ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Пратениците заборавени од граѓаните што ги избрале

today11/06/2020 12

Background

На предвремените парламентарни избори, ќе биде избран нов состав на македонското Собрание. Пред одлагањето на изборите, беа предложени 15 пратенички листи, во трка за 120 места во Парламентот. Додека да се изберат новите пратеници, досегашните се’ уште ја вршат таа функција и се на платен список на Собранието. Пратениците не одат на работа, бидејќи Собранието е распуштено, меѓутоа сегашниот состав е во работен однос и прима плата се’ до верификација на новиот состав, потврди Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието.  Тоа значи дека додека по прогласувањето на изборите за завршени, кога и да се одржат во текот на годината, овој состав ќе биде официјалниот состав на Собранието.

Собранието за 2020 -та има буџет од 596.940.000 денари односно 9,7 милиони евра (Сл.весник 265/2019), што значи дека е тоа значен колач од државниот буџет. А каков е ефектот од работата на пратениците?

ПОЛИТИЧКИОТ СЕКТОР НАЈПОДОЛЖЕН НА КОРУПЦИЈА

АНТИКОРУПЦИОНЕРКАТА СЛАЃАНА ТАСЕВА ВЕЛИ ДЕКА ВО ЦЕЛИНА ТРЕБА ДА СЕ СМЕНИ ОДНОСОТ НА ПОЛИТИКАТА И ПОЛИТИЧАРИТЕ И ВНАТРЕ ВО ПАРТИИТЕ И ВО СОБРАНИЕТО И ТАМУ КАДЕ ШТО СЕ ГРАЃАНИТЕ, КОИ ГИ ИЗБРАЛЕ ДА ГИ ЗАСТАПУВААТ.

-ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ СЕ НАЈНЕРЕФОМИРАНИТЕ ИНСТИТУЦИИ, КОИ НЕМААТ УСВОЕНО ИНТЕРНИ, АНТИКОРУПЦИСКИ ПОЛИТИКИ, КАКО ЕДЕН ОД СЕКТОРИТЕ НАЈПОДЛОЖЕН НА КОРУПЦИЈА. АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ИМА АЛАТКИ И МЕХАНИЗМИ ДА НАПРАВИ КОНТРОЛА, СМЕТА ТАСЕВА.

ПРИ ТОА, ПОТСЕТУВА ДЕКА ДАВАЊЕТО НЕВИСТИНИТИ ПОДАТОЦИ ВО ИМОТНИОТ ЛИСТ Е КРИИВИЧНО ДЕЛО.

Кога ги прашавме граѓаните на Штип дали знаат кои се досегашните пратеници, речиси никој не знаеше да ги каже по име. Прашани за чиј интерес работат, штипјани одговорија:

-Сигурно интересите на партијата, па потоа, на крајот мислат за народот. Не можам да кажам дека многу направиле за градот. Многу малку.

-Толку не следам, оти и од едните и од другите сме излагани. Не сум задоволен, ни благодарен. Немаат ништо направено. Направија за себе. Оти, јас ги знам и јас бев во таа листа. И јас да бев пратеник, сега ќе бев газда.

-Сите зборуваат за интерес на граѓаните, ама изгледа повеќе нивниот интерес си го гледаат. Дај Боже нешто добро да се направи, да има вработување за вас младите, изјавија граѓаните на Штип.

Али Ахмети е пратеник 13 години, а говорел само три пати

Последиот извештај на „Мојот пратеник“,  што го работи Собранието, покажа дека 27 пратеници (речиси една четвртина) за периодот јули – декември 2019 година, немаат ниту еднаш излезено на говорница. Еден од нив е пратеникот од Струга, Алија Камберовски, кој  редовно патувал на релација Струга – Скопје, но ниеднаш не говорел во Собранието, нема поднесено ниту еден предлог закон или амандман, ниту пак поставил прашање. Годишно во просек Камберовски добива по 11.800 евра за патни трошоци.

Али Ахмети е пратеник 13 години. За тие 13 години говорел само три пати – еднаш во 2007, втор пат во 2008 и трет пат кога честиташе пристапување кон НАТО во февруари 2020 година. Во извешајот „Мојот пратеник“  стои дека Ахмети од јули до декември 2019 година, од 55 одржани седници бил само на четири. Со оглед на тоа дека пратениците се во редовен работен однос во Собранието, излегува дека Ахмети, како пратеник од Кичево, во половина година на работа одел само неколку ден во еден месец.

Но, Ахмети не е единствениот кој не одел редовно на работа. Борис Змејковски од ВМРО ДПМНЕ е избран пратеник, но ниту еднаш не дошол во Собрание, додека лидерот на ДПА Менедух Тачи, пратеник од Тетово, во овој период од половина година,  дошол само еднаш на пленарна седница. Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, бизнисменот Васил Пишев од Струмица, од вкупно 55 седници, приуствувал само на 14. Но, им и такви пратеници, кои биле на сите 55 седници, меѓутоа, не пројавиле никаква активност. Меѓу поредовните со присуство е Амди Бајрам, еден од двајцата пратеници, кои ги застапуваат интересите на Ромите. Меѓутоа Бајрам за половина година нема ниту еден говор, реплика, поднесен предлог закон или амандман, ниту пак поставил пратеничко прашање.  Идентично е со тројца пратеници од осумтте пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ- Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, кои биле на работа, но со бројот нула им се означени дискусиите, говорите, прашањата и поднесените закони и амандмани. Нивната колешка од групата Елизабета Канческа Милевска, за шест месеци имала само една реплика.

Антикорупциска најде 23 пратеници со платен стан и исплатени патни трошоци

Спротиставени на овие податоци се тие на Антикорупциската комисијата од пообемната анализа за патните трошоци, правото на апанажа и користење на службени станови. Оваа анализа покажа дека близу три милиони евра граѓански пари се потрошени за патни трошоци на пратениците за пет години од 2015 до 2019 година. 23 пратеници добивале и патни трошоци за сопствен автомобил, а државата им плаќала и стан под закуп. Законот предвивдува пратениците или да користат стан или да им се плаќаат патни трошоци, но двете опции во исто време, е кршење на законот. Собранието е тело кое донесува закони, меѓутоа, го занемарило законското решение за привилегиите на пратениците, забележа Антикорупциската комисија.

БОНЕВА ОДАМНА НЕ Е ПРАТЕНИК, А Е НА ТРЕТОТО МЕСТО ПО ПАТНИ ТРОШОЦИ

СИЛВАНА БОНЕВА Е ЕДНА ОД НАЈИЗВИКАНИТЕ ПРАТЕНИЦИ ПО ПАТНИТЕ ТОШОЦИ. И ПОКРАЈ ТОА ШТО СО ГОДИНИ НЕ Е ПРАТЕНИК, СЕ’ УШТЕ Е ТРЕТОТО МЕСТО ПО ИСПЛАТЕНИ ПАТНИ ТРОШОЦИ ОД 128.400 ЕВРА. СТРУМИЧАНИ ОДАМНА ЈА НЕМААТ ВИДЕНО ВО ГРАДОТ, ОД КАДЕ ПАТУВАШЕ СЕКОЈДНЕВНО ЗА ВРЕМЕ НА ТРИТЕ ПРАТЕНИЧКИ МАНДАТИ. СО ГОДИНИ ЖИВЕЕ ВО СКОПЈЕ, ДОДЕКА НЕОДАМНА ДОЈДЕ ВО ЦЕНТАР НА ВНИМАНИЕТО НА ЈАВНОСТА ОТКАКО НЕЈЗИНОТО ИМЕ ИЗЛЕЗЕ ВО БАЗАТА НА ПОДОТОЦИ „ОТВОРЕНИ ФИНАСИИ“, КАКО КОРИСНИК НА „БЕНЕФИЦИ ЗА НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА“ ВО ТЕКОТ НА ЦЕЛА 2019 ГОДИНА, ПРАВО ШТО СЛЕДУВА КАКО МЕСЕЧЕН НАДОМЕСТОК ЗА ЛИЦА КОИ ОСТАНАЛЕ БЕЗ РАБОТА. СТРУМИЧКИТЕ СОПАРТИЈЦИ НА БОНЕВА НА НАШИОТ ИНТЕРЕС ЗА ПОРАНЕШНАТА ПРАТЕНИЧКА, ПОБАРАА ДА ЈА ОСТАВИМЕ „НА МИРА“, БИДЕЈЌИ КАКО ШТО РЕКОА, „СЕ ПРЕТЕРАЛО СО НЕПОТРЕБНИОТ ИНТЕРЕС ЗА БОНЕВА“.

-Поради фактот дека во ниедно законско или подзаконско решение не е регулирано користење на сопствено возило за службени цели, постои можност за користење буџетски средства одење и враќање од работа, а не само за службена цел. За законско коритење на буџетските средства и спречување на злоупотреба, ДКСК предлага натамошно регулирање на оваа проблематика. Утврдување на прецизни критериуми, по кои ќе можат да ги користат надоместоците по сите основи, рече при презентирање на анализата Катица Трајковска од ДКСК.

Дури и законското решение, кое овозможува јавноста да има увид во имотната состојба на пратениците, до крај не е применето. Јавноста може да ги види само последните измотни листи, но не и од претходните мандати. Тоа со право создава сомнеж во јавноста. Во Антикорупциска комисија ги знаат најчестите начини да се прикрие имот или да се заобиколи законот.

Станови, атрактивно земјиште, акции, удели, благородни метали, уметнички предмети и дадени заеми, се најчестите промени во имотната состојба на пратениците. Речиси никогаш не е на нивно име, туку на брачниот партнер, браќа, сестри, родители.

Пратеникот Васил Пишев од Струмица, е познат бизнисмен со компании во Македонија и соседна Бугарија, меѓутоа, стекнатото во време на двата мадати, главно не е на негово име. Тоа го потврдува споредбата на двете имотни листи, таа поднесена во 2017 година, кога го завршил првиот мандат и актуелната, што сега стои во листата на фукционери во ДКСК.

Новопријавениот имот е на име на неговите деца и на име на сопругата.

Во 2017 година Пишев пријавил семејна куќа на родителите од 572 м2 во Струмица, земјиште од 510 м2 во Стар Дојран како и депозити и акции на родителите. Од имот на брачен другар – паркинг простор во Благоевград, Бугарија, автомобил од 2005 година, уметнички и колекционерски предмети , благородни метали, сопственички удели од 10% и депозити во денари и девизи. Во актуелниот имотен лист, брачниот другар на пратеникот Пишев допишал деловен простор во изградба во Благоевград од 107 квадрати и стан во изградба во Благоевград од 161 м2, во вредност од пет милиони денари. Зголемени се и депозитите. Пријавениот имот на децата е зголемен  со акции, дивиденда и автомобил.

Во личниот имот на пратеникот во листата од 2017 година и во актуелната, има пријавено стан во Скопје од 72 метри квадратни, но и покрај тоа, во базата „Отворени финасии“, стои дека на Пишев од Собранието му се иплатени  90.800 евра патни трошоци.  Личниот имот меѓу двата мандати на пратеникот се зголемил со наследената семејна куќа во Струмица и имотот на родителите во Струмица и земјишетото во Стар Дојран, кои ги задржале сопственичките удели.

МИРА ДИЗЕЛ ВО ЗВУЧНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ИМИЊА ПО ПАТНИ ТРОШОЦИ

ДЕЛЧЕВЧАНКАТА МИРА СТОЈЧЕВСКА ОД СДСМ, ВЕРОЈАТНО ТЕШКО ПОШИРОКО ЌЕ БИШЕ ПОЗНАТА, АКО НЕ БЕА ИЗВОДИТЕ ЗА ПАТНИ ТРОШОЦИ. СТОЈЧЕВСКА СЕ НАЈДЕ НА 27 МЕСТО ПО ИСПЛАТЕНИ ТРОШОЦИ ЗА ДВЕ ГОДИНИ РАБОТА КАКО ПРАТЕНИК СО ПРИМЕНИ 59.100 ЕВРА ЗА ПАТНИ ТРОШОЦИ, ПА ВО МЕДИУМИТЕ БРЗО ГО ДОБИ ИМЕТО  МИРА ДИЗЕЛ. ВРВ ВО ЈАВНОСТА, СТОЈЧЕВСКА ДОЖИЕА СО ПРИЕМОТ НА НЕЈЗИНИОТ СИН ВО ДРЖАВНОТО АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО ЕСМ, СО ДИСКРЕЦИОНА ОДЛУКА НА ДИРЕКТОРОТ НА ДРУШТВОТО. ПО ЈАВНИОТ ПОВИК ОД ТОГАШНИОТ ПРЕМИЕР ЗОРАН ЗАЕВ, ВРАБОТУВАЊЕТО БЕШЕ ПОНИШТЕНО. СПОРЕД ДЕЛЧЕВЧАНИ, СТОЈЧЕВСКА СЕГА ЖИВЕЕ ПОВЛЕЧЕН ЖИВОТ, А НА ПАРТИСКИТЕ НАСТАНИ, ЗА РАЗЛИКА ОД ПОРАНО, РЕТКО МОЖЕ ДА СЕ ЗАБЕЛЕЖИ ВО ПРВИТЕ РЕДОВИ. НА НАШИТЕ ПРАШАЊА, СТОЈЧЕВСКА НЕ ОДГОВОРИ.

Станови, автомобили, фирми на име на родители и деца

Математиките на Антикорупциска, уште толку го влоши имиџот на пратениците во јавноста. За некои со право, за други, е неправедно генерализирање, поради неколку „расипани јаболка“.

Никола Мицевски, кој е пратеник од Штип и ја координираше пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, вели дека со патните трошоци одвај ги покриваат реалните трошоци. Пратеник е од 2014 година, а за овој период од седум години, има добиено 34.600 евра за патни трошоци. Во имотната листа во 2017 година пријавил семејна куќа во Штип и помал имот во Пехчево, но како имот на родителите. На свое име има автомобил Форд од 2007 година, денарски и девизни заштеди и кредит од 300.000 денари. Сопругата на Мицевски има стан од 38 квадрати во Штип, атомобил Фиат Брава и трансакциска сметка со 20.000 денари. Немаат заеднички имот. Во актуелниот имотен лист, е впишан стан од 63 квадрати во Скопје, меѓутоа, на име на родителите на пратеникот. Овој податок го забележале и неговите политички опоненти.

-Со цел да не се злоупотребува, особено сега, во предизборието, сакам да разјаснам дека станот е на мојот татко, наследен од неговиот брат. Точно е, станот е во Дебар Маало и еден ден ќе го наследиме јас и мојот брат, објасни Мицевски.

Пратеникот од СДСМ Прилеп, Хари Локвенец кој го завршува својот втор мандат,  има кратка имотна листа со куќа на име на родители, една на име на сопругата, два автомобила,  удели во две фирми и дивиденда.  Неговата сопруга има и акции во фирма за која нема податок. Локвенец е и професор на Американ колеџ, функција, која не престанала и со вработувањето во Парлементот, што според неговото обаснување е волонтерски и според одредбите на законот, ја извршува еден ден во неделата.На листата на патни трошоци има податок дека има земено 49.500 евра.

Во Централнот регистер за Локвенец има документи за сопствеништво на две компании. Локвенец  е сопственик на компанијата Друштво за производство, трговија и услуги Хари Локвенец ХА-ЕМ од Прилеп, формирана во 1992 година, со непаричен влог од 325.500 денари. Управител е Александар Ѓорески.

Во Прилеп е познат податок дека името на пратеникот Локвенец се врзува со печатницата Гинис, која е заштитно друштво. Фирмата е формирана во 2005 година, со непаричен влог од пет милиони денари. Сопственици се четири лица, меѓу кои и Хари Локвенец. Со текот на годините има неколку сопственички промени, но Локвенц останува сопственик цело време. Со последната промена од мај 2019 година, како еден од сопствениците се јавува фирмата Госмарт од Прилеп. На електронскиот систем на УЈП за оваа фирма како контакт телефон е ставен бројот на пратеникот Хари Локвенец.

Пратеникот вели дека уредно ги има пријавено сите удели што ги поседува што не се косат со законот, бидејќи, како што рече, во ниедна од тие фирми не е професионално ангажиран.

-Ги имам наведено сите податоци зад кои стојам и е пријавено во Антикорупциска комисија. Што се однесува до мојот ангажман како професор, станува збор за ангажман во петок, што е дозволено со Деловникот на Собранието, зошто професорите и докторите имаат право да бидат ангажирани во петоците, меѓутоа, без никаков формален надоместок за нивниот ангажман. Ова што го зборувам, може да се покаже и преку банкарските сметки што ги имам и на кои нема апсолутна никаква банкарска уплата за мојот ангажман како професор на еден од македонските универзитети, изјави Локвенец.

Колку осиромашиле или се збогатиле пратениците, ќе знаеме по престанувањето на нивниот мандат. Пратениците имаат 30 дена да ги достават имотните листи, по кои Комисијата за спречување на корупцијата и судир на интереси (ДКСК), ќе може да ги утврди промените.  Со измените на законот, антикорупционерите имаат пристап до 14 бази на податоци, каде може да гледаат приходи, даноци, катастарски податоци и слично. Во Годишниот план за проверки на имотната состојба на функционери,Комисијата планира проверка и на пратеници. Како што објасни Горан Трпеноски, член на Комисијата, доколку се  пројават соменевања, може да се вклучи Финансиската полиција или Јавното обвинителство во понтамошното испитување.

-Со план и програма за проверка на сегашни и бивши пратеници се прави рандом проверка или ако имаме пријава ние може да извршиме проверка на неговиот имотен лист, а ако најдеме дека има несразмерно зголемена или намалена состојба, може да покренеме постапака за испитување. Проверуваме дали има се’ пријавено, а ако најдеме дека има пропуст, ние може да покренеме истрага и да побараме податоци од други институции,  рече Трпеноски.

Политиката во високо на рангот на корумпирани сектори

Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешенал, антикорупционер и поранешен член на Антикорупциската комсија, вели дека политиката се наоѓа многу виско на рангот на корумпираните сектори или институции, а тоа значи дека политиката се политичарите. Забележува дека политичарите не прават воопшто ништо, ниту во Собранието, ниту со етичките кодекси и правила, правилата за пријавување на подароци, патувања итн.

-Од локално ниво кога ќе бидат избрани за пратеници, речиси и да не се грижат за потребите на средината од каде што доаѓаат, но исто така забораваат дека и таму треба да се грижат за спроведување на анткорупциските политики, изјави Тасева.

Транспаренси интернешнал работи истражување на локално ниво, кое покажало дека многу се силни влијанијата на политиката при вработувањата.

-Сите испитаници со кои разговаравме велат дека најсилни влијанија при вработувањата има од политиката. Дали се тоа политичките партии, оние што се на локално ниво или пратениците, немаме се’ уште јасна анализа, меѓутоа, политиката силно влијае на тие процеси. Најчесто за тоа се бара противуслуга. Ова сето заедно зборува дека политичарите многу повеќе се грижат за интересот и потребите на партијата и нивните лични, а не за јавниот интерес и не се грижат за заживување на добри практики, добро владеење или за спроведување на добри политики, рече Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнал.

На трговија со влијание укажува поранешниот пратеник од Охрид Веле Митаноски. Како долгодишен новинар, Митаноски посочува на забележителна трговија со влијание на локално ниво, особено во општинските Совети, меѓу советниците како локални функционери.

-Ние во Охрид имаме советник, кој шо прави р’шум во градот на градежен план, кој што си зема за право на јавна седница да истепа друг советник во присуство на градоначалникот, или гради „диво“ и ништо тоа не може да му се руши поради коалициски или некои други врски, давања, земања итн. Се кажа дека ќе му се руши и по цена на коалицијата, но, не само што не се урна туку пред Нова Година излезе документ, со кој првиот човек му потпишува решение со кој истиот тој е член на некојси Надзорен одбор во некое јавно претпријатие. И сега кому да веруваме?!, прашува Митаноски.

Во неодамна објавениот извештај на американскиот Стејт департмент за Македонија, се забележува дека има случаи на функционери вмешани во корупција.

-Антикорупцискиот закон бара назначени и избрани службени лица и нивните блиски членови на семејството да ги обелоденат своите приходи и средства и предвидува казни за неусогласеност. Јавноста може да ги види изјавите за обелоденување на веб-страницата на ДКСК. Комисијата рутински примаше и проверуваше изјави за судир на интереси доставени од јавни службеници. Во еден видлив случај, ДКСК пронајде конфликт на интереси во кој беа вклучени вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и деловните активности во кои тој имаше интерес, пишува во извештајот.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%