ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Судството и судиите тема во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“ – гости беа Димовски, Кацарска, Малиновски и Савовски (видео)

today25/04/2020 3

Background

Зошто во сите истражувања на јавното мислење судството кај нас има најнизок рејтинг во општеството, а судската, според анкетите, е на врвот на најкорумпираните професии? Зошто луѓето не им веуваат на судиите? Зошто некои судството го сметаат за „џубокс“ на власта? Дали сето тоа е тоа само перцепција и генерализирање поради дел непрофесионални и корумпирани судии или навистина целото судство ја заслужува недовербата на граѓаните? Не придонесуваат ли судиите со молкот за тие појави за таквиот лош имиџ и како на сето тоа да му се стави крај?

На оваа тема се расправаше во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“, заедно со „Парадокс“. Гости беа новинарот Саше Димовски, долгогодишен хроничар на се’ она што се случува во македонското правосудство, кој за емисијата подготви и истражувачка сторија на оваа тема, потоа судијката Добрила Кацарска и адвокатите Драган Малиновски и Димитар Савовски.

– До кој степен е паднато правосудството зборува и случајот од Охрид што го обработив во сторијата. Судија за пресуда да се испазари за 5.000 денари, откако не добил 10.000 денари! Така не би се исценкале ни на зелено пазарче. Во Струмица, каде што, исто така, за случајот има правосилна пресуда, цената била повисока – 250 евра. Навистина, некогаш во судството зборуваме и за висока корупција со милионски суми, особено во стопанските предмети. Но, досега не одговарал никој за такви работи, освен за некои стечаи што се водеа во Куманово или за некои предмети во Велес, но и тие паднаа во заборав. Здружението на судии никогаш не се огради јавно и со конкретна осуда на случувањата – рече Димовски.

Добрила Кацарска од водителот Столе Наумов беше прашана дали не и’ е непријатно како долгогодишна судијка да слуша како постојано се зборува за корумпирани судии, за судство со најниска доверба?

– Да, непријатно ми е. Ако толку многу се зборува за корупција, најверојатно таа постои во нашите редови. Секогаш одлучувам врз основа на докази и факти. Во ситуацијава, немам доказ дека некои судии се корумпирани. Но, сепак, се сомневам, односно претпоставувам дека има судии кои се навистина корумпирани. Судијка сум уште од социјализмот. Во 1986 година во тогашниот Основен суд Скопје 1 бевме 40 судии. Добро се знаевме кои сме и какви сме. Се сомневавме за незаконити дејанија само кај еден судија и сите го избегнувавме за да не не’ видат со него. Низ годините тој број се зголемуваше, па сега има сомнеж за многу повеќе такви судии. Гледаме кој како живее, каде оди на летување или на зимување во скапи европски центри – истакна Кацарска.

Таа нагласи и оти силно се залага за проверка на имотот на сите судии, но и на членовите на нивните потесни семејства, а и на пошироките, како на браќа, сестри… На прашањето дали некогаш добила некоја „непристојна понуда“, Кацарска рече дека такво нешто никогаш не и’ се случило зашто „тие што даваат мито знаат кому да го понудат“.

Адвокатот и поранешен антикорупционер, Драган Малиновски, истакна дека сите или барем повеќето се согласуваат дека состојбите во правосудството не се како што би требало да бидат, а одговори и на прашањето – дали кај нас, наместо квалитет и познавање на законите, често пресудни се добрите „линкови“ со судиите и врските за договарање тарифи.

– Навистина, има успешни адвокати, кои работат врз професионални стандарди и коректно однесување. Но, присутно е и таквото „менаџирање“ со предметите. Тоа не може да оди „соло“, туку најчесто е линк адвокат-судија-вештак… За да немаме такви ситуации, неопходно е јакнење на капацитетите на судиите, адвокатите, вештаците, а судството, обвинителството Адвокатската комора, Комората на вештаците мора да имаат и контролни механизми – нагласи Малиновски.

Неговиот колега Димитар Савовски рече дека поткупот, митото е само еден сегмент на корупцијата, а најголемиот коруптивен елемент на судството била извршната власт и оти тешко ќе се постигне некакво подобрување без јасна поделба на извршната и судската власт.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%