ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Една сијалица чини 900 евра само кога плаќаат граѓаните

today27/02/2020 72

Background

Давањето на услуги преку форма на јавно –  приватно приватно партнерство е ретко практикувано и релативно нов принцип на работа во државата. Главната цел на ЈПП е вклучување на приватниот сектор во обезбедувањето на јавни услуги, со што улогата на јавниот сектор се менува од сопственик кон купувач и чувар на јавните интереси. Приватниот партнер влегува за да заработи, но јавниот партнер, во случајот општината, е тој што го чува интересот на граѓаните.

Ова се води од верувањето дека јавниот сектор треба да се фокусира на своите основни функции, оставајќи го приватниот сектор да ја извршува ефикасно и ефективно својата функција. Освен тоа, препорака е да се примени овој модел особено во ситуација кога јавниот сектор не може да дојде со свеж капитал, нема свои пари, а кредитите се неисплатливи.

Во моментот течат неколку повици за јавно приватно партнерство, меѓу кои и тој на Општина Штип за модернизација и реконструкција на уличното осветлување, Општина Велес склучи договор за управување со Офицерскиот дом, додека државата преку Министерството за економија распиша повик за изградба на гасоводната дистрибутивна мрежа.

На ваков начин, преку јавно – приватно партнерство се градени Суецкиот канал и каналот Ла Манш на пример, додека во Македонија реконструкцијата на аеродромот Скопје е со договор за ЈПП на државата со туската компанија ТАВ. Изградбата на спортската сала „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром е исто така продукт на јавно – приватно партнерство на Oпштината со компанијата на Сергеј Самсоненко. Јавно – приватно паретнерство беше воспоставено и со скопската депонија Дрисла, но тој договор неодамна беше раскинат.

Внимателни се обидите преку приватен капитал да се обезбеди јавна услуга, според Државниот завод за ревизија поради повеќе пропусти и законски недостатоци. Од направената ревизија за јавно – приватното партнерство на локално ниво, во периодот од 2011- 2017 година,  речиси во сите анализирани случаи, констатуирано е непочитување на Законот за ЈПП и пропусти во постапката за јавна набавка, што, според ДЗР, води кон намалување на транспарентноста и можноста за конурентност и еднаков пристап. Неопходен е системски пристап на сите инволирани институции и ревизија на законодавството, стои во препораките. Слични се и забелешките на Европската комисија, која во Извештаите за напредок на Македонија кон ЕУ, од 2014 година па наваму, редовно ги нотира пропустите во практикувањето на јавно – приватното партнерство.

Во последниот Извештај од 2019, ЕУ забележува дека земјата останува умерено подготвена во областа на јавните набавки, што е особено ранлива на корупција.

„Постигнат е одреден напредок со усвојувањето на новиот закон за набавки во јануари 2019 година за да се обезбеди потранспарентна и ефективна транспарентност на систем на  јавни набавки. Потребни се дополнителни напори за да се спречат неправилностите и корупцијата во циклусот на набавки. Во наредната година, земјата треба особено:

– да обезбеди понатамошно усогласување со Директивите на ЕУ за јавни набавки, особено за јавно-приватно партнерство, концесии и усвојување релевантно секундарно законодавство на новиот закон за јавни набавки за да се овозможи негово целосно имплементирање. (Извештај на ЕК за Македонија, 2019).

Неколкуте примери, од кој најилустративен е последниот, од Свети Николе, ја покажа целата оправданост на нотираното од ЕУ.

Свети Николе пред целосна блокада

Договорот за јавно – приватно партнерство меѓу Општината Свети Николе и струшката фирма Сити лајт за реконструкција и модернизација на уличното осветлување, заврши неславно по општината. Сити лајт од сметката на Општина Свети Николе на десети февруари, преку извршно решение успеа да наплати 210.000 евра за договорот, кој Општината еднострано го раскинала во 2013 година. Од тие 210.000 евра,  износот од 100.000 евра е за извршената работа пред раскинување на договорот за период од десет месеци, уште 100.000 евра за камати и судски трошоци за постапката од 10.000 евра. Дополнително,  некогашниот партнер, Сити лајт, бара уште 42 милион денари  или над 660.000 евра за проценета добивка за периодот од ракинување на договорот до сега. Вкупната сума од наплатените пари на Сите лајт и тие што ги побарува, се речиси колку цел еден основен годишен буџет на Општината Свети Николе.

Еден градоначалник на крајот од мандатот склучил договор, неговиот наследник кога дошол го раскинал, за седум години подоцна да стигне цехот, кој ќе го платат граѓаните. Одговорност нема, бидејќи кривичната пријава на Управата за финансиска полиција веќе три години е во фаза на предистрага во Јавното обвинителство.

Празнењето на сметката на Општина Свети Николе следеше откако Aпелациониот суд во декември 2019 година пресудува во корист на приватниот партнер – Сити лајт, потврдувајќи го бараниот износ, иако со години не го одржува уличното осветлување, за што бил склучен овој договор.

-Судот не ги прифаќа нашите аргументи на општината дека работите на приватниот партнер во случајот Сити лајт не се завршени квалитетно, ниту употребените материјали се според одредбите од договорот, дека не е извршен технички прием на светилките. Во целиот тој судски лавиринт, каде еден мој претходник склучил договор на дури 13 години, со вредност од 91 милион денари, следниот градоначалник, без да мисли за последиците, еднострано го раскинал и ги враќал фактурите по основ на договорот за јавно приватно партнерство, сега во 2020 година, граѓаните на Свети Николе се принудени да ги плаќаат сите лоши и погрешни решенија, изјави градоначалникот Сашо Велковски.

Во 2012 година на крајот од својот мандат, тогашниот градоначалник Роберт Ѓеоргиев, склучил договор со Сити лајт на 13 години, во вкупна вредност од близу 91 милион денари. Општината има обврска да плаќа месечни рати од по 10.000 евра. Договорот никогаш не профункионирал. Веднаш по потпишувањењето, на изборите за градоначалник е избран сопартиецот на Ѓеоргиев, Зоран Тасев. Според неговото кажување, Сити лајт ангажирала друга фирма, како подизведувач, чија работа се покажала по големата поплава во 2013 година, кога биле соголени каблите и на површина излегло нестручното поврзување, поради што настрадале куќните апарти на граѓаните од изведените електрични споеви. За ова, тврди Тасев, има и записник од ЕВН Македонија, кој укажува на нестручно приклучување на светилките кон нивната мрежа, поради што штети претпрел целиот систем.

Поранешниот градоначалник Тасев вели дека поради тоа кога дошол на функција, утврдил дека договорот е штетен по општината, а како илустрација ја изнесува цената на една сијалица од дури 900 евра.

-Правните служби сугерираа дека договорот не е во ред , бидејќи има член каде вели дека сијалиците се со рок од 40.000 часови, тоа е за 10 години, а договорот е на 13 години. Практично, ќе требаше Општина Свети Николе сама да си купува сијалици додека се’ уште трае договорот, а приватниот партнер само да наплаќа. Договорот не ни профункционира и нема платено ниту една фактура од наша страна, бидејќи беа констатирани работи, кои не се во ред, изјави Тасев.

Двајцата градоначалници – и сегашниот и поранешниот, укажуваат дека одлуката за јавно -приватно партнерство се базира на препишана и неквалитетна физибилити студија, без сеопфатна анализа за исплатливоста на јавно приватното партнерство. По неколку обиди за медијација, Тасев донесува одлука за еднострано раскинување на договорот во септември 2013 година, што во октомври ја потврдува и Советот на општината. Овој момент го користи Сити лајт и пред суд докажува дека раскинувањето на договорот е од градоначалникот, а не од Советот, по што го добиваат процесот и ракинувањето на договорот се смета за ништовно. Следат години на долги судски процеси. По седум години на правно надмудрување, уличното осветлување е во раце на Општината, додека приватната компанија со извршно решение успеа да наплати 210.000 евра и бара уште.

Овој договор за јавно приватно партнерство е предмет на работа на Управата за финансиска полиција, која во 2017 година до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава. Во одговорот до Канал 77, од Управата соопштуваат дека пријавата е против лицето Р.Ѓ. во својство на градоначалник на Општина Свети Николе и против лицето В.А., во својство на управител на правниот субјект Сити Лајт ДООЕЛ Струга.

„Пријавата е поради постоење на основано сомнение дека лицето Р.Ѓ. ги сторил кривичните дела:„Злоупотреба на службена положба и овластување“и „Фалсификување или уништување на деловни книги“ од Кривичниот законик и лицето В.А. преку правниот субјект Сити лајт дооел Струга го  сторил кривичното дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик“, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од Кривичниот законик, со тоа што лицето Р.Ѓ. му овозможил на правниот субјект Сити лајт преставуван од В.А., со поднесување на невистинита документација да биде избран за најполовлен понудувач во постапката и со склучување на договор за ЈПП за реконструкција, модернизација и одржување на јавното осветлување за период од 13 години, на начин што лицето Р.Ѓ. потпишал Записник за примопредавање и покрај тоа што лицето В.А. преку правниот субјект Сити лајт не ги исполнило обврските од договорот за ЈПП. Исто така, лицето Р.Ѓ. со намера да ги прикрие трагите од делото, прикрил оригинална документација и тоа Записник за примопредавање и допис – Одговор на барање, кој од страна на правниот субјект Сити лајт бил доставен до општина Свети Николе. Со гореневедените дејствија лицето Р.Ѓ. му овозможил на лицето В.А. и правниот субјект Сити лајт да се стекнат со имотна корист, во вкупен износ од 90.990.330 денари, за кој износ го оштетиле Буџетот на Општина Св.Николе, соопштуваат од Упрвата за финансиска полиција.

Оваа пријава три години подоцна, се’ уште е предмет на предистрага во Обвинителството, ни потврдија од ЈОРМ.

-Надлежниот обвинител што постапува во предметот има донесено наредба за материјално – финансиско вештачење до Бирото за судски вештачења, како и две ургенции во меѓувреме по однос на вештачењето. Откако ќе биде добиен бараниот вешт наод и ќе се направи анализа на истиот, јавниот обвинител ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, одговорија од прес службата на Обвинителството.

Додека течат правните постапки, Општината е пред закана да остане со блокирана сметка.

Градоначалникот Сашо Велковски смета дека од овој финансиски удар општината не може за заздрави долго време.

-Ако Сите лајт успее да ги реализира и фактурите во износ од 42 милион денари, сметката на општината ќе биде блокирана. Од ликвидна општина, во одлична финансиска кондиција во која успеавме да ја доведеме со силни маки од преземањето на власта, каде наследивме празна жиро сметка и вкупни долгови од 1.600.000 евра, Општина Свети Николе ќе стане еднa од над десетината блокирани општини во државата, без шанса наскоро да се одблокира, изјави Велковски.

Општината продолжува со правната битка и веќе поднела барање за ревизија како вонреден правен лек до Врховниот суд, додека пред Вишиот управен суд се води постапка по жалба за одлуката за раскинување на договорот за Јавно приватно партнерство со Сити лајт.

Уличното осветлување во рацете на Сити лајт и на три други општини

Струшката компанија Сити лајт на бизнисмиенот Гузимтар Татеши, освен со Свети Николе, вакви договори за јавно приватно партнерство за одржување и модерницација на јавното осветлување во периодот 2012 – 2013 година, склучила и со општините Дебар, Долнени и Струга. Карактеристично е што на јавната набавка во сите општини, Сити лајт е единиствен понудувач.  Со Дебар договорот е до 2025 година и  во висина од 1,7 милиони евра. Градоначалникот Хекуран Дука вели дека не е многу задоволен од тоа како се одвива јавно – приватното партнерство, а и пред неговото доаѓање, општината не му плаќала на приватниот партнер. Преку медијација успеале да го усвојат планот за постепено намалување на долгот преку месечни рати.

-Не сум многу задоволен од услугата, според парите што ги земаат. Седишето им е во Струга и треба време додека да дојдат во Дебар на наш повик. Освен тоа, не е наша работа, но ние им кажуваме каде не е функционално уличното осветлување. Се надевам дека ќе ставиме ред, бидејќи договорот важи до 2025 година, а евентуалното раскинување може скапо да не’ чини, ни изјави градоначалникот Дука.

Шест милиони евра е договорот на Општина Струга со Сити лајт, што е склучен во февруари 2012 година. Договорот за јавно – приватно партнерство со Сити лајт е за модернизација и реконструкција на уличното осветување за период од дванаесет години. Според истражувањето на граѓанската организација „Медиа плус“ за долговите на 20-те блокирани општни во Македонија, во јуни 2018 година, Сити лајт бил најголемиот доверител на Општина Струга. Вкупниот долг на општината изнесувал 3,5 милиони евра, од кои 2,1 милион евра е долг кон Сити лајт. Од склучувањето на договорот за јавно приватно партнерство, долгот на Општината кон Сити лајт постојано растел, но јавно приватното партнерство останува во сила. Според истражувањето на „Медиа плус“ и објавените податоци добиени  од општината според Законот за слободен пристап до информации, во 2012 година долгот на  Општината Струга кон Сити лајт изнесувал пет милиони денари, во 2014-та пораснал на 25 милиони, за во 2018-та, заклучно со месец јуни да стигне до 77,6 милиони денари.

Инаку, сметката на Општина Струга константно е блокирана од 2010 година.

ЈПП е за подобри услуги на граѓаните

Според законот, во јавно – приватното партнерство формално се тргнува од физибилити студија за оправданоста. Добра практика е пред склучување на ваков договор, да се прашаат граѓаните. Ова во својата анализа го пишува тинк тенк организацијата Аналитика, која неколку години го следи и анализира процесот на јавно приватното партнерство. Извршната директорка Тамара Спасова, вели дека јавноста има соменение за корупција поради нетранспранетноста во склучувањето на договорите, кои понекогаш не се ни објавуваат во регистерот што го води Министерството за економија, често се менуваат, ниту им се објаснува на граѓаните за заштедата на трошоците.

– Освен тоа, општината треба добро да планира. Ние имаме физибилити студија која покажува дека тој проект не е оправдан, но општината пристапила кон имплементирање на ЈПП. Договорот треба да е транспарентен за да не биде понатаму предмет на менување, како што беше со аеродромите, да биде во прилог на општината и да биде објаснет на граѓаните. Договорот треба да биде за нешто што носи добро на општината, изјави Тамара Спасова, извршен директор на Аналитика.

Во регистарот на склучени договори за јавно приватно партнерство на Министерството за економија има точно триесет регистрирани договори, од кои 17 се на општини. Најмногу договори за јавно приватно пратнерство има Општината Ѓорче Петров – четири,  која на овој начин добила општинска зграда во партнерство со фирмата Трансмет на Сеад Кочан, кој е во затвор за предметот на СЈО, „Труст“. Вредноста на договорот склучен во 2013 година е 12,6 милиони евра, при што од новата зграда, Општина Ѓорче Петров добива 3.600 квадратни метри простор, додека „Трансмет“ 11.400 квадрати.

Преку договори за јавно приватно партнерство општините главно го модернизираат и одржуваат уличното осветлување, а има и договори за изнесување на смет, користење на пајак возило, за градски паркинг, градски пазар, стадион, мини хидроцентрали и друго.

Сити лајт е компанија сопственост на Гузимтар Татеши, чие име е впишано во Централниот регистар, додека управител е Агем Веизи, чиј потпис стои на договорите за јавно приватно партнерство. Заедно со братот Фисник Татеши и таткото Мазар, семејството има разгранет бизнис со кабелска телевизија, локална телевизија во Струга – ТВ Калтрина и албанско – македонското национално радио Јон, чија дозвола е оспорена поради неисполнети технички услови.

Што се однесува до приходите, од завршните сметки што ги добивме од Централниот регистар, кои покажуваат од 4.714.354 денари приход во 2012 година, кога се потпишани првите договори за јавно приватно партнерство, приходите растат. Така во 2013 година приходот на Сити лајт изнесува 40.580.354 денари, во 2014 – 49.161.028 денари, во 2015 паѓаат на 21.048.677 и 2016 на 12.483.768 денари, за следните две години да покажат значителен раст во приходите. Во 2017 приодот скокнал на 67.062.388 денари и 2018 година да оствари највисок приход од 70.373.728 денари.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%