Сообраќајната култура во земјава е на катастрофално ниво, тврди во гостување на Стадион на Канал 77, Маја Арсовска-Манов, началник во МВР. Зборувајќи за сообраќајните навики на нашите возачи истакнува дека не се работи за менталитетот, како што најчесто знаат да кажат учесниците во сообраќајот, туку едноставно за немање авторитет и непочитување на правилата и прописите во сообраќајот дома.
- Како може еден ист возач штом ќе ја помине границата и ќе влезе во друга земја веднаш да стави појас, да ја прилагоди брзината на движење или да вклучи светла, а дивее кога вози по македонските патишта, нагласува Арсовска-Манов.
Истражувањата покажале дека само 20 проценти од возачите кога ќе ги прашате кој е последниот сообраќаен знак кој го одминале, знаат точно да ви одговорат, што говори дека нашите возачи возат по помнење и навика, а не според знаци, вели професорот од Универзитетот Св. Климент Охридски, Зоран Јошевски. Потенцира дека клучно за безбедност во сообраќајот е концентрираноста и фокусираноста на возачот.
- Возењето не е само да се седне зад волан и да се вози, тоа бара многу повеќе, психолошка и физичка подготвеност. Влегуваме во автомобил со милион проблеми и возиме механички и нефокусирано, додава Јошевски.
Искуството од земјите во Западна Европа, каде со години наназад се инсталирани безбедносни системи од типот на Безбеден град кај нас, покажува дека ваксите системи, дури за 20 до 50 проценти придонеле за намалување на смртноста од сообраќајни несреќи во овие земји, истакнува Јошевски што според него е само една од причините зошто самиот е голем поддржувач на Safe city.
- Статистиката опаѓа, a бројот на прекршоците e преполовен во однос на бројката од 110 илјади регистрирани прекршоци во текот на првиот ден од тест периодот во скопје, вели началничката Арсовска – Манов.
Таа нагласува дека во текот на вчерашниот ден имало само две сообраќајни несреќи во Скопје, на подрачје каде претходно се случувале барем десет во текот на денот, што според нејзе е добар показател дека системот сепак врши психолошко влијание врз возачите.
Зборувајќи за реакциите на дел од возачите дека брзината од 50 километри на час во Скопје е прениска, Арсовска-Манов истакнува дека во некои европски земји, како на пример во Лондон во Англија, максималната дозволена брзина во населено место е само 30 km/h, па зошто ова да не ни биде пример, прашува таа.
За воведувањето на безбедносниот систем Безбеден град во земјава, предизвиците, реакциите и поплаките од граѓаните, во денешното најново издание на емисијата Стадион на Канал 77. Следете не на линкот во продолжение:










