Шар Планина стара колку и приказната за неа. Природно подготвена да ги прими сите кои доаѓаат да ја видат. Меѓутоа, наспроти подготвеноста на планината,човекот не создал услови. На Шар Плнина, има само три планинарски дома, кои се сам делумно подготвени да ги примат оние кои сакаат да си ја одморат својата планинарска снага.
И покрај тоа што алтернативните спортови се во подем, сепак како да не сме подготвени да ги прифатиме сите странци добронамерници кои решиле да ја„ истражат Македонија„.
До 2001 година на падините на Шар Планина имаше вкупно пет функцинални планинарски дома, од кои денес, се останати само три. Домот Шара Ски, кој е во приватна сопственост, планинарски дом Смрека, со која моментално стопанисува ПК Трансферзалец од Скопје и планинарскиот дом Љуботен, со кој работи ПК Љуботен од Тетово. Во најскоро време се очекува да профункционира и кулата на Титов Врв која со голи раце и со сопствени средства и средства собрани со нивна заложба од донатори, ја реновираа членовите на ПК Аргентус од Тетово.
Аргентус покрена сопствена иницијатива да ја реконструира, затоа што таа е симбол на планинарството во Македонија.Таа беше знак на распознавање и стоеше на амблемот на ФПСМ, но најверојатно поради нејзината оштетеност подоцна ја тргнаа. Најверојатно поради срамот да не се гледа во која состојба е планинарската кула.
Зија Јонузоски, ПД Аргентус.
Разурнати во 2001 и оставени
Останатите два дома домот на Јелак и домот на Лешница беа сурово разурнати во воениот конфликт во 2001-та.
Според законот за облигациони односи доколку е нанесена штета во воени дејствија на некој објект, кој е под јуриздикција на државата, тогаш таа е должна да го изгради повторно со пари од државниот буџет, но, тоа не се случи со овие два планинарски дома.
- По осамостојувањето на Македонија сите планинарски домови останаа без статус на сопственост затоа Федерацијата на планинарски спортови на Македонија(ФПСМ) покрена иницијатива за решавање на тој статус.По низа убедувања и трнлив пат успеавме ова прашање да се постави на разгледување на владина седница во јануари месец 2013 година кога сеуште министер за траспорт и врски беше Миле Јанкиевски.Нашиот предлог беше прифатен, вели Живко Темелковски претседател на Комисијата за планинарски домови .
На таа седница било донесено решение да се формира работна група која требаше да ја утврди документацијата за сопственичката структура на овие домови.
-По неколку месеци од формирањето на оваа работна група ние добивме одговор дека сите планинарски домови во Македонија се во соптвеност на РМ. Така, како пример што се може да се направи со овие домови, ќе го наведам домот во општина Чашка во близина на Велес кој градоначалникот на оваа општина по донесување на таа одлука го легализраше и веднаш го продаде тој дом за непозната сума на пари, додава Темелковски.
Што работи Агенцијата за алтернативен туризам?
Агенцијата за алтернативен туризам е задолжена за планинарските домови. Меѓутоа, од таму, според планинарите нема конкретни проекти.
-Од таму ФПСМ доби единствено средства за маркирање на патеките кои ние ги поделивме на планинарските клубови а тоа беа средства кои не достигаа ни за бензин а камоли за купување на останат потрошен материјал, се пожали Темелковски.
За ова потврда добивме и од Зоран Костадинов претседател на ПК Трансферзалец од Скопје, кој стопанисува со планинарскиот дом „Смрека“ на Попова Шапка:
–Планинарскиот дом Смрека на Попова Шапка во договор со фирмта Бетон го земавме за стопанисување, со тоа што ПК Трансферзалец за 5 години успеа да го подигне овој дом и веќе 17 години го користиме. Но, до кога, тоа зависи од менаџментот на фирмата Бетон, вели Кастадинов, кој се надева дека нема тоа да се случи и овој дом ќе продолжи да функционира како планинарски дом.
– Планинарските домови се причина плус да се дојде на Шар Планина. Освен природните убавини и дружењето, се разбира дека е потребна и соодветна инфраструктура која ќе привлече голем број странски, но и домашни туристи. За жал, Шара има два – три скромни домови и освен Бачило нема што друго да понуди, вели Костадинов од Трансферзалец.
Тој смета дека за планинарските домови треба да се грижат планинарските клубови, но од државата нема никаква помош, ниту пак од Агенцијата за млади и спорт или од Министерството за економија.
Ако порано за време на СФРЈ се издвојуваше средсдства за човек кој 24 часа 365 дена во годината се грижеше за домот, сега ем плаќаме индустриска струја ем човек доаѓа по потреба. Сега освен проектот за маркирање на патеки кој се реализираше не целосно од страна на Агенцијата за развој на туризмот, други проекти од таму сеуште нема.
Зоран Костадиновски, ПД Трансферзалец
Планинарите носат градежен материјал на раце на 2747 метри висина
Македонија има идеални услови за развој на алтернативен туризам за љубителите на адреналински спортови, но дали ќе успееме да привлечеме туристи тоа зависи од институциите од кои нема конкретни предлози и проекти. Кога нема помош од никде, тогаш може и со сопствени сили. Ова на дело го покажа ПК Аргентус, планинарски клуб во кој членуваат група ентузијасти, кои решаваат работата да ја земат во свои раце. Сами, без ничија помош започнаа да ја реновираат кулата на Титов врв на висина од 2747 метри надморска висина, каде материјал може да се однесе само со хелихоптер или на раце.Помош од надлежните нема и затоа пет тони песок, прозорци и врати до самиот врв се однесени со голи раце.
- Помош побаравме од сите институции, но, за жал, бевме одбиени од сите. Дури се обративме и до странските амбасади, но и од таму нема одговор, вели Зија Јонузоски, секретар на ПК Аргентус.
Камената кула на Титов врв е највисоко планинарско засолниште според сите стандарди во Европа и постои од 1957 година направена како засолниште за планинарски експедиции.Таа последниве години започна да се урива.
– Затоа во 2014 година нашето друштво покрена сопствена иницијатива решивме да ја реконструираме, затоа што таа е симбол на планинарството во Македонија.Таа беше знак на распознавање и стоеше на амблемот на ФПСМ, но најверојатно поради нејзината оштетеност подоцна ја тргнаа најверојатно поради срамот да не се гледа во која состојба е планинарската кула, вели Јонузоски.
Со средства обезбедени преку личен авторитет, планинарите успеале да обезбедат градежен материјал, кој на раце и рамена го транспортирале до кулата. Потешките делови ги транспортирале со ратрак на хрватска фирма која работи на Попова Шапка.
-Имавме и парична донација и од ФПСМ и преку нив побаравме овластување да понатаму продолжиме да бараме некои проекти или средства и од Агенцијата за Млади и спорт но од таму немаме никаков одговор.Дури бевме и одбиени и кога побарвме помош од АРМ и од полицијата за транспорт на тешките материјали, раскажува Јонузоски.
Институциите молчат
Се обидовме да побараме одговор и од Агенцијата за млади и спорт, но и од Агенцијата за алтернативен туризам на телефоните на кои баравме, никој не ни одговори.
Дали ентузијазмот на ПК Аргентус ќе прејде на некоја од надлежните институции и некој сериозно ќе се ангажира да ги искористи природните ресурси на Македонија? Ќе се најде ли институција која преку планинарските домови ќе работи на развој на планинарскиот туризам? Или пак планинарските домови на Шар Планина ќе останат да сведочат и да ги паметат добрите времиња за планинарскиот туризам, кои поминале некогаш одамна.
Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.