ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Билет во два правци

Македонија има млад Нобеловец, државата не слушнала за него

today26/12/2018 144

Background

Ретко кој во во земјава знае дека Македонија има Млад нобеловец. Тоа е тетовецот, Игор Томевски. Наградата ја добива за достигнувања од областа на филмот и театарот. Во моментов не живее во Македонија, студира во Њујорк. Дали ќе се врати во земјата од која нема никаква поддршка, или ќе остане таму каде што го препознале неговиот талент, ќе зависи од државата чиишто национални статегии за задржување на младите, засега не даваат резултати. Сторијата е на Снежана Новаковска, поддржана од Националниот Демократски Институт од Вашингтон.

„Од многу рана возраст се занимавам со глума и режија. На национална тв серија за првпат се појавувам на 8 години, а на 12 години во Тетово за првпат ја режирам мојата тв драма со помош и соработка со локалната тв станица Тв Кисс. Продолжувам да се занимавам со глума во Тетово со нон профит. Креатор сум на повеќе филмски и театарски проекти кои најчесто па скоро и секогаш ги завршував со материјална и морална поддршка од моето семејство“, вака ја започнува својата приказна младиот тетовец, Игор Томески.

„По завршување на средно приватно американско училиште во Тетово добивам покана лично од Клес Нобел внук на Алфред Нобел за прием во Нобеловото здружение за најдобри светски матуранти. Човекот кој ме препорачал останува за жал анонимен и за мене и моето семејство со образложение дека не сака да биде изнесен во јавноста за да не се корумпира системот на номинации“, вели Томески кој моментно е на студии во Њујорк – САД.

„Прв од Македонија кој добива ваква покана, а еден од двајца од Балканот. Веднаш по таа покана стигнаа и поканите за престижни американски студии од разни универзитети од Њујорк меѓу кои Њујорк филм и Бостон Универзити, Њујорк универзити, Американ мјузикл енд драматикал академи, Американ драматикал конзерватори и др. Македонија ја напуштив во 2015 година финансиски помогнат од амриканските институции приватните факултети и Нобеловото здружение. Сите овие институции ме ослободуваат од трошоци врз основа на моите успеси направени во рана возраст“, вели Томевски.

Томевски: На факултетот во Њујорк има многу како мене, но сите тие ја имаат поддршката од своите земји

„Сите мои пријатели коишто ги има таму  доаѓаат од европските земји и се помогнати  од сопствената земја од која доаѓаат, за разлика од мене кој моментално немам никаква поддршка од мојата земја“, вели Томески, македонскиот Нобеловец.

Во октомври продолжува жетвата на награди за Игор Томески и од областа на филмот и театарот во кој се препознаени сите негови филмски и театарски проекти.

„И покрај тоа што сум првиот Македонец кој добива ваква награда за жал државата не успеа да дознае дека има Нобеловец и на сите национални медиуми на кои им се обратив за да се рашири веста тоа не го  сторија“, додава тетовецот.

Од Министерството за образование ни рекоа дека првпат од нас слушаат дека постои ваков студент од Македонија.

Во Македонија е изработена стратегија за млади, но мерките засега не даваат резултати

Во новообјавената Национална стратегија за млади 2016-2025 година изработена од Министерството за образование и наука се укажува дека еден од клучните проблеми со којшто се соочуваат младите во земјава е високата стапка на т.н. младинска невработеност која во 2015 година кај младите од 15-24 години изнесувала 48,2%. Овој проблем, според Министерството, е тесно поврзан со финансиската состојба и влијае на низа други прашања поврзани со квалитетот на животот. Загрижувачки, според стратегијата, е и процентот на млади кои не се вклучени во образование, работа или обука, а кој во 2013 година изнесувал речиси 30%.

Дека постои тренд на исселување на Македонците, пред се’ на младите во последните десет години, во 2012 година го потврди и тогашната влада преку Министерството за образование и наука, откако изготви нацрт-национална стратегија. Целта на овој документ беше да ги врати високообразованите Македонци од странство во земјава. Меѓутоа, и да го спречи одливот на мозоци во иднина, бидејќи дури три четвртини, поточно 85 отсто, од студентите во завршна студиска година се изјасниле дека сакаат да ја напуштат земјата.

До каде е имплементацијата на оваа стратегија се’ уште чекаме да ни одговорат од Министерството за образование и наука. Во меѓувреме нашите таленти си заминуваат од земјата.

Младиот Игор смета дека државата треба да знае дека има вакви луѓе кои светот ги цени без разлика дали добиле класична Нобелова награда или Нобелова награда за млади.

„Во сплет на среќни околности и со мојот труд светот успеа да ме препознае, но не и мојата држава. Во Македонија има многу млади личности кои не успеваат да стигнат онаму каде треба да бидат препознаени затоа што кај нас дома нивниот труд не се цени. Македонија има потенцијал да даде уште нобеловци на светот. Кај нас има деца кои растат во сенка без основни услови да се развие нивниот потенцијал, а истите тие можат многу да придонесат за развој и промовирање на нашата земја“, вели Игор.

„Моите студии во моментов чинат 250 000 долари и сите тие трошоци ги покира САД. Оваа сума на пари самиот се разбира дека никогаш не би можел да ја покријам.

Благодарение на американската државни институции и приватните американски универзитети но и на нобеловото здружение сум тука кои се расположени да го платат моето образование препознавајќи го мојот потенцијал. Моите филмски и театарски остварувања кои ги созадавав во Тетово ниту една национална телевизиска станица не беше заинтересирана да ги емитува или да склучи било каква соработка. За моја среќа моите проекти сега се оценети со висока интернационалена оценка за што и всушност ја добив Нобеловата награда за млади“, тврди Томески.

Гневни, лути, депресивни и незадоволни можеби звучи неверојатно на еден ваков начин да се опише млад човек кој во себе ги носи сите потенцијали за работа и развој. За жал ова е вистинската слика на млад Македонец со недоволно средства за школување или доколку завршил високо образование истиот не може да најде соодветна работа затоа што нечија партиска книшка има повисока цена од онаа на оценките во неговиот индекс.

Генерално Македонија старее, не само поради намалениот наталитет туку поради одливот на млади мозоци кои ја напуштаат државата во потрага на „подобро утре“ таму далеку преку „големата вода“ каде можеби и не е важно на која партија и’ припаѓаш.

Според истражување на НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Центарот за развој на медиуми, кои направија анкета во периодот ноември 2015 – јануари 2016 година и која има за цел да ги истражи мислењата и ставовите на младите луѓе за планирање на семејството и миграции а во која се опфатени вкупно 503 испитаници на возраст од 20 до 35 години, во сите плански региони.

Дури 63,4% од вкупниот број млади испитаници не се задоволни од вработувањето, здравството, образованието, инфраструктурата, животната средина и друго во државата . Најнезадоволни се младите од Пелагонискиот регион – 51,7% и оние од Североисточниот регион – 40,4%.

На прашањето дали би се иселиле надвор од Македонија, исклучително високи 83,7% од испитаниците се изјасниле позитивно. Две третини од нив би се иселиле во некоја од заподноевропските држави, дел во САД и Канада, а како места за подобар живот на младите се наведени и скандинавските држави.

Ако во минатото Македонците одеа за да се вратат , денес заминуваат за никогаш повеќе да не се вратат. Потребни се не само мерки, туку и коплетна промена на економска и политичка клима, билетите што ги земаат младите за надвор од земјата да не се само во еден правец. Сегашните стратегии и мерки засега не допираат до нив.

Мислењата искажани во оваа содржина, не нужно го рефлектираат ставот на Канал 77 или неговиот донатор.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%