На први декември ќе биде ждрепката за Европското првенство во фудбал во Полска, по што ќе се знае со кого во група ќе игра Младата македонска фудбалска репрезентација до 21 година. Селекторот Благоја Милевски во емисијата Ноќен Експрес на Канал 77 рече дека фаворити на првенството се домаќинот Полска, Германија и Данска како најуспешни репрезентации во квалификациите.
„Без разлика со кого и да се паднеме во група, мислам дека самиот пласман на едно Европско првенство е круна и награда за трудот што го влозија репрезентативците“, рече Милевски.
Селекторот потсети на „неверните Томовци“, кои според него, само чекаа момент да кикснат младите репрезентативци.
„Тие истите личности низ целиот циклус, секој наш нареден натпревар, низ разни коментари по медиумите, чекаа кога ќе кикснат момците, кога ќе го загубиме следниот натпревар. И после пласман на Европско првенство, секој коментар е излишен“, изјави Милевски.
Младите репрезентативци, според него, докажаа дека се еднакви на една Шпанија и еднакво вредни на фудбалскиот пазар.
„Успех е што Македонија се пласира директно на Европското првенство“, смета селекторот, кој очекува завршници од бараж натпреварите меѓу Србија – Норвешка и Шпанија – Австрија, по што ќе се знае комплетниот состав на екипите.