Денеска се одржа четвртото рочиште од судењето за пожарот во дискотеката Пулс, во кој животот го загубија 63 лица, а 211 беа повредени, од кои 157 со тешки телесни повреди.
Следното рочиште е закажано за 10 декември.
Во продолжение блогот на Канал 77 преку кој се следеше судењето:
14:59 – „Обвинетите се однесуваат како тие да се жртви и како првпат да слушаат дека Пулс постоел“ – родителите со критика
„Загрижува фактот што обвинетите продолжуваат да добиваат јавен простор за изјави и медиумски настапи иако се соочуваат со сериозни обвиненија поврзани со последиците од настанот во кој беа уништени 63 животи и зацрнети 200 семејства. Тие се однесуваат како тие да се оштетени, како тие да не знаат зошто се обвинети, како првпат да слушаат дека дискотеката Пулс постоела.“ – изјави Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова . – прочитај повеќе.
14:50 – Одбраната на обезбедувањето тврди дека не постоел план и договор за физичко обезбедување на Пулс
На денешното рочиште за случајот „Пулс“ во Кочани, одбраната оцени дека обвинението против обвинетите од обезбедувањето е неосновано, без конкретни докази и изградено врз хаотични претпоставки. Адвокатите нагласија дека дел од обвинетите имале ограничени задачи и не можеле да спречат внес на пиротехника, а како клучни причини за трагедијата посочија институционални пропусти и недостиг на надзор. – прочитај повеќе.
13:54 – Одбраната на екс градоначалниците, Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за Пулс
Одбраната на обвинетите градоначалници истакна дека постапката се води врз основа на нецелосна истрага и без обезбедени факти кои директно ги поврзуваат со катастрофата. Бранителите на Николчо Илијев и Љупчо Папазов нагласија дека нивните клиенти постапувале согласно закон и прописи, дека одговорноста за надзор и регулатива е во надлежност на стручните служби, и дека неправедна осуда би претставувала „втора трагедија“. – прочитај повеќе.
13:44 – Одбраната на Рубикон побара минута молк за загинатите во Пулс
Во момент кога во судницата во Идризово доминираа правни расправии и меѓусебни обвинувања, настана краток прекин исполнет со тишина.
Бранителот на обвинетиот Јане Јанчевски – управител на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ – адвокатот Јовица Страшевски, ѝ предложи на судијката да се направи исклучок од вообичаената процедура.
„Предлагам да оддадеме почит со едноминутно молчење за жртвите,“ рече тој. – прочитај повеќе.
12:09 – Екс градоначалникот Ратко Димитровски тврди дека барал да не се издаде дозвола за „Пулс“, но барањето било занемарено
Одбраната на поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, на денешното судење за случајот „Пулс“ истакна дека обвинението претставува преседан во правната практика, особено во делот на утврдување на причинско-последична врска. Според нив, Димитровски не само што немал намера или умисла, туку бил единствен кој реагирал и поднел барање за неиздавање дозвола за работа на дискотека или кабаре уште пред објектот да започне со работа. – прочитај повеќе.
12:00 – Одбраната на Огњан Георгиев тврди дека делото за него застарело 4 дена пред пожарот
„Судот треба за Огњан Георгиев најпрво да утврди дали настапила застареност на делото, основното кривично дело е „предизвикување на општа опасност“ со казна затвор од една до пет години. Во случајов треба да се утврди дали постои застареност на основното кривично дело и судот не може да се впушти во разгледување на квалификаторното дело. Застареноста настапила на 11.03.2025 година, со оглед дека на 11.03.2020 година бил последниот период кога обвинетиот можел да преземе службено дејствие.“ – изјави адвокатот на Георгиев. – прочитај повеќе.
11:24 – Причината за трагедијата во „Пулс“ не е поради градежни пропусти на објектот, тврди одбраната на општинските градежни инспектори
Одбраната на обвинетите градежни инспектори во случајот „Пулс“ во воведните говори од денешното судење нагласија дека „причината за трагедијата не е поради градежни пропусти на структурата на објектот“ и дека инспекторите „не можеле да постапат бидејќи немало пријава или наредба за инспекциски надзор“. – прочитај повеќе.
10:23 – „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ – со овој транспарент семејствата ги пречекаа обвинетите пред судот
„63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ со овој транспарент на кој се прикажани фотографии од сите 63 загинати од трагичниот пожар во дискотеката Пулс семејствата на загинатите ги пречекаа обвинетите и адвокатите пред судницата на денешното четврто рочиште од судењето. – прочитај повеќе.
09:00 – „Сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни“ – Со воведни зборови на одбраната продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани
Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со воведни зборови на одбраната, откако на минатото рочиште, сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар. – прочитај повеќе.
Интервјуа:
Сите информации од претходните рочишта:






