ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Дали затворите се вистинска казна само за сиромашните?: Во „Стадион“ се дебатираше за затворскиот систем (видео)

today30/05/2020 9

Background

Казнено-поправните домови се сметаат како „рај“ за ситната корупција. За македонските затвори сите извештаи за човекови права се исклучително негативни. Може ли со пари и зад решетки да се живее комотно и убаво, а од ќелија да си ги водиш и бизнисите? Дали затворите се вистинска казна само за сиромашните? Какви се условите во нашите затвори? Има ли во нив тортура, насилство, дрога, наркоманија? Зошто во Македонија нема приватни затвори?

На оваа тема денеска се дебатираше во „Стадион“ на „Канал 77“, последна емисија во рамките на серијалот „Парадокс“. Гости беа Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување санкции, Есад Рахиќ директор на КПУ „Затвор Скопје“ и новинарот Томислав Кежаровски, кој подолг период помина во затвор, а сега раководи со невладина организација. Во рамките на емисијата беше емитувана и новинарската истражувачка сторија на Габриела Додевска: „Затворите – рај за ситната корупција“.

– Корупцијата во вакви установи и кај нас, па и во светот, тешко може да се искорени. Се бориме да ја намалиме. За да може да преземете мерки и дисциплински постапки треба да имате определени стандарди. На пример, голем проблем ни’ се мобините телефони. Уште немаме изградено систем на говорници од кои притворените и осудените лица еднаш или двапати неделно ќе може да се јават на определени броеви и во определено време. Се трудиме и работиме на подобрување на условите во затворот – истакна Есад Рахиќ.

Директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ нагласи дека нема привилегирани во однос на корупцијата и оти секој што ќе се најде во извршување на такво дело се пријавува кај надлежните служби и институции. Додаде и оти ниските плати на затворската полиција и другите затворски служби повеќе нема да може да се користат како оправдување за евентуално учество во коруптивни активности. Сега, како што истакна, просечната плата во затворскиот систем изнасувала 32.000 денари и речиси се изедначила со полицајците во МВР.

Колку е точно дека за кревет во затвор се плаќа и по 2.000 евра, за мобилен телефон по 300, имаат ли посебен третман Косоварите осудени за кумановските случувања и како тие од затворот се најдоа во емисија во живо на косовска телевизија, го праша Стојановиќ водителот на „Стадион“, Столе Наумов.

– Некои работи можеби се случувале во некои минати времиња. Во август 2017 година во затворите имавме нешто повеќе од 2.500 осудени лица, а капацитетот на македонскиот затворски систем е за 2.300. Во моментот, заклучно со 20 мај, имаме 1.820 осуденици. Значи, давањето пари за кревет отпаѓа и од овој аспект. Што се однесува до Косоварите, директорот на затворот „Идризово“ ме информираше дека емисијата на косовската телевизија не била во живо, туку телевизијата ги монтирала снимките од мобилен телефон за да изгледаат како директно јавување. Одземен им е мобилниот телефон и се поведени дисциплински постапки. Не правиме исклучок за никого. Се постапува според правилата – рече Јовица Стојановиќ.

Новинарот Кежаровски нагласи дека дека биле најавувани реформи во судството, обвинителството, во МВР, но многу малку се направило.

– Неодамна бев во посета на затворот во Хамбург, Германија. Директорката ми рече дека таа на чело на затворот е 29 години. Се изненадив. Таму тоа било нормално. Колку ли директори кај нас ќе се сменеа за три децении? Политиката и партиите мора да ги тргнат рацете од ваквите комплексни институции. Се’ додека царува политиката, се’ дотогаш ќе тапкаме во место – истакна Томислав Кежаровски.

 

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%