Политичката криза може многу семејства во Охрид да остави без леб.Ако нема разрешница, предупредуваат туристичките работници, тогаш таа сериозно ќе удри врз туризмот кој е водечка стопанска гранка во градот. Иљадници граѓани го очекуваат доаѓањето на туристичката сезона како можност да заработат некој денар повеќе, како би го преживеале остатокот од годината.
Половина Охрид живее и егзистира од туризмот како водечка економска гранка во нашиот најголем туристички центар.Но, политичката криза може да им ги расипе плановите. Ако нема разрешница, тогаш со оправданост постои стравување дека многу гости особено од странство ќе ги откажат резервираните аранжмани за Охрид.
-И да има барем една мала доза на непријатност кога ќе се помисли да се посети Македонија, некои туристи ќе се одлучат да ја заобиколат. Во Охрид секое второ семејство го надополнува својот буџет од туризмот, од активности кои не мора да се директно поврзани со туризмот. Од тезгаџијата на пазарот, па се’ до оној кој продава бижутерија покрај Охридското езеро, сите тие зависат од постителите кои ќе дојдат“, вели Климент Наумов, претседател на здружението на туристички водичи Кеј од Охрид.
Охриѓани градат спа центри, но за кого?!
Многу луѓе во Охрид своите куќи ги приспособија за пречек на туристи, изградени се стотина нови приватни апартмани со цел надополнување на семејниот буџет. Се градат нови хотелски капацитети или се реновираат некои од постоечките. Се инвестира во изградба на затворени базени и спа центири, за кои се потребни стотина иљади евра за реализација на таквите проекти. Некои дури се и странски инвестиции.
Многу би се изгубило доколку ескалира ситуацијата на политички план.Би можеле да речеме дека повеќе од половината граѓани се занимаваат со некои активности, кои се поврзани со туризам како такси кајчарите.Луѓето инвестираат и оние пари кои ги заработиле макотрпно изминатиот период ги реинвестираат за да ја збогатат понудата и доколку дојде до таква несакана состојба сето тоа би паднало во вода и се би било залудно, вели Наумов.
Ескалацијата на ситуацијата сериозно ќе и наштети на туристичката сезона и приходите кои ги остваруваат охриѓани од туризмот.
-Едно семејство не може да опстане, ако еден или двајца членови од семејството не доработат нешто, а во Охрид се знае што може да се работи. Бидејки немаме развиена индустрија, тогаш туризмот ни е единствена шанса да ја подобриме економската ситуација во нашите семејства.Би било многу тешко доколку се намали бројот на посетители, вели Наумов.
Половина Охрид живее од туризам
И еден од сопствениците на кајчиња, кој превезува туристи во Охридското езеро вели дека сите во Охрид го чекаат стартот на туристичката сезона за да заработат приходи за нив и нивните семејства.
-Со оваа ситуација ќе намали туризмот. Една амбасада да рече не е пожелно да одете оти е несигурно, автоматски тоа е поврзано. И што сакаме потоа туризам, нема да доаѓаат туристи. Сите го чекаме ова време и ние и таксистите и сопствениците на апартманите и хотелите. Тоа време е три до четири месеци. Дали е 100% полно или празно ние си знаеме, вели еден сопственик на такси кајче.
Искуставата од минатата година со политичката и мигрантската криза создава оправдан страв
И минатата година пред почетокот на туристичката сезона се случи политичка криза и мигрантски бран, поради што многу од арнжманите за мај и јуни беа откажани.Тоа на своја кожа го почуствуваа и инволвираните во туризмот во Охрид.
-Скоро и да немавме никаков ангажман моите колеги и јас.Тоа беше еден многу лош период од крајот на мај до средината на септември кога се смета дека е онаа шпиц сезона и кога треба со полна пареа да работиме, а ние скоро и да немавме ангажман. Големите тур оператори ги советуваа своите клиенти да ги дивертираат турите односно да направат план бе.И тоа многу се одрази и беше нешто што не се случило од 2001 година, вели Наумов.
И кајчарите велат дека ланската криза и тоа како ја почуствувале на сопствен грб.
-Имаше намалување на заработката.Се изретчи, кој помалку осети, кој повеќе“, вели сопственик на такси кајче превоз.
Помеѓу 10% и 30% од аранжманите за април и мај биле откажани
Туристичките работници велат дека изгубиле дел од аранжманите за април и мај.Калкулираат со бројки од 30% на откажани резервации за тој период. Теута Зиба Џеладини, сопственик на туристичка агенција, вели дека тоа е цената која ја плаќа туризмот во Охрид и Струга.
-Кризата во Македонија веќе почна да се рефлектира во туризмот.И нашите иселеници кои се во странство веќе доаѓаат поретко.Пред да дојдат прашуваат дали е добра состојбата.И туристите од лани ги има помалку.И оние од соседните држави кои доаѓаа за викенд веќе се намалува и се одразува, вели Зиба Џеладини.
-Ако треба нешто да се решава треба да се реши во следниот период, не повеќе од еден месец. Ако влеземе во месец јуни тоа е веќе во екот на сезоната и ќе биде разнесена цела една сезона“, вели Ана Јанчева, хотелски менаџер.
Најуспешна година во туризмот за Охрид била 1989 година
Охриѓани се сеќавата дека 1989 година била најуспешната година во туризмот во Охрид, кога градот го посетиле повеќе од 1 милион и 600.000 посетители, од кои 70% биле странци.Оваа година според најавите на надлежните требаше да биде најуспешна до сега по број на остварени ноќевања и посета на гости од различни дестинации во светот.
Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.