Ќе се јави конфликт меѓу граѓаните и власта доколку институциите не ја почитуваат граѓанската воља искажана преку референдумот, бидејќи граѓаните се носители на власта. Ова е толкувањето на професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ, за искажаниот скептицијам во јавноста, дека граѓанското „не“ за изградба на рудник во Гевгелија, нема да биде почитувано од централната власт. Од друга страна, игнорирањето на граѓанската воља, може да биде обесхрабрувачки за новите вакви иницијативи што се најавуваат.
Резултатите од референдумот од Гевгелија , преку кои мнозинството граѓани се спротистави на изградбата на рудник за злато и практично ги врза рацете на општината, е обврзувачка одлука за општината, но не и за државата. Ова го спласна првичниот оптимизам и чувството на победа, бидејќи гевгелискиот е еден од ретките успешни референдуми во државата воопшто. Тоа што е обрска за општината не е задолжение за државните институции и Владата, која сепак може да го игнорира резултатот од референдумот и сепак да доволи да се отвори рудникот, беше првото толкување на законите. Меѓутоа, професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ смета дека тоа е површно толкување, бидејќи носителот на власта ја има граѓанинот и неговата воља е пред институциите.
-Овој облик на непосредно изразување на суверинитетот, не смее да биде доведен во прашање од ниеден претставнички орган. Според тоа, Советот на општината, мора да постапи така како што одлучиле граѓаните од една страна, и од друга страна Советот мора да води сметка и не смее да си дозволи да влезе во судир со одлуката, во овој случај донесена на локално ниво, кога е во прашање Гевгелија, е ставот на професор Шкариќ.
Еколошкото право е темелна вредност и обрска на Републиката е да го штити
Дополнителен аргумент, според професорот Шкариќ е фактот дека прашањата од заштитата на жвотната средина, здравјето на луѓетот и животот се темелна вредност и сите облици на власт се должни да ги почитуваат во секоја своја одлука.
-Станува збор за еколошко право, право на граѓаните да ја штитат еколошката средина, но истовремено, тоа е и обврска на Републиката, т.е. на Собранието и сите други органи на централно ниво. Должни се да водат сметка за човековата средина и тоа не само сметка за нејзината заштита ваква каква што е, туку, имаат должност да ја унапредуваат. Во овој случај, локалното прашање станува национално, државно прашање. Посебно ако се има во предвид дека заштитата на животната средина е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Ако е темелна вредност, тогаш сите органи почнувајќи од локално ниво па се’ до врвот на пирамидата, што значи до Собранието и Владата, се должни да водат сметка за животната средина – да ја унапредуваат и да ја штитат. Немаат никакво право таа средина да ја уништуваат, додава Шкариќ.
Политичко самоубиство е непочитувањето на граѓанската воља
Дека вака не сите институции и носители на власт ги читаат Уставот и законите докажа локалната власт на Валандово. Инцијативата за донесување на одлука за поставување на референдум за или против отворање на рудник поднесена од граѓаните, не беше поставена на седница на Совет, како што бараа иницијаторите. Еден од нив е Роберт Марков, кој смета дека треба да им се даде шанса на граѓаните да си го кажат свото мислење. Сепак, го прашавме што ако институциите ја игнорира одлуката од референдум.
-Не верувам дека ќе има таков политичар што ќе ја игнорира граѓанската воља, тоа би било за мене политичко самоубиство. Без разлика, нека го сфатат ова како закана тие што доаѓаат на власт и тие што претеднираат да дојдат на власт. Не смеат да одат против народот, треба да го прашаат народот дали смеат или не, дециден е Марков.
Граѓаните во Македонија поминуваат макотрпен пат да дојдат до референдум. Според статистиката во македонските општини за периодот од 2005 до 2012 година, имало вкупно 345 граѓански иницијативи предложени на Советот на општини, а само два распишани референдуми на барање на избирачите. Едниот во Радовиш 2006 година и другиот во Струмица во 2007 година.Во 2014 година граѓаните на Ѓорче Петров одлучуваат за изградба на фекална канализација, а во 2015-та општина Центар одлучуваше за бракониот изглед на ГТЦ. Под полиитчки протисок, референдумот немаше доволна излезност.
Политизирани прашања „убиство“ за референдумите
Проблемот со организирање на референдум е во законскиот цензус за излезност, но и високата политичка поларизираност на референдумските прашања, смета Борис Шарковски, од Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, која работи на праша за граѓанско учество.
-Проблемот со референдумите во Македонија е што се поставуваат многу поларизирни прашања, кои се во исто време и партизирани. Посебно повозрасните граѓани на Штип се сеќаваат за референдумот за брана на реката Отиња,кој што беше неуспешен и беше длабоко партизиран. Референдумот за ГТЦ, дали да биде во барок или не во Скопје, беше исто така партизиран. Прашањата што се поставуваат се многу политички сензитивни и политичките партии имаат многу радикално спротиставени политички ставови. Многу ретко граѓаните се изјаснуваат како тие лично сметаат . Многу повеќе го прават тоа како од партијата ќе им наложат , условно кажано. Но, најголем проблем со референдумите и целото граѓанско учество, е големиот цензус. Навистина голем број луѓе треба да се изјаснат од оние што се регистрирани и тоа е тешко да се достигне и многу ретко се обидува некој воопшто и да органзиира референдум, вели Шарковски.
Однесувањето на властите кон референдумот во Гевгелија е пресудно за следните најавени во Струмица, Богданци, Валандово. Уставот пред се’ како највисок документ, го дал правото на граѓаните да одлучуваат. И грантира дека одлуката при тоа, е задолжителна. Но, оправдан е и скептицизмот дека овие одлуки се само уште една форма на демократија, која може, а немора да ја почитува власта.
Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.