ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Македонија не е само Скопје

Колкава е цената на човечкиот живот, кога понекогаш зависи од хуманоста на добрите луѓе

today11/02/2019 112

Background

Хуманоста ја отсликува големината на еден човек.Таа е најчовечната особина, доблест за секој поединец.Низ приказната на две семејстава,на Валерија Зафировска од Штип и Никола Новоселски од село Муртино, ја пренесуваме нивната битка со времето, битка која што значи живот за нивните деца . Како ја прифатиле реалноста? Како се снаоѓаат низ лавиринтите на опшtеството, како тоа се одразува на нивното семејство? Зошто за едни се организираат хуманитарни акции, експресно се собираат пари, за други не

Насмевката на лицата на децата, гласната смеа и блескавиот сјај во нивните очи е желба на секое семејство. Здраво и среќно дете, значи насмевка на лицето на секој родител. Тоа ја храни неговата душа, му дава крилја да успее во животот, да го трасира патот по кој ќе чекорат и неговите деца.

Но понекогаш тоа не е можно.Секојневно сме бомбардирани со информации за сообраќајни несреќи кои земааt жртви, кои оставаат повредени со трајни последици. Секојдневно сме информирани за лица кои обременети со тешки болести, бараат спас и искра надеж за живот.

Приказните се различни, познати и непознати, но сите водени од една заедничка нишка – да се победи во таа битка што значи живот. Често пати со искрената и несебична желба на хуманите луѓе да помогнат, таа битка станува реалност, честопати задоцнета, честопати недоволна . . . Но хуманоста е секогаш присутна, таа е тука, чека некој да го придвижи механизмот.

Благодарение на тој механизам, како што раскажува таткото на Валерија, што како пожар допрел до совеста буквално на секој штипјанец и млад и стар, беше потребна само една недела да се соберат потребните средства за лекување на малата Валерија Зафировска. Откако и’ беше дијагностициран тумор на мозокот и укажано на потребата од хируршка интревенција, почна голготата на семејството Зафировски. Во болница во Турција рекле дека ќе ја оперираат со 85 отсто успешност и сето тоа ќе чини 40.000 евра. Од Фондот ветиле дека ќе се обезбедат парите и оти мора да се обезбеди конзилијарно мислење, но добиле и одобрување, во прилог на времето и поради влошувањето на состојбата на детето, да се обидат да соберат средства преку апел за донација. И кога мислеа дека светот им се урнал, се случи чудо во облик на граѓанското несебично чуство да се помогне кога некому му е потребно.

– Ние оставивме слики, оставивме апел и навистина бевме изненадени од големата хуманост. Беше сабота вечер кога го поставивме апелот и утредента кога се разбудивме и видовме што се случи и самите не бевме свесни. Почнаа да се организираат концерти, како да немаше човек или фирма во Штип што не донираше. Парите беа експресно собрани, за неполна една недела. Средствата за операцијата сепак ги обезбеди Фондот, па така парите што беа собрани дел ги дониравме за други деца, останатиот дел ќе ги донираме по целосното оздравување на Валерија – ни’ раскажа таткото на Валерија, Зафир.

Никола во Русија се лекува со матични клетки, за секој третман потрбни се многу пари

Приказната на Никола Новоселски од струмичкото село Муртино е поинаква, но и иста. Во сообраќајна несреќа во кое што едно лице починало, Никола преживеа, но неговата борба и на неговото семејство трае веќе шест години. Педесет дена Никола бил држен на вештачка кома и по пет месеци во болница, од штипската, во ,,Свети Еразмо“ и на Карил во Скопје , пуштен е дома и сега за него се грижи неговата мајка. Потрагата по лекување кое што ќе му ја подобри состојбата ќе ги однесе до Русија. Таму почнуваат третман со матични клетки, кој што се’ уште трае и секој третман со престојот чини по 18.000 евра, а цената за секој нареден третман се намалувала. Барањето за помош од ФЗО им било одбиено, затоа што Македонија лекувањето со матични клетки не го признава.

Никола Новоселски со неговата мајка Маре

-Постапката на лекување со матични клетки е земање на крв од болниот, крвта се прочистува и се прават околу 20 дози матични клетки и се распоредуваат. На секој третман се ставаат по две дози. До сега се потрошени половина. Првото одење и третман во Русија не чинеше 50.000 евра. Ги дадовме сите средства што ги добивме од осигурувањето. Подобувањето на здравјето на Никола е очигледно – вели мајката на Никола, Маре.

 

Кога ќе се дознае дијагнозата, по состојбата на збунетост и неверување почнува да се бара решение

По добивањето на дијагнозата, семејствата се соочуваат со збунетост, отсутност и неверувње. Потоа започнуваат да бараат решенија.

– Тогаш кога болеста е сериозна и значи подолготрајна онеспособеност, а семејствата не можат да си ги дозволат лекувањата, тогаш почнува нивната голгота. Сите ние сме подготвени за одстапки кога станува збор за здравјето особено ако се работи за здравјето на нашите деца и како родители би направиле се’ – вели доктор доцент Македонка Радуловиќ, раководител на Институтот за семејни студи

Но, колку е можно во такви тешки моменти да се размислува со бистра глава?

– Само позитивна мисла може да ве одржи во живо.Тоа го знаат луѓето што имале ваков проблем и знаат како е да се биде на оваа страна. И јас самиот влегов во една состојба, не излегував од дома првите денови. Ситуацијата ја знаат само тие кои што имале ваков проблем и не посакувам никој да знае како изгледа тоа – истакнува таткото на Валерија.

Слино зборува и мајката на Никола, Маре.

– Почнав со дијазапами, со лексилиуми, но потоа сама на себе си реков – не смеам да паднам под влијание на лекови, затоа што сум му потребна здрава на мојот син за да можам да му помогнам. На Никола му треба нега 24 часа нон-стоп – вели таа.

И таткото на Валерија и мајката на Никола се со души полни со благодарност на сите што несебично помогнаа и се’ уште помагаат во собирањето средства за лекувањата. Се случуваат работи кои ја допираат секоја човечка душа. Неодамна другар на Никола од детството, Живе, донирал средства, пари што како подарок ги добил на својата свадба.

-Мотивот пред се’ ми беше да го видам другар ми пак на нозе, повторно како што беше. Па, со Никола сме другари од детството – нагласува Живе.

Сепак, мора да се признае дека не секогаш апелите за помош се успешни и допираат до совеста на граѓаните и парите се собираат толку брзо како што е случајот со собирањето на средствата за лекувањето на малата Валерија.

– Можеби експресно раширената вест и краткиот временски рок во кој беа собрани парите се должат и на тоа што моето семејство е познато во градот. Цел живот и јас сум по чаршијата. Нема некој што не ја знае или не чул за нашата кафеана. Имаме многу луѓе што ги знаеме и не’ знаат. Хуманоста пред се’ зависи од луѓето – вели Зафир

„Донираме за болни деца“, велат главно граѓаните што ги анкетиравме.

– Ќе донираме само за такви деца, на кои навистина им е потребна помош . Донираме и ќе донираме . На Фејсбук е преплавено со апели за помош. Секој ден има такви објави. Сепак, тоа не е доволно и треба пред се’ државата да помогне . Хумано е секој кој што може и колку може да донира. Се’ се остава на совеста – велат граѓаните.

Но, дали и колку државата може да се справи со сите тие случаи и барања за лекување надвор од земјата, тогаш кога времето е најголемиот непријател во битката за живот. Собирање донации од хуманите луѓе, формирање на посебен фонд за вакви итни случаи или градење на домашни капацитети во кои ќе се лекуваат и најтешките случаи?

-Сметам дека во последните десет години голем број од овие операции кои сега се вршат во странство, државата претходно имаше капацитет да ги лекува овде и значителна сума пари сега се одлеваат во странство. Нашиот предизвик како држава е како да изградиме домашен капацитет за одредени дејности со цел да ги надминеме некои од овие ситуации кои што постојат. Факт е и тоа дека нашите граѓани се хумани и помагаат тогаш кога е потребно – вели директорот на Фондот за здраство, Ден Дончев.

И за собирање пари за хуманитарни цели потребна е добра маркетинг стратегија

Според професорката Радуловиќ,токму поради преголемиот број на повици за донации, луѓето се веќе презаситени и реално не можат да одговорат на сите.

– Поголем успех ќе имаат тие кои се поагресивни, погласни, поприсутни. На некој начин, станува збор за маркетинг-стратегија. Жално е да се нарече така, но. Сепак, кој случај ќе биде прикажан како потажен, која приказна ќе се прикаже повеќе пати и на повеќе медиуми, се очекува да допре до повеќе луѓе и да добие повеќе средства. Жално е што семејствата се оставени сами на себе тогаш кога се соочуваат со сериозни семејни кризи, кои предизвикуваат нарушување во функционалноста, но и други проблеми кои што можат да доведат до распаѓање на целото семејство – вели Радуловиќ.

Некој напишал дека хуманоста е ретка птица која лета во рамките на напатеноста. Тој што се соочил со потребата од барање помош тоа најдобро го знае, уште повеќе ако и покрај собраните пари, направените операции, соодветните или несоодветни терапии и лекувања на крај се’ е безуспешно, па виновниците, со право или не, се бараат во институциите, во опшеството. Секој случај е посебен, секој си има своја приказна.Нашата приказна ќе ја завршиме со една мисла на Махатма Ганди .

Не смеете да ја загубите вербата во хуманоста. Хуманоста е океан, ако се заматат неколку капки, нема и целиот океан да биде валкан.
Хуманостане е одлика на духовно сиромашните. Хуманоста ја отсликува големината на еден човек.Таа е најчовечната особина, доблест за секој поединец.Таа е дел од принципите на еден граѓанин. Дел од животната етика.

Текстот е дел од проектот „Македонија не е само Скопје“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%