ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Малите машини – голема инвестиција за општините

today02/04/2020 125

Background

Над половина милион евра, шест општини преку нивните јавни претпријатија потрошија за набавки на машини за чистење на улици од компанијата „Брако“ од Велес, компанија на поранешниот вице-премиер Кочо Анѓушев, во периодот 2018-2019 година кога тој беше член на Владата. Набавките се преку преку компанијата „Сандра-М“ од Кавадарци, која се јавува како продавач на возилата на „Green mashines“ на „Брако“. Постигнатите цени  се од 38.000 до над 88.000 евра, во зависнот од големината на машините и нивната моќност. Какарктеристично е што во сите шест набавки, има само една понуда, и тоа на кавадаречката компанија „Сандра-М“. Набавките на метларките, за прв пат ја внесуваат оваа компанија како економски оператор во системот на јавни набавки. Последните набавки на „Сандра М“ се во септември и  октомври 2019 година, од страна ЈКП „Дервен“ од Велес и Планскиот регион за потребите на Општина Куманово,непосредно пред завршувањето на мандатот на Анѓушев (крајот на 2019). По овој период, во февруари 2020 година, спроведена е набавка на машини за метење од ЈП „Комунална хигиена“ од Скопје, ама таму набавката ја добива друга компанија.

„Сандра М“ во Централниот регистар во 1992 година е регистирана како друштво за производство за трговија и услуги. Во Кавадарци е позната како транспортна компанија, а има и концесија за ископување на минерални суровини. Во историјатот на промени стои дека освен со транспорт се занимава и со нискоградба. Како се нашол во бизнисот со машините за метење улици и соработката со „Брако“, го прашавме нејзиниот сопственик Љупчо Милошев. Прво се согласи да одговори на прашањата, но потоа откако требаше да ја објасни врската со „Брако“ и начинот на соработка, Милошев го прекина разговорот и одби да одговара. При тоа, грубо и со вулгарности побара да не објавуваме ништо од разговорот.

Што е тоа што го разбесни нашиот соговорник?

Според податоците од системот за јавни набавки, од компанијата „Сандра-М“ метларки набавиле ЈП „Исар“ од Штип, кој плати 86.150 евра за машината 636 од „Green mashines”. Истата машина е набавена и од страна на КЈП „Водовод“ од Кочани, но за поскапа цена за 2000 евра, односно за 88.356 евра. Најскапа е таа на ЈКП„Дервен“ од Велес, која е купена за 88.548 евра. Сите набавки имаат само една понуда, таа на „Сандра М“. Помали машини од кавадаречката компанија имаат набавено ЈП „Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ)“, која купи помала машина за чистење на паркиралишта за 38.259 евра, потоа ЈП „Плаваја“ од Радовиш за 42.483 евра. Најголемата набавка ја реализира Центарот за развој на Североисточниот плански регион, кој за потребите на Регионалниот спортски центар во Куманово, набави три метечки машини за 172.356 евра.

Она што е индикативно е што при подготвката на барањето за јавната набавка во критериумите за машината, специфично се наведени карактеристики на метларките од прграмата „Green mashies’ на „Брако“.

Во понудата од ЈП „Исар“ од Штип за набавката што ја доби компанијата “Сандра М“ со метларката на „Брако“, во системот за јавни набавки е наведено дека се бара машина со дизел мотор со силина на мотор од 30 киловати, со висина на возилото од 1980 милиметри и ширина од 1140 милиметри, што сосема идентично на моделот 636 на „Grееn mashines” на „Брако“.

Поранешната членка на Државната комисија за борба против корупција, Вања Михајлова, која има долгодишна експертиза во јавните набавки, вели дека прецизираните услови и критериумите на набавката можат да покажат дали има обиди за манипулација.

-Многу е толку суптилно, не е директно и на база на анализа на техничките спецификации на набавката, може да дојдете до одредени сознанија, изјави Михајлова.

Од Јавното претпртијатие „Исар“ од Штип одговорија дека  точно е дека по дадените специфики на набавката учествувала само фирмата „Сандра М Љупчо“ ДООЕЛ.

-Јас не знам дали оваа фирма има врска со вицепремиерот и немавме никакво влијание, бидејќи сите тендери се електронски, учествуваат на овие понудувачите и не гледам никаква врска меѓу оваа фирма и „Брако“. Може има некоја врска, но јас не можам да знам, ниту да навлегувам во тоа дали има некаква врска некоја фирма кога учестввува со некој политичар или функционер, одогвори директорот Живко Тасев.

Тој дополни дека законот дозволува да се прифати набавката на една единствена понуда  како што рече„ако е во проценетата вредност се смета како единствена прифатлива понуда“.

Набавките на метларките преку „Сандра М’ се од компанијата „Брако“, која е произведител на австриската програма „Green mashines“. Шесте набавки се во периодот кога основачот на компанијата, Кочо Анѓушев беше потпретседател на македонската влада за економски прашања. Со доаѓањето на оваа висока позиција, Анѓушев изјави дека ги става во мирување сите негови позиции во компаниите, вклучително и таа во „Брако“. Така и изгледа, со еден исклучок. Во тековната состојба на компанијата „Биострада“, компанија за производство на комунални машини, која е деловно поврзана со „Брако“(извор: Централен регистер, јануари 2019), стои:

„За секое правно дело или повеќе поврзани правни дела, кои го надминуваат износот од 1000 евра (освен за плати и комунални трошоци), на Управителот (Иле Атанасов), му е потребен потпис од проф. д-р Кочо Анѓушев.  „Биострада“ според сајтот на „Брако“ заедно со „Грин машинс“ се дел од портфолиото на „Брако“.

На барањето за одговор на нашите прашања, Анѓушев само прокоментира зошто е предмет на интерес, сега откако не е веќе владин функционер и не’ упати на неговиот портпарол.

„Проф. д-р Анѓушев ја извршуваше функцијата заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација со економските ресори почитувајќи го Уставот и Законот и со најдобра воља за решавање на сите економски предизвици, стои во одговорот на ПР службата на Анѓушев.

На прашањето за односот со компанијата „Сандра –М“, од Брако одговараат дека немаат ексклузивни дистрибутери, туку може да продава кој сака.

Во велешкото ЈКП „Дервен“, каде за метларката платија 88.548 евра,  знаат дека „Сандра М“ продава за „Брако“ и како единствена понуда на тендерот, ја прифатиле. Директорот Тони Јовиќ кажа дека претходно направиле истражување на пазарот и заклучиле дека тие на „Брако“ имаат најповолни цени. За тоа дали набавената метларка е според очекувањата, Јовиќ вели дека тоа допрва ќе го утврдуваат.

-Единствено „Брако“ конкурираа за оваа цена, и според претходно спроведена постапка – јавен оглас ние моравме да го избереме него. Поради тоа што машината е набавена во зимски период, ефектот може да се види во наредниот период, кажа Јовиќ.

Токму ова јавно претпртијатие, според докумеnтите што ги презентира градоначалникот на Велес, Аце Коцевски беше едно од позадолжените општински претпртијатија во државата со 1,5 милиони евра долг. Во февруари годинава, Коцевски на прес конференција објави дека општината ги платила сите обврски на ЈКП „Дервен“.  Се наметнува прашањето зошто едно општинско препријатие, кое кубури со финасии, се одлучува за машина од близу 90.000 евра, за која според кажувањето на директорот, „ефектите допрва ќе ги видат“?

Имањето на ваквите машини во состав на едно јавно претпртијатие, според исказите на директорите на двете јавни претпријатија заменуват неколку работници и се ефикасни. Mеѓутоа, не секоја општина може да си ги дозволи. Ова го потврдува градоначалничката на Општината Македонска Каменица, Соња Стаменкова. Општината поседува стара метларка, за која пред некој месец во тендерските постапки, имаше јавна набавка на резервни делови.

– Ние и да сакаме, како мала општина не можеме да дозволиме да потрошиме 90.000 евра за метларка. Нам ни требаат камиони за смет, кои се поефтини и чинат меѓу 50.000 и 60.000 евра. За тие пари ќе купиме и камион и контејнери,што ни се попотребни од метларката, изјави Стаменкова.

Камиони или метларка?

Суштинското е што е попотребно и ако веќе се набавува, кои се мотивите за таа набавка? На фаворизирање на одредени работи при набавките  и ризик од субјективност, укажува Државниот завод за ревизија во објавениот изештај: „Ефективноста на единиците на локалната самоуправа во годишното планирање и реализација на годишниот план за јавни набавки“  (ДЗР 2017)

„Барањата за потребите за јавни набавки се секогаш поголеми од ресурсите со
кои располага општината. Ниедна општина нема дефинирани критериуми (број на
жители, итност на изведба, значајност на проект)  врз основа на кои ќе се
изврши избор на приоритетни проекти опафтени со годишната програма, така
што најголемиот дел од изборот е одлука на органите на општината. Немањето
на јасни критериуми за начинот на изборот на приоритетни проекти, создава
ризик од субјективност во одлучувањето и фаворизирањето на одредени работи“, стои во ревизорскиот извештај.

Цената, карактеристиките, кавалитотот и некаде за крај оставено суштинското – добиената вредност за дадените пари. Се’ од ова е на вага во некоја подлабока анализа, паралелно со наметнатото прашање, дали еден висок владин фунционер, како што тоа бил сега бизнисменот Анѓушев, како вицепремиер имал моќ да тргува со влијание при јавните набавки на општината.

Вања Михајлова вели дека тоа е особено тешко докажливо.

-Тешко се открива, но да дојдете до тоа, треба да земете многу повеќе околности, да направите целосна анализа дека некој се јавувал или интервенирал или дали некој од централната власт можел на општината или јавното претпријатие. Или дали еден министер за економија на пример може да интервенира во здравство на пример, изјави Михајлова.

Михајлова зборува за делото трговија со влијание, што дел од експертите го опишуват со ситуација кога службено лице го злоупотребува своето влијание за донесување одлука која е од интерес за трета страна( лице, институција или Влада) за возврат за неговата лојалност, пари или друга материјална или нематеријална корист.Трговијата со влијание, исто така, се дефинира и како корупција која е ориентирана кон моќта, која е фокусирана главно за добивање вработување и со влијание врз оние кои ја имаат таа моќ, како корупција која е насочена кон богатство и која ги таргетира  договорите на Владата, имплементација на определени политики или специфични аспекти на легислативата. Македонското законодавство го внесе како ново дело во Кривичниот закон.

Меѓутоа, темата со општинските набавки на метларки од „Брако“, помина незабележано, неанализирано, затоа што, според антикорупциноерите, во секоја земја борбата против корупција се сведува на откривање на големите случаи на корупција. Целта е, по пример на Хонг Конг или Сингапур, да се даде порака до јавноста дека никој не е недофатлив. Сепак, како што велат, тоа не значи дека и ваквите предмети смеат да се занемарат, особено кога и 10.000 евра за една мала рурална општина се големи пари.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%