ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Ретко се открива и докажува корупција во редовите на македонското судство

today23/04/2020 51

Background

Во период од 12 последни години, 2008-2020 година, во Македонија биле разрешени 43 судии, но само малкумина од нив завршиле на обвинителна клупа, каде што биле обвинети и за корупција. Покрај губење на функцијата.

Во принцип, Судскиот совет ги разрешувал судиите поради нестручно и несовесно работење, но ретко кога навлегувал поддлабоко и утврдувал дали за чувањето на предмети во фиока, за ненапишани пресуди или намерно одолговлекување на предметите се крие и корупција или само нестручност и несовесност.

Мал е бројот на судии на кои им се судело за примање поткуп, едно од кривичните дела директно поврзани со корупцијата. Дали меѓу судиите кои ја изгубиле функцијата имало корумпирани или сите биле само нестручни?

Законската рамка за гонење на корупцијата е зајакната, што е констатирано и во извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во 2019 година, но и натаму останува да се работи на прашањето за довербата во судството.

„Целосното спроведување на новата рамка ќе биде клучна за да се покаже способноста на органите да ја спречат корупцијата и судирот на интереси. Меѓутоа, корупцијата е распространета во многу области и останува прашање на загриженост.Покрај законските промени, од суштинско значење е сите правосудни институции да бидат пример и да придонесат, преку дополнителни напори, во враќање на довербата на јавноста во правосудството, се вели во извештајот на ЕК од 2019 година (Прогрес репорт ЕК 2019).

Истражувањето покажа дека биле судени десетина судии во овој период, но само двајца биле осудени за примање поткуп. На другите им се судело или се уште траат постапките за злоупотреби направени во работата. Еден од предметите каде што се обвини тројца локални судии поврзани со водење на стечајна постапка и продажба на хотел, трае веќе 13 години.

Охридски судија се пазарел со странката да пресуди во негова корист за 160 евра

Охридски судија е осуден затоа што примил поткуп од претставник на локално претпријатие за транспортни услуги, но нема да заврши во затвор, бидејќи неговата казна е условена.

За цело време додека се водела постапката против судијата кој работел во охридскиот суд, тој не бил суспендиран и продолжил да ја врши својата судиска функција, речеиси цела година  и по правосилноста на прессудат против која се жалел пред битолскиот ашелационен суд.

Судијата Ристе Силјаноски, според пресудата на Основниот суд во Струга, потврдена со пресуда на Апелациониот суд во Битола, нема да заврши една година во затвор на колку што е осуден, доколку во наредните две години не направи ново кривично дело, заклучиле Основниот и Апелациониот суд.

По пријава на полицијата за примање поткуп, Основното обвинителство од Охрид покренало постапка против судијата Ристо Силјаноски, судија на Основниот суд во Охрид, а за судење бил определен судот во Струга, како непристрасен суд.

Основниот суд во Струга го прогласил за виновен охридскиот судија и го осудил на една година затвор за примање поткуп, но истата ја условил, дека нема да се изврши, ако во наредните две години судијата не стори ново кривично дело.

На ваквата пресуда, жалби поднеле и адвокатот на охридскиот судија, Димитрија Цобоски, кој е исто така поранешен разрешен судија на Основниот суд во Охрид и јавниот обвинител.

Битолскиот Апелационен суд, со пресуда од 28.03.2017 година ги одбил жалбите и на судијата и на на обвинителството и ја потврдил струшката пресуда за една година затвор. Оваа пресуда ја донеле судијките Љиљана Чочковска, Ружица Иваноска и Анита Милошевска.

Вишиот јавен обвинител од Битола Зора Сотирова побарала пресудата да се преиначи и да биде само ефективен затвор, а не и услов, но судот го одбил овој предлог.

Битолските судии прифатиле се што констатирал струшкиот суд, каде што е утврдено како барал мито судијата Силјаноски од странкате за да донесе пресуда во нивна корист.

Станувало збор за случај кој еднаш бил вратен од повисокиот суд, па пред да се донесе втората пресуда, судијата се сретнал со една од странките и му кажал на човекот кој подоцна го пријавува случајот дека може да донесе пресуда во негова корист ако му даде 160 евра, а доколку не ги добие парите може да пресуди во корист на другата страна.

-Првостепениот суд утврди дека од страна на лицето Љупчо Наумоски против правното лице на сведокот била поднесена тужба пред Основниот суд во Охрид. за што бил оформен предмет кој по распоредот за работа бил доделен кај судијата Ристо Силјаноски односно обвинетиот, и била донесена пресуда која по жалба на странките од страна на Апелациониот суд Битола во дел била потврдена, а во дел првостепената пресуда била укината и предметот бил вратен на повторно постапување, во кој повторно постапувал сега обвинетиот како судија и кој по завршувањето на главната расправа требало да се донесе одлука.

Токму пред донесување на пресудата дошло до средба помеѓу судијата и тужениот, на кој судијата побарал 10.000 денари за да објави пресуда во негова корист.

-Судот од изведените докази во текот на главната расправа, неспорно утврдил дека обвинетиот судија во повеќе наврати дирекно побарал подарок за себе од лицето Трајанчо Митревски и тоа најпрво побарал подарок од 10.000 денари, а подоцна побарал подарок од 5.000 денари за да изврши службено дејствие во рамките на своето службено овластување кое што морал да го изврши и да го реши предметот  кој што му бил доделен во работа- утврдил судот во пресудата.

Сведокот Трајанчо Митрески во неговата канцеларија на дирекно барање од обвинетиот судија му дал подарок од 5.000 енари. во апоени од по 1.000 денари – констатирал Апелациониот суд во Битола.

Осудениот судија и неговиот адвокат тврделе дека „парите ги побарал од сведокот Трајанчо Митревски и ги зел на заем бидејќи во тој временски период имал финансиски проблеми и истите му биле потребни за да плати за упис на семестар на неговата ќерка на факултет„.

Второстепениот суд ја одбил ваквата жалба и во пресудата понатаму наведува дека судијата не смее да си дозволи такво однесување:

Сведокот Трајанчо Митревски пред судот рекол дека тој се познавал од претходно со обвинетиот судија, дека  случајно се сретнале на кејот во Охрид, се поздравиле, а обвинетиот му се обратил со зборовите „што правиме“ кои се однесувале на предметот.

Судијата му предложил на сведокот да се видат и да разговараат, па после неколку дена се сретнале во кафе бар во Охрид, и обвинетиот судија најпрво почнал да зборува за предметот велејќи дека може да пресуди во корист на било која од странките при и на сведокот му побарал износ од 10.000 денари за да ја одбие тужбата против него. тужителот.

Но, сведокот Трајанчо не ја прифатил таа понуда, а после неколку дена обвинетиот повторно го побарал на телефон, се сретнале во Хотелот „Сити Палас“ во Охрид каде што обвинетиот повторно му ја побарал сумата од 10.000 денари и кога сведокот не се согласил обвинетиот му рекол дека може да му даде и 5.000 денари на што сведокот Трајанчо се согласил – се наведува во пресудата на Апелациониот суд во Битола.

Откако била договорена сумата за пресудата, сведокот му ги дал парите на судијата, но претходно пријавил во СВР Охрид каде што биле технички обработени банкнотите. Судијата парите ги зел во канцеларија на човекот кој го пријавил, а полицијата го уапсила кога тргнал да оди кон судот, извршила претрес кај судијата и во левиот преден џеб од пантолоните биле пронајдени парите, било извршено фотографирање, бил составен записник, а од обвинетиот биле одземени петте банкноти и еден мобилен телефон.

Во своја одбрана судијата Силјаноски тврдел и тоа дека лицето кое му ги дало парите на заем имало психички проблеми и имал голем број на предмети пред судот во Охрид.

-Правилно постапил судот кога не ја прифати ваквата одбрана на обвинетиот. Доколку на обвинетиот му била позната личноста на сведокот тогаш истиот и како судија во суд требало да внимава со какви лица склучува договори и зошто од таква личност би побарал пари на заем, а уште повеќе што му било познато дека истиот има предмет кој го решава и дека во истиот предмет има интереси сведокот Трајанчо за кои што како наведува обвинетиот знаел за каква личност се работи –пишува во пресудата.

Во овој случај, кога била поднесена пријава за примање мито, тогашниот Совет за утврдување на факти, побарал Судскиот совет да го суспендира судијата на кој му се судело за примање поткуп, но Судскиот совет не реагирал на барањето. Му дозволил на судијата да суди уште 18 месеци додека пресудата не станала правосилна и дополни 6 месеци, кога под притисок на медиумите донел одлука за разрешување.

Претседателот на тогашниот Совет за утврдување на факти, Сашо Поцевски вели дека тие на време реагирале, но Судскиот совет не постапиил по нивното барање.

-Отако добивме известување дека против судијата е поднесена кривична пријава за примање поткуп, ние поведовме постапка и го повикавме судијата. Тој, пред Советот призна дека зел мито и за него побаравме од Судскиот совет да го разреши. Но, Судскиот совет го одби нашето барање за разрешување и му дозволи да суди, не преземајќи никакви мерки, вклучувајќи и суспензија – вели Поцевски.

Откако случајот беше откриен од медиумите, Судскиот совет 6 месеци по правосилноста на пресудата поведе постапка и го разреши охридскиот судија Ристо Силјаноски, против кого полицијата имала поднесено и други пријави поврзани со злоупотреба на неговата судиска функција. Претседател на Судскиот совет, кој не реагирал на барањето на Советот за утврдување на факти бил битолскиот судија Зоран Караџоски.

Дали судиите во локалните средини се поподложни на корупција, затоа што во малите средини се знаат меѓу себе, можат често да се сретнат низ градовите и на тој начин да се впуштат во коруптивно однесување?

На ова прашање, од Судскиот совет одговараат:

Судиите во помалите судови и за помалку жители се попознати во средината каде што живеат и работат  и угледот на судот и својот личен углед се должни да го чуваат не само од професионален аспект туку и од аспект на почитување на моралните и етичките  норми и однесување на сите судии. Судијата е судија, 24 часа – велат од Судскиот совет.

Судскиот совет во сегашниот состав, во 2019 година, како и во двата месеци од 2020 година разрешил 6 судии и тоа, претседателот на Врховниот суд и екс претседтелот на Основниот суд Скопје 1, двајца судии на Врховниот суд и по еден судија од Основните судови во Скопје и Битола.

Но, овие судии се разрешени за „нестручно и несовесно работење“. Против еден од разрешените се води и кривична постапка за злоупотреба на АКМИС системот за автоматска распределна на предмети.

Јелена Кадриќ од Институтот за човекови права кои ја мониторираат работата на Судскиот совет вели дека не може да се утврди дали кај разрешените судии има елементи на корупција, бидејќи Судскиот совет ги разрешува судиите според двата основи наведени во законот, а тоа е нестручно и несовесно постапување, без да навлегува во други детали.

-Во досегашните одлуки за разрешување даден е само законскиот основ по кој се разрешува судија, опишана е процедурата за разрешување, но нема утврден мотив за сторената повреда. Тоа значи дека во ниедна одлука Судскиот совет не се произнесува дали судијата сторил некое коруптивно десјтвие, од кое произлегува неговото несовесно или нестручно работење, изјави Кадриќ.

Споед неа, во текот на овие години може да се констатира дека интензитетот на разрешување на судиите е различен.

-Но, и самата постапка за разрешување трпеше законски измени посебно по 2015 година по првиот извештај од Прибе кои беа во насока на поголема транспарентност на самата постапка, но и на создавање на подобри услови за забрзување на постапката за разрешување на судии – вели Јелена Кадриќ од Институтот за човекови права.

И Европската комисија во извештајот за напредокот на судството за 2019 година, порачува земјава „да осигури конзистентно спроведување на новите правила за именување, унапредување, дисциплински постапки и разрешување на судиите и да покаже дека независноста на правосудниот систем се почитува и се унапредува на сите нивоа, заштитувајќи го од секој ризик од политичко мешање„.

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против судија на Управниот суд , кој одлучувал по предмет, што го застапувал и претходно како адвокат, пред да биде избран за судија. Тој на сопственик од струшко му вратил атрактивен имот во близина на езерскиот брег, не го известил Државниот правобранител кој можел да вложи жалба, и на тој начин го оштетил Буџетот на државата.

Судскиот совет го одби барањето на обвинителството да му определи притвор на судијата, а подоцна го прифати само барањето за негова суспензија додека трае судењето.

Автор: Саше Димовски

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%