За потрагата со среќен крај – Благодарение на дронот со термална камера беше вратен дома исчезнатиот валандовчанец

Неколку часа по исчезнувањето на 32-годишниот Горан Ременски од Валандово, во просториите на Територијална професионалната противпожарна единица (ТППЕ) дошол неговиот постар брат. Се сетил дека пожарникарите имаат дрон со термална камера што може да помогне во потрагата и замолил да помогнат да го лоцираат братот.

Обучените пожарникари го кренале дронот во воздух и следеле два дена пребарување на целиот терен околу Валандово. На почеток, како што ни кажа Јане Гогов, командир на ТППЕ Валандово, потрагата била без успех. Ременски е пријавен за исчезнат во саботата, откако рано наутро излегол од дома, а бил пронајден во понеделникот, рано наутро.

-Добивме информација од луѓе дека Горан бил виден и ни посочија реон, каде тргнавме да бараме. Така и беше лоциран со термалната камера, по што заминавме на местото и го пронајдовме, вели Гогов.

Горан Ременски бил вратен жив и здрав дома. Бил пронајден во тешко пристапен терен во реонот на Тиса, во близина на селото Чалакли, Валандовско.

Овој случај е прв за валандовските пожарникари во потрага по човек да го вклучат дронот со термалната камера. Дронот го имаат три години и е донација.

-Дронот минатото го лето постојано го користевме во лоцирање на шумски пожари и беше особено ефикасен и од голема помош. Може да го лоцира на самиот почеток на пожарот и особено е корисен во непристапни подрачја. Термалната камера лоцира недозволено движење на луѓе низ шума, што може да помогне и во наоѓање на дрвокрадци, објаснува Гогов.

Потрагата со среќен крај покажа дека новата технологии може да спаси животи. Во Анализата на противпожарниот сектор во Македонија, што ја изработи ДПД Свети Николе, се укажува на потребата да се зголеми бројот на вакви дронови во редовната опрема на пожарникарите. 

Ваква технологија со дрон со термална камера во микро регионот на Валандово, Богданци и Дојран имаат само валандовските пожарникари. Македонските професионални пожарникари поседуваат 32 дронови со термални камери. Доброволните друштво не се опремени со ваква опрема.

Во Анализата се изнесува дека во „напредните земји и развиените пожарникарски системи, се повеќе се применуваат персонални термални камери интегрирани во шлемовите на секој пожарникар“.

„Ова овозможува: Постојан термален надзор без непотребно зафаќање на рацете; детекција на заробени лица во простории со густ чад; Следење на пожарникари и идентификација на извори на топлина зад ѕидови, тавани, итн. Овие камери се поврзуваат и со тактички командни центри во реално време, што обезбедува перманентно мониторирање на ситуацијата од страна на командниот кадар, за поуспешно управување со ситуацијата и координирање на целиот тим“, пишува во Анализата.

Професионалните дронови со топлински камери можат да се најдат на македонскиот пазар по цени за околу 2000 евра. Средства што не се така големи и за малите општини, а како што покажа примерот од Валандово, тоа е опрема што може да спаси и животи.

В.К.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ