ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Извршните решенија – невозножна мисија во државните институции

today19/06/2020 34

Background

Законот за финансиска дисциплина значи ставање ред  во меѓусебното плаќање т.е раздолжување меѓу фирмите од приватниот сектор. Тој требаше да значи и решавање на проблемот на неплаќање на обврските меѓу  приватниот и јавниот сектор. Голем дел од домашните бизниси зависат од соработката  со  јавниот сектор a нeефикасната наплата на побарувањата од соработката, барем за дел од фирмите остана само пуста желба дека работите ќе се променат. И покрај завршените активности или испорачаната набавка, со години се чека за наплата, а добиените судски пресуди и правосилни решенија чекаат на ред за извршување.

Во услови кога светот па и нашата земја се соочуваат со опстанок на економијата пред се’ потпирајќи се на мерките што ги креира Владата, многу од фирмите својот опстанок не можат да го осигурат соочувајќи се меѓу другото  и со проблемот да не можат да си ги наплатат побарувањата од јавниот сектор за обврски што ги имаат завршено пред една, две, па и повеќе години.

 

 

Но по се’ изгледа не е така за сите, коруптивните канали си го прават своето, сопственици на фирми сведочат дека имале понуди за одреден износ, дека ќе  им  се ,,среди“ да си ги добијат своите на законски начин заработените пари.

Низ една таква голгота веќе две години поминува нашиот соговорник, сопственик на скопска фирма којашто брои петнаесетина вработени  и  која не може да си ги наплати средствата од јавно претпријатие на чии што тендер учествувал пред две години. Станува збор за средства коишто се од големо значење за опстанок на неговата фирма и неговите вработени.

„Пред приближно две години нашата фирма, ТД Агровојводина-Механизација се јави на тендер на ЈП Македонија пат Скопје. Таму  по најдобри услови го добивме тендерот, испорачавме роба, го завршивме сето тоа и еве по  две години не е платено ништо. По една година не’ советуваа дека треба да ја побараме наплатата преку суд. Побаравме, добивме судска пресуда, но и по една година  нема никакви шанси да ни се плати долгот. Се работи за некои 60 или 70 илјади евра“, вели нашиот соговорник, Драгољуб Зојчевски.

Тој тврди дена во меѓувреме добил понуди од „некои лица“, што не ги познава, а кои му понудиле  алтернативни начини за да си го наплати долгот, но тој не сакал да се впушта во такви коруптивни односи.

,,Немам доказ, се’ беа тоа телефонски разговори. Неколку пати се обидувам да стапам во контакт со раководните лица на ова јавно претпријатие но  таму  за краток период се променија  неколку директори и не успеав ништо да направам. Ситуацијата за нас ќе значи банкрот. Не се работи само за мојата фирма, тука има дваесетина фирми, сите сме тужеле и никако не може да ги наплатиме побарувањата“, вели овој бизнисмен.

-Во овој случај многу полесно беше да се добие правосилна одлука, отколку да се изврши побарувањето, барем што се однесува до Јавното претпријатие „Македонија пат-Скопје“, како субјект формиран со закон и со свои регионални ограноци низ државата – вели правниот застапник на ,,АгроМакедонија-механизација“,  адвокатката Велика Стојковска.

,,Откако тужевме и добивме на суд за долгот од 3 544 552 денари, нотарот го прифати предлогот за платен налог. Тој платен налог стана правосилен и бидејќи до утврдениот рок не беше платен, бевме принудени да поднесеме барање за принудно извршување. Кога стигнавме до извршител разбравме дека на извршување од ова јавно претпријатие  за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта чекаат голем број на правни и физички лица ,а ние сме педесети на ред“, вели адвокатката Стојковска.

Стојковска тврди дека има многу такви побарувања коишто никогаш нема да бидат наплатени, а тоа  може да биде погубно за опстанокот на фирмите. Во овој случај оваа фирма па и многу други се воделе од фактот дека сепак станува збор за едно јавно претпријатие што е основано со закон и коешто работи во интерес на граѓаните.

Согласно со член во Законот за извршување, им се дозволува на јавните претпријатија да не мора да платат по правосилни пресуди, доколку со таа пресуда би се довела себеси да им се намали минимумот потребни средства, за да може да функционираат, а бидејќи законот тоа им го овозможува, ова Јавно претпријатие секогаш се држи на минимум од овие средства и пресудите т.е извршните решенија се неизвршливи – велат правните застапници.

Според Закон за јавни патишта, којшто е донесен во 2008 година, формирано е друго јавно претпријатие за државни патишта, коешто ги прибира сите средства од користењето на автопатите и по основ на патарини или други основи  кај него се влеваат средствата и овие средства не се достапни за извршување.

Бзинисменот Мендерес Кучи, член на Северозападната Регионална  Стопанска комора и поранешен претседател на оваа асоцијација вели дека државата треба да си воспостави ред и да нема привилегии дали станува збор за државни или приватни фирми.

„Законот треба да важи подеднакво за сите. Ние во минатото баравме еден закон каде што алатка би помагала во ликвидноста на целиот сектор – и на државата и на приватните компании. Тоа за жал не се воведе за државата. Треба  да се измисли инструмент којшто ќе го прекине овој начин на  работење, на заштита. Не знам кој кого штити тука, но и кој кому овозможува секакви договори да направи, а кои можеби се штетни за нас и за граѓаните. Тие трошат наши пари буквално и со судските процеси и  на крај пак се наплаќа од народот. Треба да се воспостави ред а со самото тоа голем  дел од компаниите ќе бидат наградени со  тоа што ќе ги земат своите пари“, вели Кучи.

Според последните информации што се однесуваат за неможноста на фирмите да си ги наплатат побарувањата од ,,Македонија пат“ велат дека Скопска адвокатска фирма собира податоци за фирми кои што со години чекаат наплата за своите реализирани услуги.Оваа адвокатска фирма  има намера да поднесат апликација до Судот во Стразбур за да ја тужат државата сметајќи дека државата е таа што му овозможува и дозволува на оваа јавно претпријатие да не почитува никаква финансиска дисциплина. Досега имало приклучено околу триесетина фирми.

ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА СО ГОДИНИ СЕ НЕЛИКВИДНИ И ПОБАРУВАЊАТА ОД ФИРМИТЕ ШТО ВРШЕЛЕ УСЛУГИ ЗА НИВ НЕ МОЖАТ ДА СЕ НАПЛАТАТ

Мендерес  Кучи вели  дека има членки од нивната комора кои имаат соработувано со јавниот сектор и се соочуваат со проблемот на наплатата.

,,Секако има такви случаи, посебно со некои фирми создадени токму од државата и кои наназад, со самото осамостојување на нашата држава, не се ликвидни. Не ги подмируваат обврските и цело време се со судски одлуки и извршни решенија, каде има листа на чекање. Тоа е лоша појава која и во нормални услови е лоша, а камоли сега кога ликвидноста на компаниите е многу битна. Првата работа и основна, што државата  треба да ја преземе, а  ќе дојде како субвенција, е токму овие неликвидни компании да ги направи ликвидни, односно да ги подмири побарувањата што ги имаат  тие фирми. Тука влегуваати јавните претпријатија, како и општините кои знаат доста време да ги влечат компаниите со побарувањата што ги имаат кон нив“, вели Кучи.

Токму поради доцнењата и воопшто неможноста за наплата на побарувањата има голем број на фирми што се соочиле со стечај или ликвидација.

„Сме имале такви случаи, кои нема да ги именуваме, кои за жал во време на моето претседавање се жалеле како компании. Ние сме интервенирале во институциите и за жал, како што слушам, тие до ден денеска не ги зеле своите побарувања иако  работеле за нив. Имаме еден случај којшто беше малку позастарен и поголем, каде што се нудеше  од страна на компанијата и еден вид компензација, дали да земе асфалт или било што друго  само долгот да се реши. Но за жал и тоа не се случи.“

Целата оваа ситуација, според Кучи е во корелација со корупцијата.

„Секако дека да, мајката на сето ова е корупцијата. И компаниите се свесни кога влегуваат во тим со овие установи кои ги бие лош глас, но влегуваат, вршат работи. При тоа можеби со непазарни цени, но од друга страна ако се смени гарнитурата после ги имаат овие проблеми што ги имаат. Фирмите секако ќе сакаат секогаш да се снајдат и на пазарот се соочуваат со се’ и сешто, но државата е таа што воспоставува ред и закон кој што би важел за сите“, додава Кучи.

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ДИСЦИПЛИНА НЕ ЈА ПОДОБРИЈА НАПЛАТАТА МЕЃУ ПРИВАТНИОТ И ЈАВНИОТ СЕКТОР

Проектотна УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива во кој беа вклучени четирите најактивни стопански комори во земјата: Сојуз на Стопански комори на Македонија, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Стопанска комора на Северозападна Македонија минатата година одржа инфо-сесија на тема „Закон за финансиска дисциплина и исполнување на договори”.

На инфо-сесија што се одржа во Штип, приватниот сектор непосредно пред донесувањето на измените на законот, побара  поголема  финансиска дисциплина посебно на повластената положба во рокот на исплата на обврските кај државните субјекти во однос на условите со кои се соочува бизнис заедницата, недоволните капацитети на инспекцискиот надзор кој сега ќе се промени во делот на надлежностите, како и ефектите врз исполнувањето на договорите.

Сашо Раденковиќ, експерт во областа, истакна дека пред самото донесување на Законот државата евидентирала проблем во наплатата меѓу доверителите и за таа цел донесен е Законот за финансиска дисциплина, како инструмент со кој би се обезбедила сигурна наплата на побарувањата. Но од самото донесување на Законот евидентирана е нерамноправна положба на субјектите на пазарот на труд.

„Со стапувањето на сила, Законот важеше од самиот почеток за приватниот сектор, додека јавниот сектор беше и сѐ уште е во повластена состојба, поради одложените рокови. Дополнително Законот треба да дава сигурност кај компаниите дека наплатата ќе биде обезбедена со тенденција да се подобрат роковите за наплата и да не се доцни“, изјави Раденковиќ на инфо-сесијата во Штип.

Бизнисменот Мендерес Кучи вели дека кога е побарана таа финансиска дисциплина не е побарана дисциплина само помеѓу  компаниите.

,,Ние знаеме, бонтонот да важи меѓу нас и што значи  двапати  или трипати  да не си стоиш до договорот, сам ќе те дисциплинира процесот  на работа. Но државата никој не може да ја дисциплинира, ако таа самата не е дисциплинирана, а при тоа бара сите други да се дисциплинирани“, додава Кучи.

Познавачите на состојбите велат дека се’ уште го немаме постигнато вистинскиот степен на финансиска дисциплина во државата на којашто сега иако состојбата е поинаква , во иднина ќе и треба инјекција од приватниот сектор. Со оглед на неговата финансиска исцрпеност, приватниот сектор, барем дел од него, до наплатата на побарувањата од јавниот сектор и понатаму ќе мора да позајмува средства за опстанок, нормално, ако има услови за тоа.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%