В.Д. градоначалникот на Гостивар и кандидат на НАИ на изборите на 19 октомври, Валон Лимани, во емисијата Стадион на Канал 77 рече дека смета дека терминот повторени избори, какви што ќе се случат во Гостивар, подразбира повторување на изборите со истите кандидати:
„Јас по вокација не сум правник, меѓутоа консултуравме експерти по право, поранешни судии и слично. Велат дека овие се повторени избори и повторените избори би требало по секоја логика истите овие избори што се одржаа да се повторат со сите кандидати. Зошто го велам тоа – еве хипотетички, помина 19 октомври, првиот круг каде што немавме цензус. И сега распишуваат пак избори, на кои ќе се пријават други кандидати, и сега, не се бара цензус и може да се избере еден кандидат без цензус, со многу помалку гласови, и со тоа директно се поставува прашањето – зошто за мене да важи на 19 октомври цензусот со 17 илјади гласови, а за некој втор кандидат, што не бил дел од трката во овој прв круг на 19 октомври, да може да стане градоначалник со 5 илјади без никаков цензус. Каде е тука правото?“ – вели Лимани.
Тој вели дека е иронично и тоа што цензус има само за изборот на градоначалник, но не и за изборот на членовите на советот:
„Цензус нема за листата на советници, меѓутоа интересно е што цензус за локални избори има само во Македонија и во Бугарија. Ниту една држава и од Европската унија и од нашиот регион, немаат цензус за локални избори и тоа во Бугарија во прв круг се бараат 40% излезност, доколку нема се оди во втор круг акде што се бара 25% излезност. Сите други држави од регионот и од ЕУ не бараат цензус за локални избори и за избор на градоначалник.“ – додава Лимани.
Тој посочува дека ќе направи се, општина Гостивар да функционира непречено:
„Советот ќе почне да работи, нормално, има рокови, сепак е крај на година, има буџети, има годишни програми и ред други обврски, така да советот ќе продолжи да си функционира. Околу мојата позиција ќе видиме, ќе почекаме. Колку и да е нејасно, сево ова што се случува, додека сум тука, додека ја вршам таа функција, јас ќе направам максимум да нема никакви пречки, без разлика дали некој ќе дојде како повереник на владата или нема. Јас ќе направам се, сите тековни процеси, да бидат завршени и да бидат како што треба, затоа што за мене и пред се, најважни се гостиварчани, граѓаните на мојата општина.“ подвлекува Лимани.
Целата емисија Стадион можете да ја погледнете на линкот:










