Групата додаде дека иако европските авиокомпании ја поддржуваат целокупната цел на EES за зајакнување на граничната безбедност, „тоа не смее да значи постојани и повторливи прекини во патувањето“.
На аеродромот Линате во Милано во неделата, требало да има 156 патници резервирани на летот на „Изиџет“ до Манчестер во Велика Британија. Откако се соочиле со повеќечасовни редици, само 34 патници се качиле во авионот, оставајќи 122 патници во Италија, кои „го гледале својот авион како полетува без нив“, изјавил дописникот за патувања на „Индипендент “, Сајмон Калдер.
За да се вратат дома, едно семејство потрошило повеќе од 1.600 фунти (1.838 евра) за да лета со префрлувачки лет преку Луксембург, што би ги вратило дома со 24 часа задоцнување.
Извор: Индепендет, ЕУ, Еуроњуз
Фото: Принт скрин






