ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Државни пари за медиумски опстанок или медиумски „шепот”

today20/02/2020 30

Background

Без никакви забелешки и со консензус политичките партии преку законски измени се договорија државата да им ги плаќа медиумските кампањи. Процесот започна и по веќе одржани Претседателски избори, државата на партиите, т.е медиумите им подели 3,75 милиони евра. Медиумите поделија и колач од 900.000 евра, пари  за реферндумската капања.

За претседателската кампања  регионалните  и локалните медиуми поделија околу половина милион евра. Од тоа, најголема сума доби охридската ТВМ-100.000 евра и по 50.000 евра, ТВ Стар од Штип, ТВ Коха од Тетово и ТВ Вис од Струмица.

Oвие пари на некој начин беa спас за регионалните и локални медиуми.

Со забраната на владините реклами многу од нив згаснаа, а оние што го преживејаа преодниот период  со измената за Изборниот закон, со добиените „државни ” пари добија ветар во грб и можност за преживување од избори до избори, надополнети со финансиските средства што во зависност од иновативноста  успеваат да ги „испумпаат” од општините и Јавните претпријатија и покрај забраната за рекламирање.

Трошењето на јавни пари во медиумите останува недоречено и нерешено прашање. Со членот 102 од законот за АВМУ кој порано регулираше „информирање на јавноста” а сега „забрана за рекламирање”, сепак се овозможува евентуална злоупотреба и повторна корупција на медиумите со јавни пари.

Подоцна постоечкиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се дополни со нов член кој предвидува дека договорите кои општините ги склучиле врз основа на член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, остануваат во сила се до истекот на нивната важност.

Па така, во меѓувреме, користејќи го овој простор, општините имаат потрошено и предвидено трошоци за рекламирање и објавување на соопштенија во медиуми и за тековната 2019 година.

Генерално, забелешките на експертите и невладините  се движеа околу тоа дека двосмисленоста е во формулацијата „не смеат да предвидуваат” и дека непрецизноста на формулацијата остава можност за пренамена на други ставки од буџетите на посочените во членот. Вака срочената забрана се однесува на државните и локалните институции, не на медиумите а станува збор за закон што ја регулира работата на аудиовизуелните медиуми да се забранува нешто на институциите  и истата, без посочување на санкции, носи апсолутен ризик за корупција, сметаат експертите.

АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ДА СЕ УКИНЕ БУЏЕТСКОТО ФИНАНСИРАЊЕ НА ПЛАТЕНОТО ПОЛИТИЧКО РЕКЛАМИРАЊЕ

ДКСК смета дека  финансирањето на медиумските кампањи на партиите не е применлив од долгорочен аспект, не само за буџетот туку и за државата воопшто, бидејќи ваков модел на финансирање нема ниту по развиените демократски држави.

Според Катица Николова, член на оваа комисија, на овој начин е можно е политичко  влијание врз медиумите , што  може да се види во подоцнежните периоди.

,,Кога приходите на медиумите добиени од државниот буџет во 2018 год за изборите, упатуваат на индиции дека некои медиуми добиле многу повеќе од државата за самите избори во однос на приходите кои што ги остваруваат годишно наназад секоја година, значи дека тоа и те како влијае на уредувачката политика и на независноста и објективно известување, што значи се доведува во прашање самата независност на медиумот”, вели Николова.

Ние знаеме дека Економската моќ на медиумите е ниска и тоа ги прави да имаат апетит кон дополнителни фондови, но кога тие фондови влијаат на начинот на кои известуваат, тогаш се губи улогата на самиот медиум, смета Драган Секуловски од ЗНМ.

„Не може приватен медиум или ако некој се декларира како приватен а при тоа да има 30-50% од извори на финансирање од страна на државата да се смета за приватен. Тука веќе имаме полудржавен или полуопштински медиум. Тоа значи дека треба јавноста да знае дека кога тие медиуми известуваат, независноста на тие, не на сите, туку на дел од нив информирањето треба да се стави под знак прашалник, смета Секуловски.

МЕДИУМИТЕ СЕ ФИНАНСИРААТ САМО СО ПАРИТЕ ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ КАМПАЊИ,ТВРДИ ВЛАСТА

Државни пари влегуваат само со финансирање на медиумските кампањи за време на избори а субвенции добиваат само печатените медиуми, вели во изјава за Канал 77, Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски. За состојбите  кои упатуваат  на  тоа дека голем број регионални и локални медиуми се уште земаат огромни суми пари од општините и јавните претпријатија, тврди дека тоа не се случува и дека тоа е забрането.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски вели дека трета година по ред работат нацрт анализи за јавните средства од општините и делот од јавните претпријатија во приватните радиодифузери.

„Од 80 општини колку што успеавме да контактираме, при тоа користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, речиси половина не одговорија  на прашањето –Колку пари од буџетот на општината е потрошено за разни намени во медиумите и за новинарите во периодот од 1 јануари 2019 до јуни 2019 и Колку средства имаат намера да потрошат за таа намена одговорија 43 општини. Дел од нив не инвестирале воопшто средства  во приватни медиуми.Од оние   што планираат  ако се соберат веќе потрошените и планираните пари доаѓаме до сума од околу 400.000 евра,” вели Секуловски.

Од општините што доставувале податоци до Здружението најмногу пари во медиуми во 2019 година има потрошено Битола, со нешто над 60 илјади евра, следи Гевгелија со околу 30 илјади евра, а Гостивар е на трето место со нешто помалку од 20 илјади. По околу десет илјади евра во медиуми лани вложиле Куманово, Карпош и Кисела Вода.

Барања за вакви информации до  општините и комуналните јавни претпријатија изминатите неколку месеци испраќаше и Канал 77. Некои од општините се уште не доставија одговори а дел доставија непотполни информации.

Податоци имаат испратено 21 општина и се однесуваат на парите што ги им се дадени на медиумите за периодот 2018/2019. Она што е карактеристично е тоа што  некои медиуми заобиколувајќи го спорниот член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од општините влечат пари на креативен начин преку формирање на паралелни субјекти.Таков е случајот со штипската фирма “АМИКА ГРУП МЕДИА” која што има склучено договор со Општина Штип, а чии што основач и управител е долгогодишен административен работник на регионалната ТВ Стар. Оваа фирма има склучено договор со општината во износ од 472.000 денари.

Сопственикот на ТВ Стар, Симо Марјанов, вели дека телевизијата во моментов нема склучено договори за информирање со ниту една општина ниту пак со некое јавно претпријатие, бидејќи тоа според членот 102 од законот за ААВМУ кој стапи на сила минатата година било забрането. Меѓутоа врската што АМИКА ГРУП МЕДИА ДОЕЛ Штип има со телевизијата и целата постапка која што го следиот процесот  на преименувањето на фирмата и нејзината промена на дејност до потпишувањето на договорот  јасно упатува дека оваа регионална телевизија сепак индиректно земала  пари од општината и покрај тоа што тоа е забрането .

Општина Штип договорот првично го склучува со ,,АМИКА ГРУП М“ за период од први јануари 2019 до 31 декември 2019 .Оваа фирма  во функција на склучување на овој договор ,од основна дејност – производство на обувки,( што е и основна дејност на семејната фирма на сопственикот на телевизијата) ја менува дејноста во ,,Интернет портали“, за по три месеци фирмата се преименува во „АМИКА ГРУП МЕДИА“ со дејност-телевизиска програма и емитување, по што и општината со анекс договор, го продолжува  договорот со оваа фирма,сега со ново име.

Документи ТВСтар – АМИКА ГРОУП МЕДИА

Фирмата е во сопственост на вработена во ТВ Стар а и седиштето  е  во зградата каде што е сместена телевизијата. Според она што го истраживме, фирмата нема ниту веб ниту домен.

Низ примерот на овој договор, се гледа еден од начините кои што ги прават медиумите се’ со цел да се заобиколи забраната од член 102 само да се дојде до општинските пари.

Според  Димитар Мицев , сопственик на Регионалната телевизија ТВ Вис и поранешен претседател на Здружението на регионални и локални ТВ и радио станици ,,Медиум објектив”, кога едно јавно претпријатие  или општина користи средства за јавно информирање е една работа, но доколку се користат државни пари во било кој облик за политички цели тоа е друго и не треба да се случува.

„Ниту еден национален медиум не ги покрива регионалните и локалните проблеми  и за тоа ние сме тука. Треба да се воспостави систем според  кој, тој медиум од каде и да добива пари не смее да не биде критичен кон тие што го финансираат, ако има услови за критика. Ако некој медиум во својот буџет добива од државата  повеќе од 50%, треба да се види што всушност е изработено, дали бил во минатото критичен кон тие што го финансираат, во спротивно  очигледно е дека нешто не е во ред”, смета Мицев.

Мицев објаснува дека во претходниот период некои медиуми опстојуваа благодарение на тие пари и згаснаа со згаснувањето на владините пари, додека ТВ Вис, успеала да опстои затоа што тие средства не биле круцијални за нејзиниот опстанок.

Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашко Поцков вели дека тој имал склучено договор со ТВ Нова за информирање на граѓаните за активностите на локалната самоуправа и покрај тоа што тоа не го дозволува членот 102. Според склучениот договор општината и плаќа на телевизијата по 1000 евра  месечно, за пренесување на Седниците на советот и комисиите.

,,Како јас ќе ги информирам граѓаните за тоа што го работи локалната самоуправа, како ќе комуницирам со граѓаните и со јавноста , ако за тоа медиумите не’ информираат. Нашата работа треба да биде транспарентна а како ќе се направи тоа ако не со информирање преку медиумите.“ вели Поцков.

Дали медиумите со тоа што добиваат пари од општината, би требало да информираат поумерено, некритички, Поцков вели дека тоа никогаш не го барал од ниту еден медиум, но сепак тоа зависи од моралната и етичката димензија  на двете страни,  во случајот градоначалникот и медиумот.  ,,Правилата на играта зависи од играчите,“ вели Поцков.

МЕДИУМИТЕ СО НАЈГОЛЕМ РЕЈТИНГ- ,,ОДЛУЧУВАЧКИ КРИТЕРИУМИ” ЗА ПАРТИИТЕ

Според Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите (ЦРМ), медиумите во најголема мера очекуваат финансирањето на изборните кампањи да биде уште една дополнителна линија на некаков тип на индиректни субвенции.

,,Затоа не им е во прилог што политичките партии тоа го гледаат како просто финансирање на нивните планови за купување на рекламно време и тој што се рекламира најголем дел од парите ќе ги потроши на медиумите што имаат највисоки рејтинзи или кои имаат најголема читаност“,смета Георгиевски.

На прашањето до двете наголеми политички партии според кој критериум ги бираат медиумите каде што ќе се рекламираат  одговорија дека тоа го правеле исклучиво  според рејтинзите на медиумите, нивната гледаност, слушаност и читаност.

,,Не ги делиме медиумите“, ни одговорија од секторот за комуникации на СДСМ.

,,Единствен критериум кој што се зема во предвид е колку одреден медиум е посетуван, гледан и атрактивен“, одговори на истото прашање генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Сепак останува фактот дека тие медиуми што добиваа најмногу владини пари во изминатите 10-15 години, повторно се на врвот на листата во изборот на париите за нивното рекламирање.

На крај се’ се сведува на исто со промена на еден детал- Пред мораториумот на владините реклами  само  партијата на власт го менаџираше целиот тој процес, во денешно време тоа го прават сите партии со консензус.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%