ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Зголемена локална транспарентност

Како се прави популистички буџет?

today28/12/2018 31

Background

Од буџетот на Општината Штип, каде се прибираат граѓанските пари, и во 2017 година најмногу ќе се троши за реконструкција на улици. Од 15 милиони евра од буџетот,  43 отсто од парите предвидени за капитални инвестиции, ќе одат за улици. Ова ги предизвика граѓаните на реакција, кои  во мал број, главно како претставници на урабните заедници, присуствуваа на јавната расправа за буџетот, што ја закажа општината. Дали општинската проекција на буџетот ги следи граѓанските потреби ? Подготви Весна Коловска.

Васко Маџовски живее во подножјето на една од бројните висини на Штип, некогаш населен со дивоградби. При појава на посилен дожд, целата вода, која носи се’ што попатно ќе собере, завршува во неговиот и дворовите на уште двајца соседи. Заедно со соседот, Маџовски дојде на јавната расправа за буџетот и имаше едно единствено прашање.

-Барам да се среди канализацијата. Која ја поставувавме во во 1980 година беше со цевка ФИ 100, ама сега се приклучени 50 куќи. Некој да ми каже дали оваа цевка со ФИ 100 одговора на 50 куќи. На улицата „Личка“ ни пеш човек не може да помине, а не пак со автомобил. Бараме канализацијата да се обвнови и „Личка“ да се асфалтира. Немам мирен сон. Мислам дека ноќеска ќе се заглави канализацијата и ќе ми ја поплави куќата, вели Маџовски.

Овој проблем не е во приоритет за решавање, ниту е влезен во која било општинска програма за финансирање, како што одговорија претставниците на општината и нејзините институции. За воља на вистината, Маџовски и неговите соседи до сега се немаат обратено до општината со барање да се реши овој проблем. Затоа пак, претседателот на урбаната заедница Железничка, Нако Михаилов, дојде подготвен со проекти, кои веќе ги предложиле до општината за финансирање. Пред јавната расправа имаше доза оптимизам за проектите на жителите на Железничка.

-Ние имаме барање за канализација и за улично осветлување и има дел мали улички не се асфалтирани. Ние сме овде за да предложеме, а дали ќе се усвои, тоа е друга работа. Засега, прво асфалтирање и канализацијата ни е најбитно. Тоа ќе видиме дали е во општинскиот буџет, кажа Наков.

Кога ќе прашаат граѓаните, што да им кажам?!
Како поминуваше расправата, откако претставниците на јавните претпријатија ги образложија програмите за работа и проектите за финансирање, стана јасно, дека Железничка не е така застапена во проектите, според очекувањата.

-Канализацијата за Железничка, ја нема во буџетот за 2017-та. Да знеме на што сме. Луѓето ќе ме прашаат. Што да им одговорам?! , ја праша Михаилов од УЗ Железничка,  претставничката на ЈП Исар, Јасмина Петешева.

-Таа улица е асфалтирана и не можеме да копаме за канализацијата, бидејжи имаме забрана од општината да се прекопуваат улици што веќе се асфалтирани. Ако соработуваат граѓаните, да ни дадат согласност право на службеност да влеземе во нивните имоти до самиот пат, одговори Петешева.

-Добро, ќе се повикаме да им објасните на луѓето. „Исар“ треба да изработи нов елаборат. Луѓето немаат вода, рече Михаилов.

Иако Општината Штип редовно финансира медиуми, во Буџетот за 2017 година нема определна ставка, туку финансирањето е од ставката „Општи работи“.

Во 2016 година, преку договори со непосредна спогодба, Општината Штип потроши близу три милиони денари во три регионални телевизии. Речиси половина од парите (1.200.000 ден.) отидоа за провладината ТВ Канал плус.

Јавна расправа за буџет без градоначалник и директори на ЈП
Јавната расправа помина со уште неколку прашања, кои произлегоа од проблемите на урбаните заедници. На нивните прашања ги немаше да одговорат директорите на јавните претпријатија, ниту пак се појави градоначалникот, кој како предлагач на буџетот, треба да им објасни на граѓаните како следната година ќе се трошат нивните пари. На прашањето каде е градоначалникот, ни беше одговорено, дека можеби ќе се придружи подоцна во текот на расправата. До крајот ги немаше ниту градоначалникот, ниту директорите на јавните претпријатија. Наместо нив  одговараа раководители од претпријатијата. Оваа година на јавната расправа, немаше претставници на невладиниот сектор. Од Фондацијата за развој на локалната заедница, која ја следи реализацијата на општинските буџети, објаснија дека до нив воопшто немало покана за јавната расправа.

Пред новинарите, буџетот го образложи, Трајче Цветков од секторот финансии, кој кажа дека градската каса е поголема за 1,5 отсто повеќе од лани. Основниот буџет, без дотации од централната власт, изнесува  507 милиони денари. Најмногу пари ќе одат за реконструкција на штипските улици.

Опозицијата изминатата година често го критикуваше општинското трошење пари, со забелешка дека се запоставени областите каде не се така видливи инвестициите. На пример, во образованието, каде во кварталниот извештај за реализација на буџетот, заклучно со 30-ти септември, стои дека не е потрошен ниту денар општински пари за училиштата. Цветков ова го бранеше со тоа дека училиштата не се општинска грижа.

-Финансирањето на образовнието спаѓа во делот на блок дотациите и за тоа се утврдува од страна на владата преку републичкиот буџет и ресорните министерства и се одредува износ кој ќе биде доволен за финансирање на образванието. Во буџетот на општината, нема предвидено средства за образованието, вели Цветков.

Општината не предвидела пари за образованието
Со децентрализацијата, основните и средните училишта се надлежност на општината, додека преку блок дотации државата префрла пари за плати и материјални трошоци. Во некои општини , дури до 90% од блокот дотации одат за плати, додека  останатото е за греење и други потреби на училиштата, како што е организиараниот превоз, кој им донесе долгови на училиштата. Општината Штип се огради од овие долгови.

-На ова прашање не можам да одговорам, бидејќи општината не го плаќа превозот, туку тоа си го регулираат училиштата, согласно јавните набавки, кои се извршени според потребите на секое училиште, колку средства има предвидено за оваа намена, а редовно се дотират средствата од страна на владата, преку блок дотациите, кажа Цветков.

Во некои од македонските општини, образованието е  реална ставка во буџетите. Општина Центар, на пример,  од тековниот буџет оддели 160 милиони денари за изградба на ново училиште. На основците им ги плаќа еднодневните екскурзии и обезбедувањето на училишатата. Некои општини отстапија минибуси или помогнаа во нивната набавка за да им го олеснат бесплатниот превоз на училишатата. Законот дури дозволува и повисоки плати за наставниците, што на основната ќе ја дотира општината од својот буџет.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

 

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%