Македонското образование со години се соочува со сериозни предизвици, но резултатите од меѓународните ПИСА-тестирања повторно го отвораат најважното прашање: какви знаења и вештини всушност стекнуваат нашите ученици во училиштата? Токму на оваа тема во емисијата „Стадион“ на Канал 77 разговараме со универзитетскиот професор Кирил Барбареев и директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска Михајловска.
ПИСА не е само уште едно тестирање, ниту пак е само листа на земји и освоени бодови. Зад резултатите стојат илјадници македонски ученици, нивните наставници, родителите, училиштата и целиот образовен систем.
И затоа, кога резултатите се поразителни, прашањето не треба да биде само „Колку бодови освоивме?“, туку: „Зошто нашите деца не ги стекнуваат знаењата и функционалните вештини што им се потребни за животот?“ Проблемот е многу подлабок од една генерација ученици или од еден министер, смета професорот Барбареев.
Дали премногу долго учиме за оценки, а премалку за знаење? Дали учениците меморираат информации, но не знаат да ги применат? Дали наставата е приспособена на потребите на XXI век или сè уште се потпираме на модели создадени за едно сосема поинакво време?
Што значи ученик да знае да чита, ако не умее да го разбере прочитаното, да извлече заклучок, да препознае манипулација или да аргументира став?
И уште поважно — можеме ли да очекуваме силна економија, силни институции и силна демократија ако образовниот систем не создава функционално писмени, критички мислечки и самостојни граѓани?
Затоа овие резултати треба да бидат аларм, а не политичка статистика која ќе ја заборавиме неколку недели по објавувањето.
Кој е одговорен за состојбата?
Наставниците? Родителите? Министерството? Универзитетите? Политиките што се носат во образованието? Општеството? Или, можеби, сите заедно?
Од друга страна, универзитетите се последната алка во образовниот процес. Но, што се случува кога на факултет доаѓаат студенти со сериозни празнини во основното знаење? Дали високото образование треба да ги надополнува пропустите од основното и средното образование или треба да се фокусира на повисоки нивоа на знаење?
Ова и многу повеќе во најновото издание на емисијата Стадион на Канал 77 со универзитетскиот професор Кирил Барбареев и Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска. Следете не на линкот во продолжение:










