ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Билет во два правци

Печалбарите ги чекаат потезите на новата власт

today26/12/2018 7

Background

Економијата, политичката состојба во државата, национализмот, поделбата по етничка основа – ова се само дел од причините поради кои младите битолчани во последните години масовно се иселуваат во странство во потрага по работа и достоинствен живот.  Иселените се оптимисти дека целокупната општествена слика во државата брзо ќе се надмине.  Носталгијата за татковината е голема  исто колку и желбата да се вратат назат, да се вработат,  да го применат  искуството од странство во родниот крај.

Таков е случајот со битолчанецот,  Дејан Јакимовски. Сторијата е на Анета Блажевска, поддржана од Националниот Демократски институт од Вашингтон.

„Економијата кај нас е поврзана со политиката, така што ако не се согласуваш со некој, не можеш да смениш нешто, значи мораш да заминиш. Ние Македонците , сме учени да викаме „здравје само“ али од здравје не се живеј. Еве во Битола го нема веќе ни здравјето, бидејќи е многу загадено. Мораше да заминеме, не можеме да смениме ништо барем до овој момент сега“, Ова е само дел од иселеничката приказна на четириесетгодишниот битолчанец Дејан Јакимовски , дипломиран политиколог , кој  пред три години  со  своето семејство  мигрирал во Лондон, Англија, во потрага по подобар живот.

Братот, братучедот, соседот, пријателот… нема семејството во Битола од каде не заминал барем еден член во туѓина, во белиот свет, по подобар живот и егзистенција. Битолчани масовно се иселуваат, градот е преполовен, a последните години тоа добива драматични размери. Во отсуство на официјален попис на населението, според некои проценки, денес во Битола живеат околу 55.000 граѓани, а можеби и помалку. Секоја година се намалува бројот на ученици во прво одделение, а сè повеќе деца се отпишуваат среде учебната година и се иселуваат во некоја европска држава.

Одлуката за миграцијата е различна, иако генерално е водена од економски причини

Економските причини не се единствени за иселувањето на младите битолчани,  тука е политичката состојба во државата, национализмот, поделбата по етничка основа. Оваа слика години назад ги обесхрабрува и ги тера  младите да си ги спакуваат куферите, да заминат од државата, оставајќи ги зад себе семејствата и пријателите.

Со Дејан разговаравме по скајп, исто онака како што тој секој ден контактира со семејството и пријателите во Битола.

„Прво не беше лесно,  јас заминав првпат во 2007 година. Тогаш не беше толку лоша ситуација, ама беше во опаѓање. И така правевме оди врати се, демек ај ќе не’ биде, кај нас во Македонија, ама тешко. Во тие оди врати се, два пати се враќав долу , два пати отворав мали бизниси и два пати ги затворав. И последниот пат веќе не можеше, мораше да се замини“, вели Дејан.

Државните институции се’ уште немаат точни податоци колку македонски граѓани  во последните години ја напуштиле Македонија и заминале во странство. Но, според статистичката служба на Европската унија – Еуростат, во периодот од 1998 до 2011 година, нашата држава ја напуштиле околу 230.000 граѓани, од кои најголемиот дел се млади луѓе. Извештајот на Светска банка е уште попоразителен: заклучно со 2010 година од државава се иселиле 447.000 граѓани, односно 22% од вкупното население во Македонија. Битола и пелагонискиот регион ги отсликуваат овие трендови.

-Фабрика ни една нема овде за да работи , за да можат младите да останат. Нема егзистенција за младите нема работа – велат битолчани.

Власта ветува подобар живот и враќање на иселените

Локалната власт во Битола убедува дека има стратегии за вработување на младите кои нема да останат само на хартија, како декларативни заложби, младите кои се на пазарот на трудот лесно да ја најдат својата егзистенција.

За тоа, како што велат од локалната власт,  се привлекуваат домашни и странски инвестиции.

„Германската инвестиција Кромберг и Шуберт којашто неколку години е овде, денес постојано има до 3000 вработени. Тие градат нова сала, а таму ќе се вработат уште 1500 наши граѓани. Тоа значи 4500 семејства ќе живеат нешто поубаво од тоа што живееле предходно“, вели градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Во државата се потребни промени за да се вратат иселените

Битолчанецот Дејан во оваа  сторија јасно предочува под кои услови би се вратил назат во државата, да го продолжи  животот овде во родната земја.

„Лично сум носталгичар. И ми недостига Македонија општо и Битола. Намерите за враќање ги имам, но за жал многу работи треба да се променат. Ситуацијата ја следиме и е страшна. Во овој момент како што стојат случувањата, навистина е лошо. Во исчекување сме не може да се предвиди ситуацијата, како ќе се одвиваат работите долу. Се надевам нема да ескалира на полошо. Страстите ќе се смират. Јас лично сум опозиционер,  сакам да се промени долу власт. Е тоа е еден од генералните почетоци кога јас и многу како мене би се вратиле. Но тоа значи да видиме кои се потезите на новата власт. Толку е заглавена ситуација, што ни треба многу време да помине за да се променат нештата. За жал тоа ќе трае со години.  Не треба чекање не треба губење време“, вели Дејан.

Иселувањето како сериозен проблем се наметна и во програмите на политичките партии на последните парламентарни избори. И власта и опозицијата ветуваат дека ќе го спречат иселувањето на младите од државата со предлог мерки за мали бизниси и шанса на младите да отворат своја фирма.

Мислењата искажани во оваа содржина, не нужно го рефлектираат ставот на Канал 77 или неговиот донатор.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%